28 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСиндикатите и стопанствениците не се против имунизација, но нема да дозволат присилна...

Синдикатите и стопанствениците не се против имунизација, но нема да дозволат присилна вакцинација!

Синдикатите од јавниот но и од приватниот сектор, независни синдикати, здруженија кои се борат за работничките права, и дел од бизнис здруженијата од Македонија испратија жестоки реакции до здравствените власти, по најавите за вакцинација како услов за одење на работа во јавниот сектор и локалната самоуправа. Синдикалците, и работодавачите велат дека не се против имунизација на граѓаните, туку не се согласуваат со начинот на кој власта се обидува да им наметне обврска која треба да биде по личoн избор. Дополнително, министерот за здравство Венко Филипче испрати апел и до приватните компании, и порача оваа мерка да важи и за реалниот сектор. За дел од експертската јавност барањето за задолжителна вакцинација како услов да се оди на работа е чиста лудост.

Од најголемиот синдикат, Сојузот на синдикати на Македонија велат дека не треба да се вршат вакви уцени за да се зголемува бројот на вакцинирани граѓани против корона вирусот. Од синдикатот кој ги застапува правата на вработените во управата, правосудните органи и здруженија на граѓани УПОЗ за Денар велат дека испратиле барање до Владата за преиспитување на мерката за вакцинација на вработените. Синдикалците сметаат дека ваквата предлог мерка на Комисијата за заштита на населението е против уставна, спротивна на позитивните законски норми, меѓународните конвенции за заштита на човековите права и слободи и препораките на Обединетите нации. Она што посебно ги загрижува е тоа што ваквата предложена мерка директно задира во финансиската моќ на вработените, и уште повеќе ја загрозува и онака малата економско – материјална состојба на вработените.

„Нашето мислење е дека доколку Владата реши да ја прифати ваквата предлог мерка од Комисијата за заштита на населението, ќе ги прекрши темелните вредности на кои е поставен Уставот. Доколку вработените бидат спречени да се појават на работа поради немање на сертификат или ПЦР тест се отвара можност за прекин на работниот однос на вработените или поведување на дисциплински постапки и парични казни. Предложените задолжителни ПЦР тестови на секои 72 часа (3) дена, ќе значат дека вработените ќе мораат да издвојат приближно 20.000,00 денари месечно само за ПЦР тестови, односно ќе мора да ја потрошат целата своја плата за да докажат дека можат да одат на работа“, велат од УПОЗ

Од тие причини апелираме при носење на одлука по предложените мерки од Комисијата за заштита на населението, Владата да ги има во предвид уставните и законски одредби, меѓународните конвенции за човекови права и слободи и меѓународните ратификувани договори и апелираме да се изнајдат други начини за да се мотивираат вработените да се вакцинираат.     

Конфедерацијата на синдикални организации застана во одбрана на правата на работниците. Од овој синдикат за Денар велат дека е неприфатливо да се наруши слободниот избор на вработените во јавниот и приватниот сектор по однос на имунизацијата од Ковид 19. Нивните проценки велат дека најголемиот дел од работниците се веќе вакцинирани, но постои и дел од вработените кои одлучиле да не се вакцинираат. Тоа го одлучиле поради нивни лични или здравствени причини. 

„Како КСОМ ја поздравивме кампањата и едукацијата на работниците по однос на вакцинацијата, но на крајот секој поединец сам носи одлука за сопственото тело. Присилната-задолжителна вакцинација е неуставна и доколку истата преиде во фаза на спроведување, КСОМ најавува дека ќе организира синдикални протести и ќе покрене иницијатива пред Уставниот суд со цел да ги заштити членовите на синдикатот кои по сопствено убедување решиле дека не сакаат да се вакцинираат“, велат од Конфедерацијата на синдикални организации.

Од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија кои се застапници на правата на вработените во јавниот сектор и администрацијата, велат дека се спротиставуваат и остро реагираат на предложените мерки на Комисијата за заразни болести. Условот вработените да имаат примено барем една доза вакцина, или да приложат негативен ПСР тест не постар од 72 часа и тоа направен на соспствен трошок е против сите основни права на граѓаните. Од КСС апелираат до владата добро да размисли дали ќе ги донесе овие мерки.

„Вакцинирањето треба да е личен избор, а не да се наметнува со мерки, како што тоа сака да го наметне Комисијата за заразни болести на чело со Министерот за здравство Венко Филипче. Предлогот на Комисијата, трошоците за ПСР тестовите да бидат на трошок на вработените за нас е неприфатлив, со оглед на тоа дека над 80,000 вработени во јавниот сектор се на минимална плата која не е доволна да се преживее во текот на месецот. Недозволиво е на осиромашените работници, да им се наметнуваат дополнителни трошоци, а притоа да се прекршуваат и нивните човекови права“, велат од КСС.

И од здружението Гласен текстилец излегоа со жестока реакција. Од ова здружение велат дека веднаш оваа мерка ќе ја обжалат пред Уставниот суд. Активестите се заканија, доколку власта не се откаже од оваа идеа, ќе организираат протести и штајкови како во јавниот така и во приватниот сектор.

„Гласен Текстилец“ најостро се спротивставува на овие предлог-мерки и укажуваме на Владата да не ги усвојува бидејќи самата Предлог-одлука за задолжително вакцинирање на вработените од јавниот сектор е неуставна и противзаконска, односно спротивна на чл. 9,10,11 и 27 од Уставот, спротивна на членовите 6,7,14 и 25 од Законот за заштита на правата на пациентите и спротивна на членовите 8,9 и 12 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, велат од „Гласен текстилец“.

А своја реакција по повод мерките за задолжителна вакцинација има и Сојузот на стопански комори. Од таму велат дека овие две години уште од почетокот на пандемијата тие даваат  активен придонес преку постојано следење на мерките и доставување на свои конструктивни предлози и мислења во насока на нивно унапредување, се со цел заштита на здравјето и намалување на штетните последици врз економијата.

„Нашиот став е дека правото на вакцинација која не е задолжителна, е лично право на избор и истото не треба да се ограничува. Сметаме дека многу подобар ефект наместо со репресивни ќе се постигне со стимулирачки мерки и навремено обезбедување на повеќе видови на вакцини и релевантни информации за нивната безбедност“, додаваат од Сојузот на стопански комори.

На ваквите реакции на синдикатите реагираа од Министерството за здравство кои тврдат дека мерките кои ги предлага Комисијата за заразни болести не предвидуваат присилна вакцинација.

„Вработените кои ги опфаќаат новите мерки имаат избор да приложуваат и негативен тест еднаш неделно, доколку одлучат да не се вакцинираат, а сите оние кои имаат здравствени проблеми заради кои не може да се вакцинираат, не се присилени да го направат тоа. Истите мерки кои ги предлагаме се веќе воведени во многу земји во Европа и регионот, како на пример во Словенија, Хрватска и Грција, каде одамна се во сила. Во услови кога се заканува нов силен ковид-бран, должност на Министерството и Комисијата е да предлагаат соодветни мерки кои со сигурност ќе дадат резултати како за намалување на ширењето на вирусот, така и за подигање на процентот на имунизирано население“, велат од Министерството за здравство.

На социјалните мрежи веќе дел од експертската јавност предупреди дека не од корист туку на штета ќе биде граѓани со антитела да примаат вакцина само за да може да одат на работа. Наместо копирање на мерки од странство, експертите сугерираат да се поттикне вакцинацијата на друд стимулативен начин.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП