10 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДржавата ќе дава субвенции само за вработените со плата од 15.200, за...

Државата ќе дава субвенции само за вработените со плата од 15.200, за останатите до 18 илјади работодавачи сами ќе ги покриваат придонесите

Минималецот денес го поминува последниот филтер од собраниската постапка. На веќе закажана пленарна седница, пратениците треба да одлучат дали од март минималната плата за вработените ќе биде зголемена на 18.000 денари.

Субвенционирањето на придонесите поради зголемената минимална плата нема да го користат сите работодавачи. По 1.197 денари субвенција од државниот буџет за придонеси ќе добијат околу 62 илјади вработени, кои според податоците на Управата за јавни приходи земаат плата до 15.200 денари. Сепак на повеќе од 100 илјади вработени, им се исплаќа плата до 18 илјади денари. За овие вработени, работодавачите нема да можат да користат субвенција од државата, туку ќе треба сами да ги плаќаат придонесите за пензиско, инвалидско и здравствено осигурување.

„Во месец декември 2021 година на 62.009 вработени им е исплатена плата до 15.200 денари, додека на 109.619 вработени им е исплатена плата од 15.201 до 18.000 денари“, велат од Управата за јавни приходи.

Властите велат дека рабодовачите сепак ќе можат да користат помош од државата, но не според измените во Законот за минимална плата. Сите работодавачи кои исплаќаат плати повеќе од 15.201 до 18 илјади денари ќе можат да аплицираат за субвенции на придонеси поради зголемена нето плата од 600 до 6.000 денари. Ова законско решение е донесено во 2019 и работодавачите може да аплицираат најдоцна до 31 октомври 2022 година.  

Закон за субвенционирање на приоднесите од задолжителното осигурување

Член 6

-Обврзникот не е должен да уплатува придонеси од задолжително социјално осигурување за износот за кој е одобрено субвенционирање на придонеси.

-Највисокиот износ за кој се одобрува субвенционирање на придонеси е зголемување на нето-плата до 6.000 денари месечно по осигуреник.

 -Најнискиот износ за кој се одобрува субвенционирање на придонеси е зголемување на нето-плата во износ од 600 денари месечно по осигуреник.

Доколку предложените измени за минималецот добијат зелено светло од пратениците од следниот месец, законски утврдената минимална плата во земјава ќе биде 18 илјади денари. Ова решение произлезе од дијалогот помеѓу синдикатите, работодавачите и владините претставници. Работодавачите се согласија за субвенција за придонеси на државата, но останаа на ставот дека треба да се консултира членството, за да се видат какви ефекти би можеле да се случат врз економијата од зголемениот минималец. Синидкатите пак, зголемениот минималец го темелеа како непходен за да може да се покријат зголемените трошоци на живот со кои од годинава се соочуваат граѓаните.

Ч.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП