1 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈА50 илјади работници кои добиваат минимална плата, земаат и пари во плик?!

50 илјади работници кои добиваат минимална плата, земаат и пари во плик?!

Сивата економија останува една од најболните рани на македонската економија. Се уште добар дел од несовесните газди дел од месечната плата на работниците им ја исплаќаат во кеш. Со тоа се избегнува плаќањето на дел од вистинската сума на придонесите за пензиско осигурување. Синдикалците тврдат дека половина од официјалните вработени лица кои досега добиваа минимална плата од 15 илјади денари добиваа и дополнителни пари во плик, секој месец. Со тоа работниците  со сигурност губат многу, бидејќи се пријавени на пониска сума, а од неа треба да зависи и нивната пензија која во вакви услови ќе биде значително пониска во однос на онаа која треба да ја добијат доколку нивните работодавачи ги платат придонесите во целост.

Податоците до кои дојде Денар се поразителни во однос на начинот на кој дел од работодавачите го вреднуваат трудот на своите вработени. Најмногу се изманипулирани работниците со најниски приходи, оние кои заработуваат минимална плата, но тоа е така само на хартија, бидејќи газдата решил дел од месечната плата да им ја дава во кеш. Од Сојузот на синдикати на Македонија велат дека еден од аргументите за пораст на минималната плата и усогласувањето на сите останати плати со неа, беше токму намалувањето на платата во плик. Информациите на синдикатот се дека од 110 приматели на минимална плата дури 50 отсто од нив добиваат плата во плик.

„Со тоа што половина од платата работодавецот ја дава во плик, губи работникот. Ние како претставници на работниците велиме дека тука губат работниците, утре кога ќе треба да заминеме во пензија ќе добиеме мала пензија и после виновна ќе ни биде државата. Потенцираме – некои работодавачи не сите, кои вака постапуваат не прават добро за работниците, можеби тие работници земаат сега повисока плата и крпат по некоја дупка плус, но со тоа што работниците не го пријавуваат газдата дека така постапува и тие се соучесници на таа црна економија. И тоа на некој начин е криминал. Доплнително, сега за минималната плата, работодавачите бараат помош од буџетот, а свесно кријат дел од платата која им ја даваат на работниците. И со тоа не ја полнат државната каса од каде што бараат помош. “

Синдикалците апелираат до властите посериозно да се пристапи кон борбата за искоренување на овие негативни дејанија во економијата, бидејќи на тој начин освен што се осиромашува државата, работникот нема да има пристојна пензија за безгрижно да го поминува времето од третата доба на животот, и се прави еден голем јаз помеѓу работниците и работодавачите.

Владата е свесна дека сивата економија е сериозен проблем во државата. Од Илинденска број два велат дека со овој негативен тренд се соочуваат и многу поразвиени земји од Македонија. Овој проблем велат дека се обидуваат да го решат преку системси решенија. Акцискиот план на Владата содржи 6 приоритети кои содржат одредени мерки и активности, а тоа се унапредување на процесот на мерење, следење и детектирање на сивата економија, ефикасни инспекциски служби, подобро деловно окружување за основање, раст и развој на компаниите, јакнење на свеста за сивата економија и јакнење на даночен морал, адресирање на сивата економија во е-трговија, мерки на Царинската управа во борбата против неформалната економија.

„Овој акциски план е резултат на заложба на државата да ја сведе сивата економија на ниво што е социјално и економски прифатливо, имајќи во предвид дека нема земја каде што сивата економијата, како феномен, не постои. Одговорност е на државата да ја подобрува правната и економска околина во која најлесен и најисплатлив начин за развој на бизнисите е легалното работење, водејќи се по принципите на рамоноправност, објективност и транспарентност, преку обезбедување на јасни прописи и правила лесни за следење и почитување, како и обезбедување на санкции за оние кои не ги применуваат и почитуваат“, велат од Владата

Информациите на надлежните е дека сивата економија е присутна во индустриските и услужните сектори каде трансакциите и плаќањето со готови пари се вообичаен дел од работењето: градежништво, угостителство, транспорт, трговија на зелените пазари, директна продажба преку социјалните мрежи и слично. Согласно податоците на Меѓународниот монетарен фонд, учеството на сивата економија во севкупниот економски сектор на земјава изнесува близу 40 проценти. Според овој податок, земјата е на четвртото место по обемот на сива економија во регионот на југоисточна Европа.

Организацијата на работодавачи и сите поголеми стопански комори и бизнис здруженија го осудуваат ваквиот начин на работа. Со исплатата на дел од средствата во кеш, не само што губи државата и работникот во иднина, туку тој несовесен газда на некој начин предизвикува нелојална конкуренција во однос на своите колеги стопанственици. Синдикатите и сега ги охрабруваат работниците, доколку некој од работодавачите се осмели да побара назад да му бидат вратени дел од средствата кои ги добиваат по основ на плата, а се предвидени со Законот за минимална плата, веднаш да се охрабрат и да го пријават во инспекторатот за труд или во Сојузот на синдикати на Македонија.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП