И по речиси две години живот во пандемија добар дел од граѓаните не ги почитуваат мерките за превенција. Освен незаинтересираноста за вакцинација, процес кој во земјава трае околу седум месеци, а не се вакцинирани ниту 50 отсто од полнолетното население, дел од граѓаните се почесто се обидуваат да ги изиграат правилата за однесување во оваа здравствена криза. Не само што добар дел одбиваа да носат маска на отворено кога беше таа мерка на сила, сега се прекршуваат и останатите правила, а се поактуелни се и лажните сертификати кои се услов за влез во трговски центри, угостителски објекти и останати затворени објекти каде најчесто циркулираат граѓаните.
Денар подготви анализа како се движат податоците и бројките на санкционирани граѓани од почетокот на пандемијата до денес, во однос на непочитувањето на мерките за превенција од заразата. Речиси 202 илјади граѓани се санкционирани дека не носеле заштитна маска. Најмногу прекршоци се изречени во Скопје 42 илјади, градови каде има и над 30 илјади казнети граѓани за неносење маска има во Тетово и во Куманово.
„Во периодот од престанокот на мерката за носење на заштитна маска на отворен простор, односно од 01-ви јуни заклучно со 04-ти ноември констатирани се вкупно 7.813 прекршоци. Најголем број од прекршоците се констатирани на подрачјето на СВР Тетово-3.232, потоа следува СВР Струмица – 1.588, СВР Велес – 1.222, СВР Куманово – 1.053 и СВР Скопје со 405 прекршоци. Во рамки на активностите за заштита и справување со вирусот Ковид-19 во периодот од почетокот на пандемијата заклучно со 04.11.2021 година, врз основа на извршени контроли кај лица во изолација и самоизолација утврдено е дека 847 лица не ја почитувале мерката за изолација и самоизолација, а 7.771 лице не ја почитувало забраната за движење. До овој момент по овие основи регистрирани се 6.680 кривични дела против здравјето на луѓето кои се однесуваат на спречување на ширење на епидемијата, за што кривично се пријавени 7.290 сторители“, велат од МВР.
И Државниот пазарен инспекторат е со полни раце работа. Инспекторите од оваа институција почетокот на пандемијата заклучно со октомври годинава извршиле вкупно 3996 инспекциски надзори и издаде вкупно 238 прекршочни платни налози. За наведениот период изречени се вкупно 65 кривични постапки против сторителите и изречени се вкупно 167 Решенија за привремена забрана за вршење на дејност, и тоа согласно Законот за заштита на населението од заразни болести. Од инспекторатот за Денар велат дека за време на пандемијата покрај контролите извршени во угостителските објекти, тие имаат ингеренции да вршат контроли и на обложувалници, молови, како и други дејности опфатени со мерките на Владата. Извршени биле и проверки на организирани прослави, свадби и слично. Тоа значи дека контролите и инспекциските надзори се вршат по сите основи наведени во протоколите и мерките вклучувајќи ги и сертификатите, постоење на редари и слично и решенијата кои се донесени и превземените мерки се и по тие основи. Директорката на Државниот пазарен инспекторат Анета Симеска Димоска испрати апел граѓаните посовесно да ги почитуваат мерките за превенција од Ковид-19.

„Изречените глоби се различни зависно од големината на субјектот, а се движат воглавно од 500 до 7000 евра вкупно изречена глоба по субјект. На неделна основа на веб страната на ДПИ даваме и соопштенија за јавност за нашето постапување, каде има и подетални информации. Државниот пазарен инспекторат има ограничени капацитети за секојдневно и целосно покривање истовремено на сите субјекти но затоа контролите се прават со проценка на ризик и согласно информациите и затоа сакам да ја искористам приликата да апелирам до сите субјекти – трговци и посебно угостители да ги применуваат и почитуваат мерките предвидени со Одлуките на Владата и протоколите за работа за да не се доведат во ситуација да бидат изречени глоби и да се соочат со затворање на објектите. Морам да испратам воедно апел и до граѓаните и посебно младите да ги почитуваат мерките за заштита и да се придржуваат да се вакцинираат за да се избегнат сите несакани последици и по однос на непочитување но и по однос на заболување што е и најважно во периодов – да се заштитиме и го спречиме ширењето на вирусот“, вели Анета Симеска Димоска директорка на ДПИ.
Се погласни се предупредувањата на здравствените власти дека на повидок е нов бран на заразата. Комисијата за заразни болести одлучи дека засега е рано да се препорачуваат нови, рестриктивни мерки. Но, веќе од вчера, за посета на мол или за влез во угостителски објект граѓаните мора да бидат целосно имунизирани со кови-вакцина или да го имаат прележано вирусот во последните 45 дена.
И.П