3 јули, 2025
ПочетнаКАРИЕРАЧитај книги за побрзо да се збогатиш

Читај книги за побрзо да се збогатиш

Некои ќе речат дека книгите не плаќаат сметки. Други, пак, ќе се заколнат дека токму тие им го смениле животот – и тоа не само во главата, туку и во паричникот.

Ристе Митрев, денес сериозен газда со десетина вработени во Скопје, почнал како обичен продавач зад каса.

„Да ми речеше некој пред 15 години дека ќе водам сопствен бизнис, ќе му се изнасмеев“, признава.

Но нешто се скршило во него кога првпат зел книга за личен развој. Не ја памети насловната, ама памети дека тогаш почнал да гледа поинаку на светот.

Оваа тема — дали читањето има врска со финансискиот напредок — сè почесто се провлекува и низ дебати и низ кафе муабети.

Најдолго време важеше „филмот“ дека дипломите и академијата се сигурната карта за подобар живот. Денес, меѓутоа, се покажува дека личниот напредок, кој често стартува со некоја книга, може да тежи исто колку и факултет.

Социологот Љубица Маџовска тоа убаво го сублимира: „Книгите нема да ти дадат готов рецепт како да станеш богат, ама ќе ти го отворат умот. А кога човек ќе почне да верува дека може повеќе — обично и прави повеќе“.

Секако, не е секој што чита автоматски кандидат за милионерски клуб.

Финансискиот аналитичар Бојан Краљев вели: „Можеш ти да прочиташ триесет книги за економија и пак да си празен. Ако ништо не примениш, џабе“.

Има и еден детал што овде често го превидуваме. Во Македонија, просечно се читаат едвај една-две книги годишно. Тие што читаат повеќе, најчесто ги гледаме како интелектуалци, а не како луѓе што знаат да заработат. Но реалноста понекогаш изненадува — баш тие знаат убаво да прочитаат кредитен договор, да знаат што потпишуваат и да вложат пари таму каде што има долгорочна вредност.

Било да е тоа знаење, некое парче земја или свој мал бизнис.

Плус, читањето прави нешто што не се забележува на прв поглед: ја гради дисциплината. А без дисциплина нема ниту штедење, ниту паметни инвестиции. Човек што може да седне секоја вечер со книга во раце, обично знае и да се воздржи да не ги фрли сите пари на нешто што веднаш ќе му се допадне.

На крајот на краиштата, нема гаранција дека ако читаш — ќе се збогатиш. Но има големи шанси дека ќе научиш да носиш подобри одлуки. А кога парите се во прашање, тоа често вреди повеќе од која било диплома.

„Првата книга за пари ќе те натера да си речеш — а бе, како сум бил будала досега. Десеттата ќе те натера да пробаш да смениш нешто“, вели Краљев со полуиронична насмевка.

И во тој циничен коментар има повеќе вистина отколку во цел куп семинари.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП

NEWSLETTER

Добивајте вести на e-mail

Бидете во тек со најновите вести од Денар