Германските потрошувачи би можеле да се соочат со трикратно зголемување на цената на гасот во наредните месеци доколку Русија го намали снабдувањето со тој енергенс во Европа, вели експерт за енергетика.
Москва веќе го намали протокот на гас преку гасоводот Северен тек за околу 40 отсто минатата недела, оправдувајќи го потегот со технички потешкотии, додека Берлин вели дека тоа е само изговор што ќе доведе до четирикратно, ако не и шесткратно зголемување на пазарните цени, рече шефот на германската Федерална агенција Клаус Милер, пренесува Гардијан.
Ваквите големи скокови на цените веројатно нема целосно да се пренесат на крајните потрошувачи, рече Милер, но германските граѓани мора да се подготват за драматично зголемување на трошоците. „Можни се два или три пати повисоки цени“, изјави тој за АРД.
Тој додаде дека повисоките суми што луѓето ги добивале на своите сметки се последица на повисоките цени на пазарот на гас минатата есен. Германското Министерство за економија во четвртокот го објави почетокот на втората од трите фази на вонредниот енергетски план и предупреди на високиот ризик од долгорочен недостиг во набавките, што е резултат на систематското намалување на испораките на Русија.
Т.н „фаза на тревога“ им овозможува на комуналните претпријатија да ги префрлат високите цени на гасот на клиентите и на тој начин да помогнат во намалувањето на побарувачката.
Министерот за економија Роберт Хабек рече дека постојат стравувања од целосен прекин на испораките по 13 јули кога „Северен тек“ мора да биде затворен 10 дена поради редовните годишни инспекции. Запрашан од новинарите дали е загрижен дека по најавената пауза Владимир Путин повторно нема да го заврти вентилот, Хабек рече: „Ќе излажам ако кажам дека не сум загрижен“.
Милер вели дека Германија може да издржи нешто повеќе од два месеци без руски гас.
„Доколку складиштата во Германија беа математички 100 отсто полни, без руски гас, би можеле да бидеме само нешто повеќе од два и пол месеци пред повторно да се испразнат складиштата“, рече тој.
За да се подготви за прекин на снабдувањето, Германија треба да заштеди гас и брзо да ги диверзифицира своите добавувачи, рече тој.
„Повеќето сценарија не се убави и значат или премалку гас до крајот на зимата, или дури – а тоа е многу непријатна ситуација – на есен или зима.