29 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБогатите земји се меѓу најголемите виновници за стакленичките гасови

Богатите земји се меѓу најголемите виновници за стакленичките гасови

Стакленичките гасови не само што ја убиваат планетата, туку и предизвикуваат огромна штета на секоја земја што ги произведува.

Ефектот се шири во остатокот од светот, предупредуваат научниците.

Истражувачите од колеџот Дартмут во САД ја разгледаа количината на стакленички гасови што секоја земја ги генерира од 1990-та година.

На чело на рангирањето се САД, одговорни за 16,5% од сите емисии. На второ место е Кина со 15,9%, а на трето Русија со 8,5%.

Рангирањето на главните виновници за емисиите на стакленички гасови не беше главната цел на истражувачите. Тие сакаа да ги проценат кумулативните економски загуби на другите земји како резултат на емисиите.

Штетата за светската економија изнесува 6 трилиони долари и се распределени на следниов начин – САД (1,91 трилиони долари), Кина (1,83 трилиони долари) и Русија (986 милијарди долари). По нив следат Индија, Бразил, Индонезија, Јапонија, Венецуела, Германија, Канада и Велика Британија.

Научниците користеле различни модели кои ги земале предвид факторите како што се емисиите, локалните климатски услови и економските промени. На овој начин тие можеа точно да прецизираат какво е влијанието на секоја поединечна земја врз климатската криза, пишува „The Guardian“.

Активностите на богатите земји кои се наоѓаат на северната хемисфера (на пример, земјите од Северна Америка, Европа и Азија) имаат големо влијание врз климатските промени. Во економска смисла, сепак, тие претрпеа најмалку од другите.

Покрај тоа, земјите како Канада и Русија дури имаат корист од зголемените сезони на растење во земјоделството и помалата смртност поради пониските температури и потоплите зими.

Во исто време, посиромашните земји лоцирани во тропските предели, на пример, генерираат помалку емисии на стакленички гасови, но повеќе страдаат поради климатските промени.

Истражувачите одделно забележуваат дека тие не воделе сметка за многу фактори кои не се вклучени во БДП – на пример, губењето на биолошката разновидност и смртта на луѓето како резултат на природни катастрофи. Тие се убедени дека штетите таму се огромни.

„Постои огромна нееднаквост“, вели Џастин Менкин, географ од колеџот Дартмут.

Земјите како САД, Кина и Русија несразмерно им наштетија на земјите со пониски приходи на јужната хемисфера. Во исто време, многу земји на северната хемисфера се во плус, иако тие се главните двигатели на климатската криза.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП