29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГраѓаните бараат фотоволтаици со поголема моќност, фирмите инсистираат олеснети процедури за монтирање,...

Граѓаните бараат фотоволтаици со поголема моќност, фирмите инсистираат олеснети процедури за монтирање, а владата вели постојат правила!

Мерките со кои власта планира да заштеди 15 отсто од електричната енергија се несериозни и тешко остварливи. Вака, со неколку зборови експертите го коментираат планот на Министерството за економија за пребродување на можеби најтешката зима во последниве неколу децении. Наместо да штедат граѓаните треба да инвестираат во енергетиката, децидни се експертите. Бизнисот веќе испрати барања до Илинденска број два, едно од тие барања е и намалување на бирократијата при инвестиции во инсталирање на фотоволтаици. Од Владата велат правилата за инсталирање на фотоволтаици се веќе утврдени.

Еден од најискусните професори и енергетичари од Македонија, Константин Димитров вели дека самите власти не веруваат дека државните енергетски капацитети ќе ја произведат потребната струја за граѓаните, па затоа и решија да носат мерки и планови за штедење на електричната енергија. Тој вели дека наместо да се нуди мерка за штедење, треба да се даде шанса со стимулирање на производство на дисперзираните производители односно на домаќинствата. Со моменатлните дозволени шест киловати електрична енергија која може да ја произведуваат фотоволтаиците на крововите на граѓаните е депласирано, и тоа според професорот нема никакво оправдување. Димитров вели, не треба да има ограничување на моќноста на фотоволтаиците.

„Со шест киловати инсталирани, домаќинствата не можат да произведат доволна количина на енергија. Зошто посериозно да не се стимулира да се помогне финансиски на домаќинствата за инвестирање во фотоволтаици. Тоа што нема да се искористи од страна на домаќинствата, државата ќе ја превземe, а ќе ја плати по цена од околу 40 евра за мегават час, наместо да ја купува на берзи по високи цени кои достигнуваат и до 500 евра за мегават час. Државата нека ги намали административните и бирокатски процедури и „преку ноќ“ нека дозволи монтирање на фотоволтаици“, вели Константин Димитров експерт за енергетика.

Но од Министерството за економија за Денар велат дека ограничувањата на фотонапонски систем до 6kW кај домаќинствата е направено со цел домаќинството да произведува електрична енергија за задоволување на сопствените потреби, односно потрошувач-производител согласно правилникот. Пресметките на ресорното министерство се дека на едно четири члено домаќинство им е доволен фотонапонски систем од 3.5 до 4 kW да ги задоволи потребите за сопствена потрошувачка. Покрај тоа, одредени домаќинства имаат повеќе од четири члена, кои вообичаено живеат во семејни куќи, а некои домаќинства имаат инсталирано и системи за наводнување „капка по капка’’ при што имаат поголема потрошувачка.  Заради овие причини, а за да им се излезе во пресрет на граѓаните потрошувач-производител може да инсталира до фотонапонски систем до 6kW.

„Доколку некое физичко лице или компанија имаат бизнис интерес за инсталирање на фотонапонска централа и продажба на електрична енергија можат без никакво ограничување на моќноста, да го направат тоа согласно правилата од Законот за енергетика. Единствено нешто што може да биде како ограничување на инсталираната моќност на системот е слободната (кровна) површина, како и техничките можности на мрежата за приклучок според мрежните правила“, велат од Министерството за економија.

Освен за домаќинствата потребно е и елиминирање на бирократските процедури и за компаниите кои имаат намера да инвестираат во обновливи извори на енергија. Од Стопанската комора велат дека постои можност за зголемување на домашното производство, а постои и голем интерес од бизнис секторот за инвестирање во овој домен, но сега велат дека треба условно речено сите административни пречки да се тргнат и целата процедура да се поедностави. 

„Во моментов 40 до 45 мегавати фотоволтаици што се инсталирани и/или се инсталираат, сеуште чекаат на приклучок на мрежа. Се бара ЕВН и сите субјекти кој што се одговорни да ги приклучат во најбрз можен рок, бидејќи нема економска оправданост да има инсталирани фотоволтаици, а истите да не се ставени во функција само затоа што не се приклучени на мрежата“, велат од Стопанската комора.

Во Македонија од 450 до 500 домаќинства имаат поставено фотоволатици на своите кровови. Според пазарните цени, инвестицијата на едно домаќинство за монтирање на фотоволтаици се движи од четри до пет илјади евра.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП