26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИзбрза ли Европа со откажувањето од јагленот, а со тоа дали и...

Избрза ли Европа со откажувањето од јагленот, а со тоа дали и РЕК Битола си „купи“ уште некоја година да ги полни печките со овој штетен енергенс?!

Се погласни се најавите дека Европа ја чека долга и студена зима. Војната во Украина полека но сигурно на виделина го вади есапот. Главна тема е каде да се најде природен гас за државите кои се вистински зависници од овој енергенс. Цената на струјата се уште е со сериозни турбуленции на светските берзи. Па затоа големите западно-европски сили започнаа да го враќаат во употреба јагленот. Информациите кои доаѓаат од Европската унија велат дека Германија и Холандија веќе ги наполните печките со јаглен и на големо го користат овој енергенс.

Нашата состојба е уште покомплицирана. За разлика од некои држави на ЕУ, ние немаме складишта на природен гас. Мораме во следните години максимално да се посветиме на изградба на нови капацитети на обновливи извори на енергија и на енергетската ефикасност и разумно користење на енергијата, вели за Денар Александар Дединец. Мораме сите максимално да се вклучиме во решавање на оваа криза. Само на тој начин ќе успееме да ги зачуваме и онака малите количини на јаглен кој ги имаме за да може РЕК Битола нормално да функционира. Мора да се реализира Стратегијата за енергетика. Таму се наоѓаат решенија на кризата, додава Дединец.

На прашањето, дали Европа избрза со откажување од јаглен, експертот за енергетика вели дека одлуките кои ги носи ЕУ се базираат на голем број на студии и стратешки документи. Ова што сега се случува е најголемата енергетска криза во која се погодени сите енергенти, криза која досега се нема случено во енергетиката од вакви размери. Преземањето на итни мерки е повеќе од потребно, но тоа не значи дека ЕУ ќе отстапи од своите цели, напротив во последните месец, месец ипол донесоа стратешки документи кои се во насока на одржлив развој.

„Кога Русија прв пат го сопре гасоводот во 2009 година кој минува низ Украина, ЕУ одлучи да преземе драстични чекори и сите директиви и регулативи кои ги носеше во изминатиот период беа во насока да се намали зависноста од рускиот гас или во најмала рака да се овозможи и други земји добавувачи да бидат присутни на европскиот пазар. Донесоа стратегија за соларна енергија со која се забрзува транзиција. Да, се поизвесно е и дека одредени електрани на јаглен ќе продолжат да работат и по периодот кога се планираше нивно затворање, но сето тоа е поврзано со гасот. На пример, во Германија складиштата на природен гас се речиси празни, а дополнително Русија го намали протокот на природен гас за Германија. За да може да ги наполни складиштата на природен гас, а истовремено да нема проблем во сигурноста со снабдување на електрична енергија, одредени електрани на јаглен ќе бидат активирани или ќе се зголеми производството. Но ова не значи дека тоа ќе биде засекогаш. Тоа мора да се има во предвид“, вели Александар Дединец од МАНУ.

Првиот човек на државните електрани Васко Ковачевски вели дека никој не очекувал ваква енергетска криза. Кога состојбите беа многу по релаксирачки на пазарите на енергенси со голема леснотија државите се откажаа од јагленот, но сега кога нема доволно струја и природен гас, употребата на јагленот е многу по застапена. За следнава зима Ковачевски најавува нови наоѓалишта и рудници но и набавка на јаглен од странство.

„Сметам дека одлуката беше избрзана. Сите сакаме да имаме екологија. Чиста и здрава животна средина, меѓутоа на другата страна ако ги немаме потребните енергенси ќе го немаме повторно здравиот живот. Тоа значи дека, ако ги видите податоците од минатата година сите големи европски држави ги вратија во функција термоелектраните. Германија минатата година има зголемено производство на електрична енергија од термоелектраните од јаглен од 17 отсто. Во Шпанија е зголемено за 27 отсто. За 14 отсто во Велика Британија“, вели Васко Ковачевски директор на ЕСМ.

Според информациите кои се веќе познати РЕК Битола, кој е најголем производител на струја во Македонија има резерви од јаглен за следниве 12 години. Но планот на раководството на РЕК е со нови наоѓалишта на јаглен комбинатот да продолжи да работи во следните триесетина години. Судбината на РЕК Битола, односно работењето на комбинатот беше дел и од националната стратегија за енергетика која ја подготви МАНУ пред неколку години. Постојат три сценарија, меѓу кои: Референтно сценарио  – да се зголеми данокот на ЦО2, и да се отворат нови рудници за јаглен. Умерена транзиција – да се промени енергенсот во гас или некое друго алтернативно гориво. Зелено сценарио – РЕК Битола да на работи на јаглен. Производството да биде од соларни електрани, ветерни електрани, био гас и хидроелектрани.

Екологистите се загрижени за повторното актуализирање на јагленот на стариот континент, а особено во државава. Енергетската криза според нив е само алиби, да не бидат целосно затворени електраните кои работат на јаглен. Според последното истражување на Еко свест, не само Македонија туку и западно европските земји не ги почитуваат правилата за користење на јагленот, со што дирекно се прекршуваат законите за зачувување на животната средина.

„Решението на енергетската криза не е отворање нови рудници за јаглен како што тоа се планира за РЕК Битола. Мора да се подготви и итно да се спроведе „план Б“ што ќе ги намали загубите во мрeжата, ќе ги отвори пазарите за трговија со енергија и значително ќе ги зголеми капацитетите од обновлива енергија. Секако, при ова мора да се примени принципот на праведна транзиција што ќе обезбеди рамномерен развој на економијата“, велат од Еко Свест.

Од обновливи извори на енергија во земјава се произведуваат околу 20 отсто од количеството на електрична енергија. На неколку пати во претходните години, пред почетокот на пандемијата и пред да започне оваа енергетска криза, до владите во Македонија пристигнуваа критики од Европската енергетска заедница дека недоволно е производството на струја од зелена енергија.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП