НЕДЕЛЕН ПРЕГЛЕД
(26.08 – 30.08.2013)
Зад нас е уште една недела на Македонската берза со четири трговски денови, со минимален промет и со незначителни промени во вредностите на индексите. Недостатокот од континуитет во тргувањето во претходниот месец, во многу придонесе за отсуството на инвеститорите од берзата и за слабиот промет. Минатата недела се истргуваа прескромни 19,4 милиони денари во редовното тргување. Индексот МБИ10 забележа благ неделен пораст од +0,49%, додека индексот МБИД имаше промена во плус од +0,73%.
Ако се анализира структурата на прометот, дополнително ќе се утврди дека тргувањето со акции е ставено на маргините. Само 58% од прометот беше со акции, додека 42% отпадна на тргување со државни обврзници од денационализација. Тој минимален промет со акции беше концентриран во неколку акции – Стопанска банка Битола беше најтргувана со реализиран промет од 2,6 милиони. И само уште три акции имаа промет од над милион денари – Комерцијална банка Скопје со 1,5 милиони, Алкалоид Скопје со 1,6 милиони и Македонски Телеком со 1,2 милиони.
Компаниите продолжија со објавување на финансиските резултати за првото полугодие од 2013 година и веќе може да се добие појасна слика по сектори како истите стопанисуваат во 2013 година. Компаниите од областа на земјоделството и прехрамбената индустрија во најголем дел бележат раст на приходите и позитивни финансиски резултати иако има неколку компании (како Жито Вардар АД Велес, Сковин АД Скопје) кои имаат почувствителен пад на приходите и кои работат со големи загуби во првото полугодие, што не беше случај до оваа година. Металопреработувачката индустрија и услужните компании поврзани со неа бележат понатамошен пад на приходите, пад на заработките а во добар дел од случаите и загуби. Компаниите од областа на рударството главно имаат пораст на приходите и стабилно работење. Една од гранките која има пораст во најголем дел од случаите и што може да се оквалификува како изненадување е тектилната индустија, каде компаниите бележат и раст на приходите и добивки. Енергетските компании повторно книжеа послаби резултати, работат со намалени приходи и со намалени добивки, односно загуби. Секторот градежништво е во понатамошен континуиран раст, што не е случај со компаниите од услужниот сектор и од угостителството кои имаат намалување на приходите и пад на добивките. Банките и осигурителните компании бележат главно позитивни резултати во работењето, раст на добивките кај повеќето од нив или намалување на загубите (исклучок е Комерцијална банка АД Скопје).