26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМладите не сакаат да работат во фабрика!

Младите не сакаат да работат во фабрика!

Младите не ни помислуваат да работат во фабриките. Најголемиот дел од нив се гледаат како идни програмери или вработени во некоја од индустриите каде нема многу физичка работа. Не секогаш висината на плата е првиот мотив за вработување на младиот човек во Македонија. Младите не „бегаат“ од земјава само поради стандардот на живот, сакаат да имаат подобро образование, поефикасно здравство, и да не им бараат партиска книшка за вработување.

Се помалку граѓани се заинтересирани да работат во фабриките. Освен стопанството што кубури со квалификуван кадар во приватниот сектор, сериозен проблем имаат бизнисмените во потешките индустриски гранки да најдат работници. Работодавачите велат дека индустријата е преплавена со работници во поодминати години и добар дел од нив за брзо време ќе мора да заминат во пензија, но замена нивна скоро и да нема. Младите луѓе не сакаат тешка работа, колку и да е платена. Владанка Трајкоска, новата претседателка на Организацијата на работодавачи за Денар вели металната, текстилната, електро индустријата и останати индустрии ги чека тешок период во обезбедувањето на кадар и нивно вклучување во производствениот процес.

„Работиме со сериозно возрасен кадар. Младите едноставно не се инспирирани да работат во фабрика, да работат во услови кои би требало да функционираат во заедница, во една коорпорација или да имаат свое корпоративно однесување. Од таа причина се помалку млади луѓе сакаат да работат во индустријата. Зборувам конкретно во електро индустријата. Или пак во тешката индустрија. Се повеќе младите своето работно место го гледаат во информатиката, во делот на компјутерите и нивната иднина ја забележуваат во таа насока. А електро индустријата, металната индустрија, текстилната индустрија, кубури со млад кадар“, вели за Денар Владанка Трајковска претседателка на Ораганизацијата на Работодавачи. 

За разлика од потешкиот тип на индустрии, условно речено, млaдите луѓе кои се повеќе се заинтересирани за новите технологии и преферираат да се вработат во ИКТ индустријата. Освен висината на платите, вработените во оваа индустрија добиваат и серија други поволности кои ретко може да се сретнат во останатите сектори во стопанството. Од Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии-МАСИТ за Денар велат дека ИКТ компаниите во земјава се редок пример за правни субјекти кои паралелно вложуваат во нови и иновативни решенија и во своите вработени. Според последните податоци оваа индустрија вработува вкупно 16.712 лица,и годишно дели околу 220 милиони евра за бруто плати односно околу 154 милиони за нето плати и надоместоци на плата. За месец август месечната просечна бруто плата за ИКТ секторот била 112,044 денари, наспроти просечната месечна бруто плата за сите сектори, која во месец август изнесувала 42,776 денари.

„Придобивките на вработените во ИКТ секторот не застануваат само кај високата плата. Имено, голем дел од овие вработени работат за странски клиенти, заради што трансферот на знаење е изворно обезбеден од страна на многу силно развиени технолошки компании, што пак значи дека нашите ИКТ кадри работат со најнови технологии, исто како нивните колеги во Силиконска долина. Дополнително, покрај веќе воспоставениот стандард за работа во модерни и удобни канцеларии, вработените од овој сектор уживаат креативни тим билдинзи и дружби во склоп на компанијата или надвор, имаат членарини во фитнес клубови подмирени од страна на компаниите, скоро сите компании од секторот имаат обезбедено приватно здравствено а некои од нив и животно осигурување на своите вработени, и/или и нивните семејства. Можностите за “работа од дома” и “флексибилно работно време” за чија либерализација во законот за работни односи, МАСИТ се залага со години, ги уживаат постојано. Важно е да се подвлече дека со овие мерки, ИКТ индустријата не ги побарува само во форма на мерки, туку истите претставуваат механизам преку кој компаниите им овозможуваат подобрен баланс на своите вработени помеѓу работно време и социјалното време. Грижата и бенефициите за млади мајки е исто така поле на кое компаниите имаат редица на бенефиции. Градењето кариерни патеки за вработените, постојаната инвестиција во нивна доградба на знаењето преку финансирање на дополнителни тренинзи и сертификација, се исто така лична бенефиција и сатисфакција на секој вработен во ИКТ секторот. За крај, и како најважна бенефиција која компаниите им ја овозможуваат на своите вработени  е споделување на дел од сопственичката структура со нив, во форма на процент на ко-сопствеништво или доделување на акции доколку компаниите котираат на берза“,велат од МАСИТ.

Кога ќе се спомене иселувањето на младите од Македонија, прва асоцијација е дека младите одат во странство за да заработат повеќе отколку што би заработиле во татковината. Но ставот на универзитетскиот професот по трудово право Лазар Јовески е дека оваа перцепција не е целосно точна, односно дека не се земаат предвид повеќе аспекти кои го креираат овој тренд на „одлив на мозоци“.

„Граѓанскиот сектор често објавува анкети и стражувања токму во оваа област, и јас секако дека ги следам, со оглед на тоа што еден дел од мојата област на експертиза е трудот, кои покажуваат дека младите не ја ставаат висината на платите на прво место. Тие всушност почесто се изјаснуваат дека им е важно да имаат добри односи со колегите, достоинствени услови за работа, можност да напредуваат во рамки на организацијата, па дури потоа ја вбројуваат висината на платата. Интересно е што нашите млади сè почесто истакнуваат дека им пречи вработување со партиска книшка, и со ова јас апсолутно се согласувам, воедно и ме радува ова мислење меѓу младите, зашто тие самите ја осознаваат личната вредност, го препознаваат личниот потенцијал и веруваат во себе дека и без „ветар во грб“ тие се способни да работат и да се усовршуваат во струката. Сега ако сето ова го погледнеме од спротивна перспектива, можеме да согледаме дека трендот на отселување на младите е системски проблем, поттикнат од повеќе аспекти: недоверба на младите во системот, во вреднувањето на нивниот труд, потенцијал, во (не) можноста за напредување, па и во менталитетот на луѓето овде- ова особено се гледа во нивната изразена желба за добар однос со колегите. Тажно е што овој тренд е отпочнат одамна и наместо да се намалува- се засилува. Делумно е поттикнат и од самите родители, кои често ги советуваат своите деца да си го бараат чарето во странство, за повисок приход“, вели професорот Лазар Јовевски.

Професорот смета дека за да се сврти овој тренд во обратна насока и да се дојде до ситуација кога младите ќе ја гледаат својата перспектива во татковината се потребни вистински системски реформи кои ќе придонесат во реализирање на очекувањата на младите од работните места. Официјалните податоци на Државниот завод за статистика пак, велат дека заклучно со вториот квартал годинава стапката на невработеност на лицата на воздраст од 16 до 24 години изнесува 37,8 отсто. Извештајот на статистика вели дека во однос на истиот период лани има зголемување на невработените лица во Македонија. Заклучно првото полугодине лани имало 33, 8 отсто невработени млади луѓе во државата.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП