Нафтената компанија Сауди Арамко е најскапата компанија во светот со пазарна вредност од 2,3 трилиони американски долари – по што следи американскиот Епл. Ова е резултат од студијата на ревизорската и консултантска компанија EY.
Малку е променето во доминацијата на компаниите со седиште во САД на светските берзи: сега ги има 60, а пред пет или шест месеци имаше 61.
Топ 10 ги вклучува Мајкрософт, Алфабет, (матичната компанија на Гугл) Амазон, Тесла, инвестициската компанија Беркшир Хатавеј, здравствениот осигурител Јунајтедхелт, Џонсон и Џонсон и групацијата Мета.
Највредна европска компанија е швајцарската Нестле – на 20то место. Според ревизорите, на крајот на 2007 година, пред финансиската криза, 46 од 100-те највредни компании во светот биле од Европа. Сега останаа само 16.
Враќање на енергетскиот сектор
Падот на глобалните цени на акциите – предизвикан од руската војна против Украина, загриженоста за рецесија и зголемувањето на каматните стапки – збриша трилиони во вредност во првата половина на 2022 година.
Само пазарната капитализација, односно вредноста на акциите со кои се тргува на берзата на 100-те најскапи компании, падна во првите шест месеци од годинава за 17 отсто или 6,1 трилиони долари на околу 29,8 трилиони долари. Во исто време, технолошките компании паднаа за дури 28 отсто.
Наспроти трендот, нафтените и гасните компании меѓу 100-те најдобри ја зголемија својата берзанска вредност за 19 отсто.
„Неодамна, инвеститорите повеќе се фокусираа на профитабилноста отколку на растот“, објасни Хенрик Алерс, извршен директор на EY Германија. „Парите веќе не се даваат така лесно, се зголемуваат барањата кон фирмите во кои се инвестира.
Мрачни изгледи за Европа
Иако многу водечки фирми продолжуваат да бележат високи профити, сегашната ситуација доведе до длабока неизвесност, вели Алерс. Тој очекува многу тешка втора половина од годината: „Лошите вести доаѓаат една по друга, треба да се надминат многу кризи, од кои некои меѓусебно се охрабруваат“. Опасноста од глобална рецесија сега е реална“.
Алерс верува дека дигитализацијата – на која пандемијата на корона и даде огромен импулс – веројатно ќе има одлучувачко влијание врз економијата и берзите во годините што доаѓаат.
И тука Европа и Германија се слабо позиционирани. Од 23-те технолошки компании моментално во првите 100, 17 се со седиште во Северна Америка, четири во Азија и само две во Европа. Според него, трендот на дигитализација доведе до тоа дека тежината на Европа на светските берзи во последните години е намалена.
За прв пат меѓу 100-те највредни нема ниту една германска компанија
Германските компании се повеќе губат тежина на светските берзи. Додека на крајот на 2007 година имаше седум германски компании меѓу 100-те највредни, на крајот на 2021 година останаа само две, пишува ДВ. И во првата половина на 2022 година, ниту една германска компанија не е застапена на ова рангирање.
Најдобро рангирана софтверска компанија со седиште во Германија е SAP, со пазарна вредност од 106 милијарди долари. Сепак, таа е само на 113. место. Дојче Телеком е на 120. место со 98 милијарди долари, а на 74. место е Линде кој од спојувањето со Праксаир е со седиште во Ирска.