Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, вчера упати јасен повик до банкарскиот сектор: време е за намалување на провизиите што ги плаќаат граѓаните и компаниите при користење на платежните услуги.
На средбата со претставниците од Македонската банкарска асоцијација, Славески презентираше конкретни предлози кои, според него, треба да придонесат за пофер, поевтини и подостапни финансиски услуги за сите корисници во државата.
Според Народната банка, првиот чекор во оваа насока ќе го направи токму таа – преку намалување на надоместоците што банките ги плаќаат за користење на системот МИПС (Меѓубанкарски информативен платен систем). Очекувањата се дека и банките ќе ја следат оваа иницијатива, прилагодувајќи ги своите провизии на разумно ниво.
Но, што значи ова за обичниот граѓанин кој секојдневно се соочува со високи трошоци за одржување на сметка, за онлајн банкарство, за подигнување пари на банкомат или за извршување на обична трансакција?
Економските експерти објаснуваат дека, ако се реализираат предложените мерки, тоа ќе значи директно олеснување за семејните буџети и за работењето на малите и средни компании.
„Доколку банките го следат примерот на Народната банка и навистина ги намалат надоместоците, тоа ќе има реален ефект – месечните трошоци за одржување на сметка, за онлајн трансакции или плаќања во продавници со картичка, ќе се намалат или ќе бидат укинати. За обичниот граѓанин, тоа се пари кои ќе останат во џебот, наместо да се прелеваат во банкарскиот систем“, велат експертите.
Особено важен е делот што се однесува на електронското и мобилното банкарство. Иако овие услуги веќе се широко користени, некои банки и натаму наплатуваат посебни провизии за нивно користење – иако клиентите веќе плаќаат за одржување на сметката.
Според иницијативата на Славески, овие двојни трошоци треба да се укинат, што би значело дека граѓаните би можеле да извршуваат трансакции преку интернет – без дополнителни такси.
Друг аспект од предлозите се однесува на плаќањата што се вршат во рамки на една иста банка – таканаречените внатрешнобанкарски трансакции.
За нив, според Славески, не постои реален оперативен трошок, па логично е надоместоците да се укинат. Во пракса, ова би значело дека ако некој префрли пари од својата сметка на друга сметка во истата банка – нема да плати ништо.
Се предлага и значително намалување на провизиите за меѓубанкарски плаќања во денари – кои се вршат преку КИБС и МИПС.
„Овие трошоци особено ги чувствуваат фирмите, кои дневно прават десетици или стотици трансакции. Но, и граѓаните кои, на пример, плаќаат фактури кон сметки што се водат во други банки, плаќаат повисоки такси токму поради овие меѓубанкарски преноси“, велат експертите.
Покрај тоа, се укажува и на уште еден сериозен проблем – високите трошоци за подигнување пари на туѓ банкомат, особено кога тоа се прави надвор од матичната банка или во странство.
Во некои случаи, овие провизии се пресметуваат процентуално, што значи дека колку поголем е износот, толку повисок е и трошокот. Предлогот е овие провизии да се претворат во фиксен трошок по трансакција – модел кој би бил и поедноставен и пофер за корисниците.
Во однос на трговците, Славески побара и намалување на провизиите што банките им ги наплатуваат за прифаќање платежни картички. Иако меѓубанкарските провизии се веќе ограничени со закон и усогласени со ЕУ-стандардите, трговците сè уште се жалат на високи банкарски трошоци, што индиректно се прелеваат и кон потрошувачите преку цените на производите и услугите.
Економските експерти предупредуваат дека ваквите иницијативи нема да имаат ефект доколку останат само на ниво на добри намери.
„Потребна е транспарентност, регулаторна следливост и вистинска конкуренција. Ако една банка ги намали провизиите, а другите не – клиентите треба да бидат информирани и охрабрени да ги променат своите навики и да преминат таму каде што услугите се поевтини и пофер“, велат тие.
Одлуката на Народната банка да го направи првиот чекор е симболичка, но и суштинска. Таа праќа порака дека централната институција не е само набљудувач, туку и активен учесник во креирањето на фер финансиско опкружување.
Сепак, топката сега е кај банките – дали ќе ја прифатат понудената рака и ќе покажат подготвеност за промени што ќе значат реално олеснување за граѓаните?
Во време кога трошоците за живот растат, а инфлацијата сè уште го „гризе“ семејниот буџет, секое денарче помалку за банкарски провизии може да направи значајна разлика.
А токму тоа е суштината на иницијативата: да се воспостави рамнотежа помеѓу профитабилноста на банките и правото на граѓаните да имаат пристап до евтини, сигурни и достапни финансиски услуги.
Б.З.М.