27 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБорбата против климатските промени, заборавена од македонските институции!

Борбата против климатските промени, заборавена од македонските институции!

Државниот завод за ревизија подготви извештај за преземените мерки и политики од државните органи во однос на климатските промени. Истражувањето го дава одговорот на прашањето: „Дали во РСМ се воспоставени правни и институционални услови за имплементација на донесените мерки и политики кои се однесуваат на ублажување на климатските промени?“ Ревизијата покажала дека воспоставената правна и институционална рамка во земјава не ги обезбедува сите потребни услови за ефикасно и ефективно спроведување и следење на донесените мерки и политики за ублажување на климатските промени и потребно е да се преземат активности на национално и локално ниво за надминување на состојбите.

Ревизијата покажала дека активностите за ублажување на климатските промени не се целосно имплементирани и не се следи нивната реализација. Националниот комитет за климатски промени коj треба да дава насоки за севкупните климатски акции, како и да придонесе кон интеграција на активностите во секторските политики, планови и мерки е формиран во 2003 година, но истиот во пракса не функционира односно неговото постоење е од формална природа. Не постои ниту единствена база на податоци за емисија на стакленички гасови на едно место, што го отежнува нивното користење при изготвување на националните стратешки, плански и програмски документи за климатска акција. Отсуствува функционална поврзаност и координација меѓу институциите на национално и локално ниво при спроведување на мерките и активностите за планирање на политиките за ублажување на климатските промени, како и нивно следење. Дополнително ревизорите утврдиле и дека постои недостаток на финансиски, кадровски и технички ресурси, како битен предуслов за интеграцијата на климатските политики во сите сектори.

„ Воспоставената правна и институционална рамка во Република Северна Македонија не ги обезбедува сите потребни услови на донесените мерки и политики за ублажување на климатските промени и потребно е да се преземат активности на национално и локално ниво за надминување на состојбите. Дефинираните активности за ублажување на климатските промени во наведените документи не се целосно имплементирани и не се следи нивната реализација. Националниот комитет за климатски промени на Република Северна Македонија коj треба да дава насоки за севкупните климатски акции, како и да придонесе кон интеграција на активностите во секторските политики, планови и мерки е формиран во 2003 година, но истиот во пракса не функционира односно неговото постоење е од формална природа“, се наведува во ревизорскиот извештај на ДЗР

Утврдено е дека постои потреба од воспоставување систем за редовно добивање на информации за преземените мерки за ублажување на климатски промени од страна на сите институции кои имаат обврска за информирање. Најмалку еднаш годишно треба да се информира владата за состојбите во однос на реализацијата на мерките за ублажување на климатски промени предвидени со Националниот план за климатски промени. Потоа потребно е формирање на функционално Национално тело за климатски промени на кое треба да дава насоки за севкупните климатски акции, како и да придонесува кон интеграција во секторските политики, планови и мерки. Од наодите ревизорите заклучиле дека развојот на правната и стратешка рамка за координирана климатска акција од страна на МЖСПП се одвива со задоцнување од околу 3 години и се уште е во рамките на одредбите од Законот за животната средина. Дел од одредбите во наведениот закон кои се однесуваат на климатските промени, не се во примена и не се преземени активности за негова измена.

„Во законските одредби недостасува јасна дефиниција за климатските финансии и не постои климатско означување на буџетот, односно отсуствува систем на следење и потврдување на ефектите од направените јавни расходи за ублажување на климатските промени. Исто така отсуствува и централизирана база на податоци за проекти кои се во функција на ублажување на климатски промени што значи дека не може да се потврди какви активности се преземени и колку финансиски средства се искористени за таа цел“, пишува во ревизорскиот извештај

Во борбата со климатските промени постојат два комплементарни можни одговори: ублажување на климатските промени и адаптација кон нив. Пристапот насочен кон ублажување, се однесува на политики и мерки за намалување или спречување на емисијата на стакленички гасови, додека под адапатација се подразбираат политики и мерки за прилагодување кон климатските промени преку предвидување на несаканите ефекти и делување за да се спречи или минимизира штетата истовремено. Во Македонија за ублажување на климатските промени анализирани се 46 мерки, од кои 32 мерки се однесуваат на секторот енергетика, 10 мерки во секторот земјоделство, шумарство и други употреби на земјиштето и 4 мерки во секторот отпад. Ревизијата покажува и дека со цел да се одговори на влијанието на климатските промени врз ценовната и финансиската стабилност, централните банки во светот во изминатиот период посветуваат повеќе внимание на зелените финансии. Според анкетните истражувања на Народната банка, спроведени во 2021 година постигнат е напредок во позитивна насока на банките за „зелените финансии. Податоците велат дека во 2017 година 46% од централните банки ги гледаат зелените финансии како дел од нивниот мандат, додека во 2021 година овој процент е зголемен на 63%. И покрај споменатиот напредок во искажаната определба кон „зелените финансии“, сепак анализите покажуваат дека учеството на зелените кредити кај домашните банки е само 2,5% од вкупните кредити или 150 милиони евра. Околу една четвртина од овие кредити се финансирани преку наменски кредитни линии од меѓународните финансиски институции. Околу 70% од банките одобруваат кредити за проекти кои што имаат позитивно влијание врз животната средина, додека околу 43% од банките имаат воспоставено и формален систем на идентификување зелени проекти.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП