20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДали Путин започнува економска војна со Западот?

Дали Путин започнува економска војна со Западот?

Рускиот претседател Владимир Путин потпиша указ кој е чекор кон воспоставување целосна државна контрола на терминалот за ЛНГ – „Сахалин“. За многу експерти ова се смета за почеток на економската војна на Москва со Западот, пишува „Reuters“.

Во овој проект учествуваат „Shell“ и двајца јапонски инвеститори – „Mitsui“ и „Mitsubishi“, но нивниот удел е помал од 50 проценти. 50% плус 1 глас е во рацете на „Газпром“. Терминалот за течен гас „Сахалин 2“ сега го води ново друштво со ограничена одговорност, а Москва соопшти дека ќе им даде на странските инвеститори еден месец да кажат дали ќе го задржат својот удел во проектот. Учеството на „Газпром“ во него е загарантирано.

Странските инвеститори ќе треба да ги докажат своите права во старата компанија, а Москва ќе го има последниот збор дали треба да преминат во новата компанија.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, им коментираше на новинарите дека во Москва не гледаат опасност од прекин на работата на терминалот. Условите за трансформација ќе ги одреди владата, додаде тој.

„Секој случај се разгледува посебно“, рече Песков и на прашањето дали указот на Путин може да се смета за национализација, како што тоа го прави Русија со другите компании со странско учество.

Во март, на иницијатива на „Единствена Русија“, руската влада одобри мерка за национализација на компаниите во Русија со цел да се зачуваат работните места во услови на западни санкции. Слични чекори се преземаат и на Запад – минатата недела Унгарија усвои уредба со која се дозволува привремена контрола врз енергетските компании во кризна ситуација. Германија и Австрија имаат слични планови.

Во причините за декретот се наведува дека станува збор за мерка за заштита на енергетскиот сектор во врска со „непријателските акции“ на голем број земји и меѓународни организации. Во документот се наведува и дека руската влада не е основач и учесник во новото претпријатие, наведува и „ТАСС“.

За „Shell“ ова може да се покаже како главен камен на сопнување во преговорите за продажба на акциите во проектот, пишува „Bloomberg“. Компанијата поседува 27,5% од акциите во „Сахалин 2“ и пред еден месец објави дека се откажува од проектот поради војната што Русија ја започна во Украина. Од „Shell“ изјавија и дека нема да нови инвестиции во Русија.

Според „Bloomberg“, компанијата е во преговори да го продаде својот удел, проценет на 4 милијарди долари, на кинески државни енергетски компании.

Јапонија ги поддржа санкциите против Русија поради војната во Украина, но уште во март властите беа категорични дека нема да се повлечат од „Сахалин 2“. Земјата се потпира на Русија за 9% од увозот на течен природен гас, а сите количини доаѓаат од овој проект.

Јапонските инвеститори коментираат дека сѐ уште ја анализираат новонастанатата ситуација и ќе размислат дали да учествуваат во проектот. Акциите на двете компании паднаа за 5% по објавувањето на веста.

Акциите на „Газпром“ се тргуваат на дното достигнато околу 24 февруари – околу 196 рубљи по акција на Московската берза (MOEX). Компанијата одби да подели дивиденда за 2021-ва година, иако планираше рекордни средства за оваа акција. Од првата половина на 2021-ва година, производството на гас е намалено за речиси 9%, а извозот за 31%, објави „Газпром“.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП