28 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТрговците повеќе нема да можат да прават „распродажба“ кога ќе им текне!

Трговците повеќе нема да можат да прават „распродажба“ кога ќе им текне!

Стапуваат на сила нови правила во трговијата. Пратениците усвоија закон за подобрување на правата на потрошувачите. Законот е со европски вредности и зголемени казни за непочитувачите на регулативата. Од Организацијата на потрошувачи велат дека заштитата на правата на потрошувачи станува идентична со оние на граѓаните на Европската Унија. Измените во законот според нив даваат повисока заштита на потрошувачите, како на пример во делот на гаранцијата.

До сега во текот на гарантниот рок ако производот се расипел три пати граѓаните имаа право да побараат нов производ, сега тоа е намалено на два пати, и доколку има ист дефект на производот, во тој случај ќе може веднаш да се замени производот.

Од сега на излозите на дуќаните нема да смее да се означува дека има распродажба во било кој дел од годината, како тоа што досега се правеше.

„Со законот сега се регулира и распродажбата, и тоа веќе е дефинирано. Од сега ќе има сезонска продажба, акциска продажба, но ако стои распродажба тогаш станува збор дека продавницата ќе се затвора или трговскиот субјект се затвора и во тој случај ги продаваат сите производи што ги имаат и само во тој случај може да биде насловено како распродажба. Ако станува збор за сезонска продажба во тој случај точно се определени периодите. Ќе има летна и зимска продажба. Летната е од 25ти август до 25ти септември а зимаската е од 25ти декември и ќе трае до 25ти јануари“, велат од Организацијата на потрошувачи.

Она што е новина исто така е потрошувачкиот приговор. Ова значи дека секој потрошувач доколку смета дека од одреден производ не е задоволен или не е како што треба, не е соодветен или пак има некој недостаток има право да поднесе потрошувачки приговор. Тој се поднесува кај давателот на услугата или во продавницата. Трговецот мора да го прими приговорот, да го заведе и да води евиденција на приговорот, и мора во рок од 15 дена да даде одговор на потрошувачот. Во одговорот треба да стои дали ќе го замени производот, ќе го поправи или ќе ги врати парите на потрошувачот. Ова според организацита е начин со кој на подобар начин може да се реши спорот помеѓу трговецот и потрошувачот. 

„Ако трговецот не даде одговор во рок од 15 дена или ако воопшто не сака да го прими приговорот тогаш веднаш ќе следува казна. Тоа веднаш може да се пријави кај надлежниот инспекторат кој ќе изрече прекршочна санкција за тоа дека трговецот го прекршува законот“, додаваат од ОП.

Во законот е предвидено и колективно застапување. Тоа ќе може да го прави или Организација на потрошувачи или други здруженија кои ќе добијат овластување од министерството за економија каде ќе се води листа на овластени тела кои ќе можат колективно да ги застапуваат интересите на потрошувачите.

Од министерството за економија за Денар велат дека со овој Закон од една страна, се обезбедува високо ниво на заштита на правата за потрошувачите, а истовремено се гарантираат полесни услови за деловно работење. Потрошувачите чии права се повредени со користење на нечесни трговски практики, измамнички и агресивни трговски практики од страна на трговецот имаат право на надомест на штетата која ја претрпеле, имаат право и на сразмерно намалување на цената и раскинување на договорот, додека за трговците следат глоби, санкции и забрана за вршење на дејност.

„Со овој Закон кој целосно е усогласен со европската регулатива се уредуваат правата и обврските на потрошувачите и на трговците во потрошувачките односи, начините и постапките на заштита на правата на потрошувачите, информирањето на потрошувачите, унапредувањето на знаењето на потрошувачите за нивните права и начините и постапките на нивна заштита, правата и обврските на здруженијата и сојузите за заштита на правата на потрошувачите, правата и обврските на надлежните органи“, велат од министерството за економија

Со новото законско решение се овозможува подобро остварување на правата на потрошувачите преку ефективен надзор на пазарот, подобро информирање и едуцирање на потрошувачите за нивните права, зајакнување на независноста и репрезентативноста на здруженијата за заштита на потрошувачите и обезбедува инструменти за брзо решавање на потрошувачките спорови како можноста за колективно решавање на потрошувачките спорови.

А ова се и глобите кои ги предвидува новиот закон за потрошувачи.

-За прекршување на одредбите од овој Закон предвидени се и глоби и тоа:

-За микро трговци глоба во износ од 500 до 1.000 евра, а 150 евра за одговорното лице

-За мал трговец глоба во износ од 1.000 до 2.000 евра, а 250 евра за одговорното лице

-За среден трговец глобата изнесува од 2.000 до 5.000 евра, а 350 евра за одговорното лице

-За големите трговци глоба во износ од 5.000 до 10.000 евра, а 500 евра за одговорното лице

-Глоба во износ од 50 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичкото лице, односно на трговецот-поединец за прекршокот

Во делот на прекршочните санкции предвидена е привремена забрана за вршење на дејност и тоа во траење од три месеци до две години, од страна на надлежен суд за среден трговец и голем трговец, и од 15 до 30 дена за микро и мал трговец, од страна на Комисијата за одлучување по прекршок.

На одговорните лица пак е кај правни лица, е предвидена забрана за вршење на професија, дејност или должност во траење од три месеци до една година, од страна на надлежен суд, а кај трговецот-поединец во траење од 15 до 30 дена, од страна на Комисијата за одлучување по прекршок.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП