19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЕвропејците би можеле да ја поминат зимата во студени станови

Европејците би можеле да ја поминат зимата во студени станови

Европа би можела да се соочи со недостиг на енергија во следната зима, откако руската инвазија на Украина ја продлабочи енергетската криза на Стариот континент, предупреди во средата шефот на Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА), Фатих Бирол.

„Посебно сум загрижен за пазарот на природен гас. Ако имаме сурова и долга зима, би можеле да очекуваме многу тешки денови“, рече Бирол во Данска на годишната конференција на „ИЕА“ за енергетска ефикасност. Тој додаде дека додека владите и компаниите сега бараат начини да имаат алтернативно снабдување со енергија, подеднакво е важно да се преземат мерки за намалување на побарувачката.

Според него, доколку европските потрошувачи ја намалат температурата во своите домови за два Целзиусови степени, би се заштедиле околу 20 милијарди кубни метри природен гас, што е еквивалентно на количината што доаѓа од Русија во Европа преку гасоводот „Северен поток“.

Препораката на првиот човек на „ИЕА“ за заштеда на енергија е во согласност со најавите на Германија и Австрија за рационализација на потрошувачката. Германија во март објави дека, во случај на акутен недостиг, ќе исклучи делови од индустријата од гасоводната мрежа за да обезбеди енергија за греење на домаќинствата.

На конференцијата на „ИЕА“ во Данска, на која присуствуваа министри и владини претставници од 20 земји, „ИЕА“ рече дека светот би можел да ја намали годишната потрошувачка на енергија до 2030-та година за еквивалент на тековната годишна потрошувачка на Кина со примена на подобра изолација на зградите и подобра климатизација.

Бирол наведе дека енергетската безбедност треба да се постигне со зголемување на ефикасноста, повеќе користење обновливи извори на енергија и „користење на постојните полиња на нафта и гас“ наместо нови големи проекти за експлоатација на фосилни горива. Според него, новата експлоатација може да значи „збогување со нашата меѓународна климатска политика“. Тој, исто така, предупреди дека високите цени на нафтата веројатно ќе им наштетат на многу економии.

Бирол неодамна предупреди дека сегашната енергетска криза е „многу поголема“ од нафтените шокови во 1970-тите и дека ќе трае.

„Тогаш се работеше само за нафтата, а сега ја имаме нафтената криза, гасната и електричната енергија во исто време“, објасни Бирол, додавајќи дека може да има потешкотии на светските пазари на нафта во текот на летото, како и недостаток на дизел гориво и бензин во Европа.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП