10 јули, 2025
ПочетнаЕКОНОМИЈАЌе ја сменат ли српските туристи рутата кон Грција?

Ќе ја сменат ли српските туристи рутата кон Грција?

Летото е одамна започнато, а на македонските граници веќе врие како во кошница. Долги редици возила, повеќето со српски таблички, се влечат кон Грција, надевајќи се дека ќе стигнат на време до плажите на Халкидики.

Но чекајќи по два-три часа на Табановце или Богородица, многумина почнуваат да си го поставуваат истото прашање: вреди ли оваа мака, или следниот пат подобро да се избере пат преку Бугарија?

Српските агенции и автобуски превозници забележуваат сè поголем број патници кои ги прашуваат за „бугарската варијанта“.

Зошто? Па, одговорот е прилично прост: помали гужви на границите, понекогаш и подобри патишта, а и некако поорганизирано изгледаат работите таму, барем кога станува збор за царинските контроли.

„Еве, последно патував со семејството, двете деца позади, 35 степени врз глава, а ние три саати чекаме да влеземе во Македонија. Тоа ти е казна, не одмор,“ раскажува Славко од Ниш. „Сега сериозно размислувам, можеби подобро преку Софија да терам, макар било и дваесетина километри повеќе. Барем да не скапувам на граница“.

Милан Јовановски, кој со години се занимава со туризам, вели дека Македонија е на раб да загуби голем дел од транзитниот сообраќај ако не реагира на време.

„Имаме фантастична географска положба. Ама ако на луѓето им создаваш главоболки на границите, тие ќе си најдат друго решение. Границите мора да се екипираат подобро, особено за време на викендите, кога пикот е очекуван. Не можеме да си дозволиме да нè заобиколат“, вели тој.

Тука се јавува и друг момент, за кој не се зборува многу: што нудиме ние за тие луѓе кои транзитираат? Бугарија веќе одамна се подготви за вакви патници. Пумпи со добри ресторани, мотели што не изгледаат како од хорор филм, а на некои места дури и инфо-центри со летоци за локалните знаменитости. Кај нас? Во најдобар случај неколку импровизирани колички со гевреци, а и тоалет на автопат тешко се наоѓа.

„Замислете турист да помине 200 километри низ Македонија и да нема каде да седне на нормален ручек, ниту некој да му даде карта да види што би можел да посети. Наместо тоа, гледа празни патишта и се радува кога ќе ја види таблата за Гевгелија“, вели Јовановскки. „А тие луѓе се прилика. Ако ги примамиш, можеби ќе решат и да останат ден-два, да потрошат нешто“.

Сепак, колку и да сме главната траса за оние од север што се симнуваат кон Егејот, едно е сигурно – ѕвончето за тревога одамна ѕвони.

Туристичките работници веќе повикуваат на здружена акција: царинска служба, полиција, хотелиери, агенции, сите заедно да ја поправат оваа слика. Инаку, многу лесно може да се случи навигациите на српските туристи следната година да не пишат „преку Скопје“, туку „преку Софија“.

А тоа… веќе не е само изгубена колона автомобили. Тоа се изгубени пари. И можности што никогаш нема да ни се вратат.

Б.З.М.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП

NEWSLETTER

Добивајте вести на e-mail

Бидете во тек со најновите вести од Денар