6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПечките на дрва и сообраќајот се најголемите загадувачи на воздухот во Скопје!

Печките на дрва и сообраќајот се најголемите загадувачи на воздухот во Скопје!

Случаите на појавата на висока загаденост на воздухот во повеќето урбани средини во Македонија особено во зимските месеци, редовно во текот на изминатите години, а особено во текот на зимските месеци се наоѓаат на насловните страни на медиумите засилувајќи ја перцепцијата на јавноста дека загадениот воздух е убедливо најважниот еколошки и здравствен проблем со којшто се соочува градското население во денешно време.

Најголемите урбани области честопати се рангираат високо на различните листи на загадување, додека главниот град Скопје беше посочен како најзагаден главен град во Европа и во урбаните области во Европа и Централна Азија кои го надминуваат годишните гранични вредности на ЕУ за концентрација на PM 2,5. На регионално и на локално ниво се јавуваат значително различни, извори на загадување на воздухот кои обично вклучуваат големи и мали постројки за согорување, индустриски процеси, транспорт, отстранување на отпад, земјоделство и промена во употребата на земјиштето. Тековните научни податоци кои што се достапни во Скопски регион укажуваат дека горењето дрва во домаќинствата е веројатно најзначајниот извор на загадување на воздухот. Сепак, ограничениот опсег и временски расфрланите податоци, оставаат простор за сомнителни дискусии, со што се попречуваат напорите за спроведување на соодветни стратегии за намалување на загадувањето.

„Справување со загадувањето на воздухот во градот Скопје“ е проект која го спроведе лабораторијата AMBICON UGD при Универзитетот Гоце Делчев – Штип, како дел од Програмата за развој на Обединетите нации. Во проектот беа вклучени и претставници на Министерството за животна средина и просторно планирање и Градот Скопје. Главната цел на Анализата за определување на уделот на различните извори на загадување во Скопски регион беше да се добијат информации за изворите на загадување и уделот со кои тие придонесуваат кон нивоата на загадување на амбиенталниот воздух, што е суштинска алатка за креирање политики за квалитетот на воздухот коишто се експлицитно или имплицитно потребни за цели на спроведување на Директивите за квалитетот на воздухот.

За ова истражување се земаа примероци од пет специфични локации од кои од две локации беа утврдени како постојани и на тие места се мерело преку целата година, а од останатите три локации биле наменети за индивидуални мерења каде се вршеле проверки 14 пати во сезона.

„Постојаната локација за мониторинг во Карпош беше избрана како репрезентативна урбана позадинска локација, без директна изложеност на значајни извори на загадување. Постојаната локација за мониторинг во Ново Лисиче беше избрана како репрезентативна урбана локација која што изложена на повеќе извори на загадување во области (сообраќај, греење на домаќинствата и повеќе видови индустриски извори). Основното училиште „Димитар Поп Георгиев – Беровски“ во Ѓорче Петров беше избрано како локација за индикативни мерења при евентуално зголемување на загадувањето по долините на реките Вардар и Треска. Основното училиште „Јоаким Крчовски“ во Волково беше избрано како локација за мониторинг за индикативни мерења при евентуално зголемување на загадувањето по долината на реката Лепенец. Локација за мониторинг за индикативни мерења во Гази Баба беше избрана како репрезентативна поради специфичната изложеност на индустриско загадување“, се наведува во истражувањето.

Информациите велат дека процесот на земање примероци е спроведен целосно во согласност со барањата на стандардниот метод на мерење за определување на PM10/PM2,5 честички. На сите локации биле користени системи за земање примероци со мал волумен. За секоја локација биле утврдени сесии на мерење во траење од 14 до 16 дена. Земени се вкупно 376 примероци на локацијата за земање примероци во Карпош, 367 на локацијата за земање примероци во Ново Лисиче и најмалку 60 примероци на секоја од привремените локации за земање примероци за индикативни мерења.

Моделот на рецептори за масена концентрација на PM 10 за Скопски регион беше развиен со користење на софтвер согласност со упатството на Европски водич за определување на уделот на различните извори на загадување на воздухот со модели на рецептори. Податоците од Ново Лисиче опфаќа 34 видови и примероци од 256 дена, додека пак групата податоци од Карпош опфаќа исто толку видови и примероци од 332 дена.

„За секоја група податоци од локациите беа извршени најмалку 100 целосни пресметки на основниот модел. Со максимална разлика од 10%, постигнатата вредност за Q robust/Q true за групата податоци од Ново Лисиче беше 0,67%, а за групата податоци од Карпош 0,97 %. Коефициентот на утврдување (r2 ) помеѓу забележаните и предвидените вредности на PM 2,5 беше 0,87 за групата податоци од Карпош и 0,83 за групата податоци од Ново Лисиче. Севкупно, за двете локации беа идентификувани 7 главни фактори кои имаат удел во масата на PM 2,5 суспендираните честички, односно: сообраќајот, индустријата, согорувањето на нафта и мазут, минерална прашина, горењето оган на отворено, согорувањето на биомаса и секундарните аеросолиу“, стои во истражувањето

Месечниот удел на изворите на загадување во концентрациите на PM 2,5 суспендираните честички на двете локации јасно укажуваат дека постојат високи сезонски варијации кај повеќето извори. Во текот летните месеци воопшто нема удел, но во текот на зимските месеци, ноември, декември, јануари, февруари и март, согорувањето на биомаса е констатирано дека е главен извор на загадување на двете локации, а пак сообраќајот е вториот најважен извор на загадување.

Согорувањето на нафта и мазут и индустриските извори на загадување имаат постојан удел во загадувањето во текот на годината. Во однос на минералната прашина, која потекнува од градежните активности, потоа од сообраќајниците и горењето оган на отворено, на двете локации се забележуваат силни сезонски варијации. Горењето оган на отворено е забележливо во текот на целата година, со најголем удел во пролетните и раните летни месеци.

Согорувањето на биомаса останува најголемиот поединечен извор на загадување на амбиенталниот воздух, а поради специфичната временска дистрибуција, тоа е главниот двигател на појавата на случаи на големо загадување во текот на зимскиот период. Поради тоа, силната посветеност кон намалување на емисиите од согорувањето на дрва во скопските градски и приградски области треба и понатаму да биде од клучно значење за сите понатамошни планови за подобрување на квалитетот на воздухот. Сепак, постојат и други значајни извори на загадување, како што се согорувањето на нафта и мазут и минералната прашина која потекнува од градежните активности.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП