26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПрвата фаза од проектот „Отворен Балкан“ функционира без проблем!

Првата фаза од проектот „Отворен Балкан“ функционира без проблем!

Три недели функционира првата фаза од регионалниот проект Отворен Балкан. На граничните премини со Србија и со Албанија засега по потпишувањето на  Договор за соработка во областа на ветеринарството, безбедноста на храна и фитосанитарната политика состојбата се одвива тековно, без проблеми. Информациите од надлежните државни институции велат дека се почитуваат националните законодавства од соодветните области, како и пропишаните меѓународни стандарди за трговија и претходно склучените билатерални и мултилатерални договори во однос на извозот и увозот на храна за животни и живи животни.

Агенцијата за храна и ветеринарство е одговорна институција за безбедноста на храната, како за храната која е произведена во земјава така и за онаа која е увезена од странство. Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство вршат задолжителна контрола на секоја увозна пратка на граничните премини. Контроли се прават и при истовар на увезените пратки. Според информациите кои ги добивме од оваа државна институција, покрај задолжителниот преглед на документацијата, тие вршат и физички преглед на пратките кои се увезуваат во земјава, а при некаков сомнеж, од пратките се земаат и мостри за анализа. Доколку се утврдат некакви нерегуларности не се дозволува увоз во земјава, односно тие се ставаат под надзор, се додека не се добијат резултати од направени лабораториски анализи со кои се потврдува дека пратката е безбедна. Според договорот помеѓу трите држави, пратките со храна и добиточна храна мора да бидат придружени со резултати од лабораториски анализи, извршени со акредитирани методи и издадени од акредитирани лаборатории кои се меѓународно признати, вели за Денар директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Николче Бабовски.

„Со потпишаниот Договор за соработка во областа на ветеринарството, безбедноста на храна и фитосанитарната политика меѓу Албанија, Србија и нашата држава, во рамки на иницијативата „Отворен Балкан“, поедноставени се царинските постапки, олеснет е транспортот и трговијата. На граничните премини при увоз се врши само контрола на документацијата на увозните пратки, односно, идентификациски преглед на пратките. Физичкиот преглед на пратките и земањето на мостри за лабораториско испитување, доколку се утврди потреба, наместо на граничните премини се врши на местото на истовар, или на царинските терминали во внатрешноста на државите, со што се избегнува и можноста за забавување или блокирање на протокот на стоки на самите гранични премини“, додава директорот на  Агенцијата за храна и ветеринарство Николче Бабовски.

Покрај договорот за меѓусебно признавање на лабораториските анализи, секоја од државите го задржува и правото да ги контролира и испитува пратките при увоз. Секоја од трите држави потписнички на Договорот, имаат увид и во степенот на безбедност на храната за секоја од земјите како и за усогласеноста на националните законодавства со ЕУ, легислативата во областите кои се предмет на потпишаниот договор. Разменети се и мониторинг планови за безбедност на храната и здравје на животните кои се спроведуваат од надлежните институции во секоја од државите. Трите држави се согласни дека договорот е основа за интензивирање на соработката, унапредување и раст на трговијата во областа на  ветеринарството и безбедноста на храната, врз основа на воспоставени ЕУ стандарди.

Од Министерството за земјоделство ни соопштија дека спогодбата за соработка во областа на ветеринарството, безбедноста на храна и фитосанитарниот сектор во рамките на Западен Балкан во делот на фитосанитарната соработка има за цел да ја олесни и продлабочи меѓусебната трговија со растенијата и растителните производи, да се заштитат териториите на земјите од внесување и ширење на штетни организми на растенијата и растителни производи. Дополнително целта според надлежните е да се сведат на минимум ризиците по здравјето на луѓето, животните и растенијата и ограничат загубите кои настануваат како резултат на внесување и ширење на штетни организми. Во периодот од 21 декември 2021 година заклучно со 10 јануари 2022 година од страна на фитосанитарната инспекција на граничен премин извршени се инспекциски контроли на 326 пратки од увоз со потекло од Србија и Албанија односно 89 пратки извоз во Србија и Албанија. Надлежностите на граничната фитосанитарната инспекција од Државниот инспекторат за земјоделство се однесуваат на контролите на здравствената состојба на пратки од растенија и растителни производи на граничните премини за да се утврди присуство на карантинските штетни организми, а со цел да спречи нивното внесување и ширење на територите на земјите. Увозот, транзитот и извозот на растенија и растителни производи може да се изврши само доколку се во согласност со барањата наведени во нормативните акти од областа на здравјето на растенијата, појаснуваат од ресорното министерство за земјоделство. Интегрален дел на Спогодбата е Листата на растенија и растителни производи кои мора да се пропратени со фитосанитарен сертификат, a која е усогласена помеѓу трите земји. Ова подразбира дека секоја земја гарантира дека во секоја пратка од растенија и растителни производи нема присуство на карантински штетен организма, вели за Денар заменик министерот за земјоделство Трајан Димковски.

„Во случај да се утврдат неправилности односно се утврди присуство на карантински штетни организми тогаш надлежната служба во која се увзеува пратката веднаш ја информира другата надлежната служба која извезува за неусогласеност со фитосанитарните барања и на увозникот му се наложуваат соодветни фитосанитарни  мерки согласно националното законодавство. Овие мерки подразбираат враќање на пратката, уништување на пратката, преработка, соодветен третман и слично. Во рамките на Спогодбата надлежните служби од трите земји ги признаваат  извештаите од тестирањата на растенијата и растителните производи од лаборатории со акредитирани методи или меѓународно препорачани метори за штетните организми. Секоја земја потписничка гарантира безбедност на своите производи преку извршените лабораториски анализи“, вели Трајан Димковски министер за земјоделство шумарство и водостопанство.

Со оваа Спогодба земјите потписнички се обврзаа да ги унифицираат растенијата и растителните производи кои ќе бидат предмет на гранична фитосанитарна инспекција и кои задолжително треба да бидат пропратени со фитосанитарен сертификат со цел да се избегне моменталната ситуација одредени земји да бараат фитосанитарен сертификат за различни типови на производи кои не се предмет на фитосанитарната инспекција. Исто така, планот е да се унифицираат мониторинг програмите за следење на карантинските штетни организми на територијата на трите држави со цел понатамошно намалување на ризикот кој со себе ги носат пратките, во насока на редуцирање на инспекциските контроли на граничен премин. Со воведувањето на новите правила само прегледот на документите ќе се спроведува на граничниот премин, а договорено е физичките проверки на пратките од растенија и растителни производи да се спроведуваат на најблискиот Царински терминал во внатрешноста на државата со цел да се намали времето кое пратките го поминуваат на граничниот премин и истовремено се дава приоритет на овие пратки.

Во однос на компаниите придобивките се да се обезбеди побрз проток на пратките, со намалување на времето на контролата, понатаму ќе се намалат трошоците за издавање на извештаи за лабораториска анализа затоа што истите ќе бидат взаемно признати, а воедно ќе се зголеми трговската размена и ќе продлабочи соработката помеѓу надлежните служби на земјите потписнички на Спогодбата.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП