19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНаместо мирно решавање на работните спорови, граѓаните и фирмите со години се...

Наместо мирно решавање на работните спорови, граѓаните и фирмите со години се „влечат“ по судските ходници!

Граѓаните не го практикуваат вонсудското решавање на работните спорови. Иако Законот за мирно решавање на работните спорови е донесен во 2007-ма година, во пракса воопшто не се применува од страна на граѓаните и фирмите. Причината за ова експертите го гледаат во недоволната информираност дека на располагање имаат и можност спорот да го решат по пат на договор, а не само во судските институции. Од друга страна пак, оние кои се запознаени, а не го практикуваат вонсудското решавање на работните спорови, познавачите сметаат дека се должи на фактот на непознатост на текот на постапката или непостоење на двојна согласност за истото, како што предвидува Законот за мирно решавање на работните спорови. 

Законот за мирно решавање на работните спорови дава можност споровите да се решат на мирен начин по пат на помирување и арбитража, каде и се делат на колективни и индивидуални спорови и во законот за прв пат се предвидени лиценцирани помирувачи  и арбитри кои го спроведуваат овој закон, а за истото надлежно е Министерството за труд и социјална политика. Одговори за тоа која е главната причина што овој тип на решавање на спорови во Македонија е неприменлив, но и кои се придобивките од истиот, Денар побара одговор од адвокатот Мимоза Салтирова. Таа смета дека за да може да се користи ова право за мирно решавање на работните спорови неопходно е двете страни во постапката да имаат заедничка волја и согласност за водење на спорот на мирен начин. Тоа значи дека двострано потпишано мора да го поднесат барањето за мирно решавање на работниот спор до МТСП, каде го наведуваат избраниот арбитер односно помирувач, а доколку немаат одбрано, тоа може да го сторат од листата на помирувачи и арбитри која е објавена на сајтот на министерството за труд.

„Законодавецот точно ја дефинирал улогата на овие лица во постапката за кои важи правилото трета независна страна во спорот. А разликата се огледа во тоа што за помирувач се смета лице кое учествува во колективен работен спор, каде може да ги превземе сите неопходни дејствија и да помага на страните да изнајдат соодветно решение при преговарање и потпишување на колективни договори. Ова лице нема право на глас. Арбитарот учествува во индивидуален работен спор, каде законот точно предвидел кои постапки влегуваат во арбитража, а тоа се : oтказ од работа и неисплатени плати“, објаснува адвокат М-р Мимоза Салтирова.

Во однос на разликите и сличности со класичното судско решавање на споровите Салтирова вели дека постојат многу сличности, со судската постапка и тоа е во однос на процедуралните правила. И кај мирното решавање на споровите исто како и кај судското постои рочиште, одлука и завршни зборови. Всушност целата постапка која ја води лиценцираното лице како трета независна страна во спорот наликува на процедуралните правила за водење на судска постапка, додава адвокатката.

„И во оваа постапка има Основни начела за водење на истата, односно Начело на доброволност утврдено во Член 5 од Законот и Начело на независност, неутралност и непристрасност утврдено во Член 6 од Законот. За да се заведе судска постапка потребно е да се плати судска такса за тужба, а потоа имаме судска такса за одлука, за жалба или одговор на жалба, понатаму, неопходно е да се изготви вешт наод и мислење од соодветна област, често пати потребно е да се прават нотарски заверки на доказите кои се доставуваат со тужбата, како и ангажирање на адвокат за водење на судскиот процес, со што може да заклучиме дека финансиската импликација е високо поставена за тужба за работен спор. За разлика од оваа постапка, мирното решавање е постапка за која не е потребно да се плати такса, вештачење и други пропратни трошоци. Но важно е да се напомене дека по овој закон може да се поведе постапка  единствено со двострана согласност и со поднесено барање до МТСП во кое слободно се избира помирувач -армитер, како што напоменав претходно. Исто така голем бенефит од мирното решавање е брзата постапка“, вели Салтировска.

Една од позначајните поволности за двете страни е тоа што роковите во овие постапки се многу кратки за разлика од судските постапки. Тоа значи дека од прием на барањето арбитерот е должен да закаже рочиште во рок од 3 дена. Доколку се одложи рочиште по службена должност или по барање на една од страните, арбитерот е должен во рок од 5 дена да закаже ново. Откако странките ќе ги дадат завршните зборови, во рок од 30 дена се носи одлука. Тоа значи дека постапката е многу кратка за разлика од судската, која во пракса за спор за неисплатени плати трае и повеќе од 2 години,  додека помине низ сите судски инстанци и додека таа одлука стане правосилна и извршна. Мирното решавање на споровите е до толку неупотребена алатка од страна на граѓаните и компаниите што не може да се извади ниту статистички податок, колку од споровите завршиле во нечија корист. Законот за прв пат се донесе 2007 година и од тогаш во два наврати имаше негови измени и дополнувања, за да во 2014 год да е објавен последниот текст во Службен весник каде во завршните одредби е предвидена неговата примена која започна 01 јануари 2015 година.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП