19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСветската банка очекува цените на енергијата да паднат за 11 отсто во...

Светската банка очекува цените на енергијата да паднат за 11 отсто во 2023-та

Цените на енергијата ќе паднат за 11 отсто во 2023-та година, откако оваа година пораснаа за 60 отсто во услови на тековната војна на Русија во Украина, иако глобалното економско забавување и кинеските мерки против Ковид може да предизвикаат – голем пад, предвидува Светската банка.

Според меѓународната институција, просечната цена на меѓународниот нафтен репер Брент следната година ќе биде 92 долари за барел, а се очекува да се намали на 80 долари за барел во 2024-та година. Овие вредности се значително повисоки од 5-годишниот просек на цената на Брент од 60 долари за барел.

Светската банка во својот извештај за прогноза на стоковните пазари објави дека извозот на нафта на Русија ќе се намалува за 2 милиони барели дневно поради западното ембарго и ограничувањата за нафтените товари и трансфери кои ќе стапат на сила на 5-ти декември.

Предложениот плафон на цената на Г-7 за руската нафта ќе влијае на рускиот извоз, но за да има ефект ќе биде неопходно да се вклучат големите пазари во развој, иако таквиот механизам останува непроверен, признава Светската банка.

Според оваа институција, посилниот долар, како и намалувањето на вредноста на валутите на повеќето економии во развој, ги зголемува цените на храната и горивата, што може да ја влоши несигурноста на храната, која веќе погодува околу 200 милиони луѓе ширум светот.

„Комбинацијата на зголемени цени на суровините и постојана депрецијација на валутата се претвора во забрзана инфлација во многу земји“, рече Ајхан Косе, коавтор на извештајот на Светска банка.

Според него, пазарите во развој треба да се подготват за „период на уште поголема нестабилност на глобалните финансиски и стокови пазари“.

Амортизацијата на валутата значи дека речиси 60% од пазарите во развој и економиите увозници на нафта забележале пораст на цената на нафтата во локална валута од почетокот на војната во Украина на 24-ти февруари.

Речиси 90 отсто од овие економии, исто така, забележаа поголем пораст на цените на пченицата во локална валута, додаде Светската банка.

Инфлацијата на цените на храната во просек изнесуваше над 20% во Јужна Азија во првите три квартали од 2022-ра година, додека просечната инфлација во другите региони, вклучувајќи ги Латинска Америка и Карибите, Блискиот Исток и Северна Африка, Субсахарска Африка и Источна Европа и Централна Азија, варира помеѓу 12% и 15%.

Иако цените на енергијата се намалуваат, тие сепак ќе останат 75% над нивниот петгодишен просек, додаваат од банката.

Цените на природниот гас и јагленот се очекува да се намалат во 2023-та година од рекордното ниво во 2022-ра година, но цените на австралискиот јаглен и природниот гас во САД сѐ уште се очекува да бидат двојно поголеми од нивните петгодишни просеци до 2024-та година Цените на природниот гас во Европа би можеле да бидат речиси четири пати повисоки, предупредува Светска банка.

Производството на јаглен, во меѓувреме, нагло се зголемува бидејќи големите извозници го зголемуваат производството, ставајќи ги во опасност целите за климатските промени.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП