29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДали Норвешка е воен профитер?

Дали Норвешка е воен профитер?

Во август Норвешка постигна суфицит во трговската размена со светот од рекордни 197,7 милијарди норвешки круни (19,54 милијарди долари), пред се благодарение на скокот на цените на гасот, покажа официјалната статистика.

Ројтерс пишува дека со дневно производство од околу четири милиони барели нафтен еквивалент, речиси подеднакво поделено на нафта и гас, Норвешка е рангирана меѓу победниците во услови на силен раст на цените на енергенсите на светските пазари.

Извозот беше речиси два и пол пати поголем и достигна 287,8 милијарди круни. На месечна основа, тој порасна за четвртина, а растот на извозот беше главно поттикнат од скокот на испораките на природен гас, кои беа во вредност од 176,4 милијарди круни, учествуваа со 61 отсто од вкупниот извоз и беа четири и пол пати повисоки отколку во истиот месец во 2021 година, додека се зголемени за 37,3 отсто во однос на јули.

По значително намалените испораки од Русија, Норвешка на тој начин стана најголемиот снабдувач на гас во Европа.

Поради сето ова претставникот на норвешката опозиција Расмус Хансон упати остра порака до владата на неговата земја во која порача дека војната во Украина не е причина за барање поскапување на гасот.

Централно-левичарската влада на нордиската земја – составена од Социјалдемократите и Партијата на Центарот – вели дека Норвешка не треба да се обвинува за пазарните сили кои се надвор од нејзината контрола. Но, Хансон, поранешниот лидер на норвешката Партија на зелените, не го прифаќа аргументот на владата.

Тој го нарече „морално погрешно“ да се профитира од зголемените цени поттикнати првенствено од војната и заклучи дека Норвешка, исто така, ризикува да ги оштети односите со клучните европски трговски партнери, принудувајќи ги да плаќаат толку високи цени на гасот.

Фонд за солидарност за обнова на Украина

„Мислам дека Норвешка е кратковидна и премногу себична. Имаме ненадеен профит кој е многу голем, но прашање е дали овие пари ни припаѓаат нам, сè додека очигледната причина за ова зголемување на цените и овој дополнителен приход е катастрофата што го снајде украинскиот народ“, рече Хансон.

Хансон сака дополнителните пари да одат во солидарниот фонд што би се користел за обнова на Украина по војната. Тој рече дека експертите треба да утврдат што треба да се смета за „нормална“ цена на гасот, а се што е над тоа треба да се смета за воен профит.

Иако неговите идеи не се добро прифатени во Владата и другите опозициски партии, во другите делови на Европа неговиот аргумент почнува да добива на сила.

„Норвешка треба да го подели огромниот профит што го направи како резултат на повисоките цени на нафтата и гасот, особено со Украина“, рече полскиот премиер Матеуш Моравјецки претходно оваа година.

Тресеа Рибера, шпанскиот министер за еколошка транзиција, неодамна ги нарече „вознемирувачки“ цените што и се плаќаат на Норвешка за гас.

Но, се чини дека ниту огромниот прилив на пари, ниту поскапувањето на бензинот не ги загрижува Норвежаните. Владата најави дека ќе издвои околу една милијарда евра за програма со која се плаќа 90 проценти од сметките за електрична енергија во домаќинствата кога цените на големо се зголемуваат над пропишаното ниво, а со невработеноста на само три проценти, а цените се уште не растат, енергетската криза сè уште изгледа милји далеку.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП