30 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДали растот на минималецот ќе „повлече нога“ и кај останатите плати?!

Дали растот на минималецот ќе „повлече нога“ и кај останатите плати?!

Минималецот од 300 евра ќе закрпи некоја дупка, но дали растот на платите ќе продолжи и во останатите сектори. Синдикалците генерално задоволни од износот кој се постигна, а дел од синдикалните здуженија кои не беа поканети на средбата сметаат дека тоа во иднина не смее да се дозволи. Бизнисмените пак вчера од владата не излегоа со задоволен израз на лицето.

По објавата дека минималната мартовска плата ќе изнесува 18 илјади денари, работниците во земјава или нешто над 80 илјади лица според пресметките на властите ќе добиваат за 3 илјади денари повисока месечна плата. Денар оствари контакт со Конфедерацијата на слободни синдикати кои ги застапуваат вработените во јавниот сектор, велат дека го поздравуваат покачувањето на минималната плата, и тоа во ек на економска, енергетска и здравствена криза. Работниците велат последниов период имаат проблеми со куповната моќ, со сите поскапувања кои се случија тргнувајќи од водата, струјата, храната, не можат да ги покријат основните потреби за живот. Но, претседателот на овој синдикат, Благоја Ралповски вели дека мора да се знае и вистината и за повеќегодишното барање на КСС за усогласување на платите согласно Колективните договори. Во случај, каде само на 10 % на работниците во Македонија, со субвенции од Влада им се покачуваат платите, а другите остануваат на друго рамниште како и досега, КСС бара итна средба со премиерот и изнаоѓање начин за излегување од сегашниот лавиринт во кој што Владата сама влезе.

„Вчера бевме сведоци на покачувањето на минималната плата на 18,000 денари, со што Владата се обврза да ги субвенционира придонесите во делот на покачената плата. Барањето на КСС да се разговара по целиот Закон кој што пропишува усогласување на платите, беше експлицитно отфрлено од сите социјални партнери. Вистината е дека во Македонија досега минимална плата земаа 80.000 работници, од кои половината (40.000) беа во јавниот сектор. Од друга страна, со новото покачување кај државните службеници од помошно – технички персонал до самостоен референт, сега ќе земаат иста плата, од технички персонал, па преку помлад до постар полицаец ќе земаат иста плата, како и сестра во примарно здравство ќе биде изедначена со помошно – техничкиот персонал итн. Долгогодишното кршење на Колективните договори и законите од страна на Владата внесува хаос и сериозно порамнување на платите на половина работници во јавниот сектор. Затоа КСС и вчера побара до 1 април да се направи ребаланс на буџетот и сите работници, согласно Колективните договори и законите да го добијат она што им следува“, вели Благоја Ралповски претседател на КСС.

Од Гласен Текстилец пак кое е синдикално здружение кое во најголема мера се залага за подобрување на правата во текстилната индустрија, за Денар велат дека тие биле иницијатор на зголемувањето на минималната плата во 2017 година, и го поддржуваат покачувањето, и сега и тоа многу поголемо од моменталното, бидејќи е реално, возможно е, неопходно е, ама со реални политики и анализи, широка дебата и со сите засегнати и експерти од областа, а не како сега зад затворени врати. Кристина Ампева предводникот на оваа организација за Денар вели дека во нашата држава има од денес за утре политики без да се прави некоја поширока и политика на долги стази за благосостојба на граѓаните, проблем со сива економија, фискализација, иселување, вработувања. Додава дека, од закони кои требаше да бидат во корист на работниците сега има купи продај политика за ,,мачкање очи на јавноста,,

„Се носи закон за покачување на плата, не се става износ, него процент, а министерот за труд и социјална политика може да покачи или усогласи плата по претходно мислење на економско социјалниот совет. Баш ние имаме работодавачи во ЕСС кои ептен ќе се израдуваат при покачување на минимална плата и ќе речат, нема проблем! Како здружение упативме апел, да се направи широка дебата, да бидеме сите вклучени, да помогнеме со нашите знаења, анализи, информации од терен, економистите да разгледаат модели во регионот, пример, Црна Гора, да се направат анализи соодветни за реални и одржливи политики. Не можете вие да кажете, цел приватен сектор дека има потреба од минимална плата или да рамните сектор текстил со банки”, изјави Кристина Ампева од Гласен Текстилец

Своја реакција има и Јаким Неделков прв човек на синдикатот за образование. Според него синоќешното случување во владата било политичка одлука, на задоволство на 13.7% од работниците, а останатите 86,3% се прашуваат дали конечно ќе профункционира правната држава и дали законот за минимална плата ќе се почитува во целост, вели Неделков. Неговите информации велат дека последниве 14 часа бројни се коментарите во однос на изедначување на платите на голем број работни места во иста дејност, со различна сложеност на работата, со различни бодови или коефициенти.

„Класична “урамниловка”. Во градинките,  дури десет групи на различни работни места, со различни бодови, ќе земаат иста плата. Во основното и средно образование “само” пет групи на работни места со различни коефициенти ќе земаат иста плата, односно 18.000 денари. Ова е класичен пример на урнисување на платниот систем, непочитување на законите, колективните договори и меѓународните конвенции кои го третираат овој проблем. За волја на вистината, на синоќешната средба не беше негирано дека ќе има зголемување на платите и на другите работни места во различни дејности (образование, детски градинки, администрација, здравство итн.), но тоа треба дополнително да биде ставено на дневен ред на Економско – Социјалниот Совет (ЕСС) и да се преговара и договара“, вели Јаким Неделков од СОНК

Најголемиот синдикат во Македонија кој директно преговараше за покачувањето на минималецот изрази задоволство од постигнатиот резултат на преговорите со социјалните партнери. Од ССМ велат дека својот предлог го темелеле на стручни економски анализи, а воедно велат дека покажале огромна одлучност од членството, и на тој начин постигнале успех кој што ќе биде пример и за други европски земји поради тоа што висината на минималната плата од 62% е највисокиот износ на минимална плата и за европски услови во споредба со просечната плата.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП