29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНовите антикризни мерки се бројат на една рака!

Новите антикризни мерки се бројат на една рака!

На стопанството и на граѓаните им се потребни нови конкретни мерки. Експертите направија анализа и објавија дека минимален е бројот на мерки кои се нови во борбата против енергетската криза. За опозицијата, власта е несериозна во обидот да стави контрола врз моменталната криза. Од партијата ВМРО-ДПМНЕ испратија серија предлози и мерки до Илинденска број два со цел на некој начин да помогнат во овие тешки моменти. Власта останува на ставот дека будно ја следи ситуацијата и дека ниту еден граѓани нема да остане без електрична енергија и без храна.

Според Институтот за економски анализи Finance Think вредноста на таргетираните мерки за спревување со енергетската криза изнесува 30 милиони евра. Во нивната анализа се наведува дека  всушност од најавените 19 мерки само пет се комплетно нови и наменети за одредена категорија на граѓани. Finance Think во категоријата нови мерки ги наведува :

„Поддршка од три илјади денари за ранливи категории на граѓани во следните четири месеци. Во следните четири месеци по шест илјади денари ќе добиваат примателите на ниски пензии, кредитна линија за мали и средни претпријатија за поддршка на ликвидноста. Вклучување на училиштата на регулиран пазар на струја, контрола на цена на струја за јавни здравствени установи и мерни станици“, стои во анализата на Институтот за економски анализи.

Во истражувањето се наведува дека како кризни мерки кои досега се познати на јавноста се: Повластената ДДВ стапка од 5 отсто за промет на електрична енергија за домаќинствата. Одложена еколошката такса, ослободување од ДДВ при увоз на струја и природен гас. Линеарни мерки според Институтот се: субвенционирање на цената на струјата за домаќинставата и малите потрошувачи, како и замрзнување на трговските маржи на производи за исхрана. Finance Think како редовни или некризни мерки кои ги објави владата, а сепак помагаат на граѓаните и компаниите во услови на енергетска криза ги наведува: усогласување на износот на пензиите, усогласување на износите на социјалните помошти, кредитна линија на зелена традиција, Проекти за енергетска ефикасност од Светска Банка, субвенција за електрична енергија за ранливи категории на домаќинства, кредити за инвестиции на енергетско ефикасни проекти, поврат на ДДВ, гарантен фонд, и консултативна поддшка за енергетко ефикасни инвестиции.

По објавата на првиот сет на владини мерки реагираа и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Од таму сметаат дека Владата несериозно пристапува кон кризата. Како образложение на ова тврдење опозиционерите велат дека мерките се обичен маркетиншки трик и не нудат реално и одржливо решение за клучните проблеми кои ги има државата. Ставот на ВМРО е дека понудените мерки не нудат излез од енергетската криза која веќе преминува во финансиска и социјална криза.

„Овој пакет мерки не нуди решенија за инфлацијата, ниту пак за енергетската криза и како да се помогне на фирмите, кои имаат веќе исцрпена ликвидност. Овие мерки се само популистички мерки со кои се купува привиден мир за секој еден месец. Мал е износот на средства за мерките кои се насочени кон најранливите категории на граѓани односно вкупно 20,2 милиони евра. Но, овие мерки во вид на финансиска помош доаѓаат по високиот ценовен удар и силното осиромашување на населението заради неспособната, неподготвена и неозбилна Влада која ни ја води економијата и државата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата дадоа серија на предлози до владата се со цел како што велат да помогнат во ова кризно време. ВМРО-ДПМНЕ предлага вишоците на струја кои ги произведува ЕСМ, а кои се јавуваат во текот на ноќта и викендот да бидат отстапени на стопанството по цена која што е произведена за АД ЕСМ. Потоа, секоја компанија која ќе плати цена на струја која е над цената на струјата на регулираниот пазар на електрична енергија, односно која ќе плати над 200 евра за еден мегават час електрична енергија, половина да го плати државата. За граѓаните да се воведе викенд без ДДВ за основните прехранбени производи, со цел поевтини производи за граѓаните. Да се дозволи интервенција во Законот за личен доход, преку предлог на измена во Законот за личен доход со кој и понатаму ќе останеме со низок и рамен данок. Опозиционерите сега очекуваат Владата и Ковачевски сериозно да ги земат во предвид овие мерки.

Од Владата остануваат на ставот дека сите мерки државата ќе ја чини 350 илјади евра. Од Илинденска број два порачаа дека никој нема да биде оставен сам да се справува со последиците.

„Оваа криза со која што се соочуваме не само тука, туку и во најразвиените земји е најтешката, најголемата криза после Втората светска војна, вие гледате дека сите извештаи на медиумите укажуваат дека се работи за највисоки стапки на инфлација во последните 50 години. Ќе биде тешко и кај нас, ќе биде тешко и во многу други земји, но тука дома сите да имаат доволно греење и доволно храна за да ја преживееме зимата“, велат од Владата.

Сега на граѓаните, работниците само им останува да ги чекаат новите мерки на владата. Според најавите од надлежните компаниите треба да добијат некава помош од државата до крајот на овој месец.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП