17 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАДали Европа има замена за рускиот гас? Не, но експертите предупредуваат дека...

Дали Европа има замена за рускиот гас? Не, но експертите предупредуваат дека Москва зависи од германските девизи

Што ако испораката на руски гас биде прекината поради кризата во Украина? Експертите велат дека на Германија би и било тешко да ја пополни таа празнина. Но, тие исто така наведуваат дека Русија е подеднакво зависна од германските девизи.

Русија никогаш не користела гас или нафта како оружје за уценување други земји, велат претставници на енергетските концерни и политичари на земји пријателски на Москва. Во спорот за Украина, сепак, сѐ добива впечаток дека Владимир Путин ја фрлил во вода стратегијата на својот претходник.

Практично е празно најголемото западноевропско складиште за гас на рускиот концерн „Газпром“, кој се наоѓа во Рехден, Германија. Пополнети се само шест отсто од капацитетот. Другите складишни капацитети се полни само 13 проценти – историски најниското ниво на гас во европските складишта за гас во средината на зимата.

Германија зависи од рускиот гас

Германците сѐ уште не смрзнуваат, снабдувањето со струја не е ограничено бидејќи складиштата за гас што ги испорачуваат компании од Норвешка и Холандија се речиси половина полни.

Но, доколку Русија во случај на ескалација на украинскиот конфликт целосно го затвори снабдувањето со гас, тогаш Европа, а особено Германија, би се соочиле со сериозен проблем. Русија е убедливо најголем снабдувач на гас во Германија со удел од 55 отсто, а потоа следат Норвешка (30 отсто) и Холандија (13 отсто).

Кој би можел да ја пополни празнината во итен случај? Норвешка веќе одби. Иако не може да зборува во име на енергетските компании, норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе за време на неодамнешната посета на германската индустриска и трговска комора во Берлин рече: „Колку што знам, производството во моментов е со полн капацитет. Ако нема испорака од Русија, не можеме да ја пополниме празнината“.

САД би можеле да испорачаат повеќе, но …

Сега сите погледи се насочени кон Америка, еден од најголемите светски производители на природен гас. Според агенцијата Ројтерс, американската влада се договорила со германските и европските енергетски компании за плановите за испорака на гас во Европа во итни случаи. Се зборуваше за одложување на работите за одржување, така што ќе се одржи производството на гас на високо ниво.

Сепак, контактираните енергетски компании објаснија дека загубата на големи количества гас од Русија ќе биде тешко да се надомести, наведувајќи го скудното снабдување со гас ширум светот. Не е познато кои компании биле контактирани од претставниците на Стејт департментот.

Портпаролот на Советот за национална безбедност на САД одби да ги коментира разговорите. Сепак, тој потврди дека се планира евентуална вонредна состојба.

Соединетите Држави се најголемиот светски извозник на течен природен гас од декември, надминувајќи го Катар. Според агенцијата „Bloomberg“, повеќе од илјада товарни бродови отпловиле од САД минатата година, кои превезувале течен природен гас. Половина се отидени во Азија, третина во Европа. Сепак, постои скептицизам дали САД можат целосно да ја компензираат загубата на гас што доаѓа од Русија.

Американските залихи веројатно не се доволни

Во интервју за „Handelsblatt“, Леонхард Бирнбаум, шеф на енергетскиот гигант „Е.on“, изјави дека „САД не можат да го компензираат гасот од Русија“.

Европската комисија се обидува да ја смири ситуацијата и вели дека системот за снабдување во ЕУ може да се справи со големата побарувачка и прекини во понудата во повеќето делови на Европа. Сепак, тие признаваат дека на Европа можеби ќе и треба „повеќе увоз на гас“.

Германскиот министер за економија Роберт Хабек смета дека е можно дополнително зголемување на новосоздадените капацитети на ЕУ за производство на течен гас. Капацитетите во Холандија, Полска и Италија во моментов ги користат само триесет проценти.

„Доколку тие се зголемат на сто проценти, би можело да се задоволат голем дел од потребите со увоз на течен гас од ЕУ“, изјави овој политичар на Зелените.

Енергетскиот експерт Клаудија Веленројтер од Хамбуршкиот институт за меѓународна економија не верува дека тоа воопшто ќе биде потребно. И покрај тензичната ситуација, не предвидува проблеми со снабдувањето.

„Не само што Германија зависи од рускиот гас, туку и Русија зависи од приходите од извозот на гас“, рече таа.

Неколку гасоводи ја снабдуваат Европа

На долг рок, германскиот министер за економија планира да ја зајакне контролата врз резервите на гас во земјата: зимата покажа дека Германија, со намалените залихи, е поподложна на флуктуации на цените и геополитички тензии.

„Затоа треба подобро да се подготвиме за следната зима за магацините да бидат добро исполнети. Тоа го гледам како политичка задача“, вели Роберт Хабек.

Најголемиот светски производител на природен гас, „Газпром“, испорачува гас во Европа преку неколку рути. Покрај трасата преку Украина и гасоводот „Јамал“ преку Белорусија и Полска, гасот тече и директно од Русија до Германија, најважниот „Северен тек“.

„Северен тек 2“, кој оди паралелно со неговиот двоен гасовод, сега е завршен, но сè уште не е пуштен во употреба. Тој гасовод е предмет на геополитички спорови и не е реално да се работи за време на тензиите околу Украина.

Тука е и таканаречениот „Турски тек“, чиј еден крак продолжува низ Балканот.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП