Жените денеска го прославуваат 8 Март како ден на борбата за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите. Но за жал, насекаде во светот и во нашата земја, тие се уште се соочуваат со негирање на нивните права, со дискриминација и со насилство. Мал е бројот на жени на раководни функции, тие не се правично застапени во структурите за донесување на одлуки, а и помалку се платени од мажите за иста работна задача.
Овогодинешниот празник се одбележува во светло на пандемијата на коронавирус и војната во Украина, па не е сигурно каде ќе се одржат сите манифестации.
Меѓународниот ден на жената се слави на 8 март ширум светот, во спомен на демонстрациите на американските работнички во Чикаго во 1909 година и маршот на повеќе од 15.000 жени во Њујорк, кои бараа пократко работно време, подобри плати и право на глас.
Денот на жената е востановен на Втората меѓународна конференција на социјалистичките жени, на 8 март 1910 година во Копенхаген, на иницијатива на Германката Клара Цеткин, тогашен лидер на женското работничко движење.
За прв пат беше одбележан во 1911 година во Австрија, Германија, Швајцарија и Данска, кога повеќе од милион жени и мажи присуствуваа на митинзи барајќи жените да гласаат на избори, да им се дозволи да извршуваат јавни функции и да имаат право на работа и стручно образование.
Демонстрации на работници се одржуваа во речиси сите поголеми европски градови секоја година до 1915 година и ширењето на Првата светска војна.
Главното барање беше европските земји конечно да воведат универзално право на глас.
Идејата за празникот е покана до сите да придонесат за елиминирање на дискриминацијата на жената во теорија и практика, но и апел до властите да се погрижат политиката што се води да биде во согласност со потребите на жените.