18 април, 2024
ПочетнаКОМПАНИИПремногу вакцини: ЕУ сака промена во договорите со „Pfizer“

Премногу вакцини: ЕУ сака промена во договорите со „Pfizer“

Владите на Европската унија го засилуваат притисокот врз „Pfizer“ и другите производители на вакцини за Ковид-19 да ги преиспитаат договорите, предупредувајќи дека милиони инјекции кои повеќе не се потребни може да бидат уништени, според официјални претставници на ЕУ.

За време на најлошата фаза на пандемијата, Европската комисија и владите на ЕУ се согласија да купат огромни количини вакцини, главно од „Pfizer“ и неговиот партнер „BioNTech“, поради стравувањата од недоволно залихи.

Но, со намалувањето на пандемијата во Европа и во услови на значителни одложувања во вакцините, многу земји сега вршат притисок за промени на договорите за да се намалат набавките и соодветно да се намалат нивните трошоци за вакцини.

Ова прашање беше дискутирано на состанокот на министрите за здравство на ЕУ во Луксембург, иако Комисијата остана внимателна околу тоа што може да се постигне.

Полска, која е водечка земја во овој обид за повторно преговарање на договорите, има повеќе од 30 милиони вакцини на залиха и ќе треба да купи уште 70 милиони според постоечките договори, изјави полски дипломат за „Reuters“, повикувајќи на промени за да се избегне тие да завршат на отпад.

Населението на Полска е околу 38 милиони луѓе, а околу 60% од нив се целосно вакцинирани, не вклучувајќи ги бустер вакцините, споредено со над 70% во ЕУ.

Во писмото испратено до Комисијата претходно во јуни и видено од „Reuters“, полскиот министер за здравство Адам Неџелски, заедно со неговите колеги од Бугарија, Хрватска, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија и Романија, повикаа на „намалување на количините“ на нарачани вакцини.

Тие рекоа дека договорите биле склучени кога не било можно да се предвиди како ќе се развива пандемијата и сега треба да се променат како што се подобрува ситуацијата.

За време на денешната јавна седница на состанокот на министрите за здравство на ЕУ, Словачка рече дека го поддржува писмото. Други земји, вклучително Кипар и Малта, повикаа на претпазливост бидејќи условите за пандемијата би можеле повторно да се променат.

„Pfizer“ и „Moderna“, која е уште еден главен снабдувач на вакцини против Ковид-19 во ЕУ, се согласија да одложат некои испораки.

Во нивното заедничко писмо, сепак, министрите рекоа дека тоа е половично решение и само го одложија прашањето, мислејќи само на промените договорени со „Pfizer“.

Комесарката за здравство на ЕУ, Стела Кириакидис, на јавната седница рече дека Комисијата ќе работи на дополнително продолжување на снабдувањето по оваа година и дека можеби ќе треба да се користат вишок дози во иднина.

Но, таа додаде: „Договорите мора да се почитуваат“, додавајќи дека ЕУ „не може еднострано да ги промени условите на договорите“.

Официјален претставник на ЕУ, кој сакаше да остане анонимен, во мај рече дека земјите на ЕУ најверојатно ќе го изгубат секој правен случај покренат против добавувачите.

Засега не се поднесени тужби, соопштија официјални лица.

Портпаролот на „Pfizer“ одби да го коментира писмото, но ги потврди веќе направените промени во договорот за прилагодување на распоредот за испорака.

„Сведоци сме на прекумерно оптоварување на државните буџети во комбинација со снабдување со непотребни количини вакцини. Постои голема веројатност дозите доставени до Европската унија да мора да бидат уништени“, се вели во заедничкото писмо.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП