24 април, 2024
ПочетнаБЕРЗАБерза-неделен преглед

Берза-неделен преглед

НЕДЕЛЕН ПРЕГЛЕД

(02.09 – 06.09.2013)

 

 

Ниту завршетокот на летните одмори, ниту почетокот на септември не донесоа некои позначителни промени во тргувањето на Македонската берза. Прометот и понатаму остана на екстремно ниски маргини, ликвидноста кај поголемиот број акции очајна, а единствено индексот МБИ-10 забележа неделен пораст од +0,65%, што при минимален реализиран промет и не е некоја информација за одбележување.

Прометот минатата недела достигна само до 16,8 милиони денари во редовното тргување (просечно дневно, прометот сосе обврзници беше 3,4 милиони денари), на што се надодаде и една блок трансакција со акциите на Охридтурист Охрид во вредност од 18,5 милиони денари. Структурата покажува извесно поголемо тргување со акции од 80% во споредба со тргувањето со државни обврзници на кое отпаднаа 20%. Според реализираниот промет, најтргувани беа акциите на Алкалоид Скопје со промет од 3,1 милион денари, Бетон Штип со 2,3 милиони денари, Макпетрол Скопје со 1,4 милиони денари и Комерцијална банка Скопје со 1,1 милион денари неделен промет.

Од информациите кои дојдоа од берзата, на 16.09.2013 година ќе има ревизија на методологијата на пресметка на индексот МБИ-10 и на неговите компоненти. Согласно постојните законски измени и воведувањето на Задолжителната котација за дел од компаниите кои сега котираат на официјалниот пазар на Македонската берза, бепредметно е понатамошното пресметување на индексот МБИД. Истиот повеќе нема да се пресметува, додека индексот МБИ-10 ќе го сочинуваат следниве акции: Комерцијална банка АД Скопје, Гранит АД Скопје, Алкалоид АД Скопје, Македонски Телеком АД Скопје, Стопанска банка АД Битола, Макпетрол АД Скопје, Топлификација АД Скопје, ТТК Банка АД Скопје, Македонијатурист АД Скопје и Реплек АД Скопје.

На регионалните берзи индексите се движеа во различни насоки. SBI10 неделата ја заврши со посилен пад од -3,17%, Crobex забележа пад од -0,36%, додека Belex имаше пораст од +1,54%, како и софискиот Sofix кој исто така забележа раст од +1,49% на неделно ниво.

Под притисок на информациите кои доаѓаат од Сирија и Блискиот Исток, инвеститорите се сеуште воздржани во поглед на тргувањето на светските берзи. Главно добрите макроекономски податоци од Кина придонесоа за пораст на цените на акциите на светските берзи. DOW JONES неделата ја заврши со порасти од +0,60%, NASDAQ неделата ја заврши со раст од +1,36%, а S&P 500 неделата ја заврши со пораст од +0,95%. Европските берзи главно го следеа движењето на американските па и тие неделата ја завршија во благ минус. DAX забележа неделен пораст од +1,16%, FTSE 100 ја затвори неделата со пораст од 1,21%, додека францускиот CAC 40 имаше пораст од 1,89%. На азиските берзи, јапонскиот NIKKEI 225 имаше пораст од +1,02%. HANG-SENG неделата ја заврши со раст од +1,64%.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП