26 јуни, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАСтандардот на работниците очаен, илјадници семејства не можат да врзат кај со...

Стандардот на работниците очаен, илјадници семејства не можат да врзат кај со крај!

На меѓународниот ден кој се одбележува за пристојна работа, синдикатот смета дека работникот во земјава не е соодветно платен. Во однос на месечните трошоци, висината на минималната плата е недоволна за подмирување на основните животни трошоци. Работодавачите се на став дека работниците во Македонија заслужуваат подобри работнички права, несовесните газди кои не ги почитуваат законите се нелојална конкуренција и прават огромна штета на стопанството. Од владата пак велат дека во континуитет работат и носат законски решенија во корист на работниците.

Потребно е уште многу да се работи за во Македонија да се создадат услови за достоинствена работа на вработените лица. Оваа здравствена криза одложи дел од активностите на синдикалците кои биле договорени со Националната програма за достоинствена работа. Заштитата на работничките права, синдикалците велат дека се егзистенцијални прашања за работниците и нивните семејства, а тоа е да се обезбеди реална, достоинствена плата за извршената работа, плата која ќе гарантира стабилност и сигурност на работничките семејства. Трудот на работниците треба пристојно да биде и платен, децидни се синдикалците. ССМ укажува дека во услови кога Синдикалната минимална кошница за август 2021 година изнесува нешто над 34 илјади денари,  постои реална потреба од зголемување на минималната плата. Синдикалците велат дека ако минималната плата дојде до висина од најмалку 18.000,00 тогаш од прилика две минимални плати би биле доволни да ја покријат синдиканата минимална кошница што би значело подобрување на животниот стандард на македонскиот работник на кој очигледно му е потребна плата за живот.

„Сојузот на синдикатите на Македонија оправдано во изминатиот период укажува и бара минималната плата да изнесува најмалку во висина од 60% од просечната плата, а во таа насока е и изјавата на Претседателот на Владата и иницијативата до крајот на 2021 година да се зголеми минималната плата на 18.000,00 и со такво зголемување  на минималната плата, истата ќе изнесува околу 63% од просечната плата со што би се остватриле заложбите  на  синдикатот и барањата на работниците. Сметаме дека во наредниот период треба да се размислува и за промена на законското решение со кое ќе се спречи минималната плата да изнесува под 60 % од просечната плата, како и да се предвиди решение со кое и останатите плати ќе го следат растот на минималната плата преку што многу лесно ќе имаме зголемување и на просечната плата“, велат од ССМ.

Од Организацијата на работодавачи на Македонија за Денар велат дека целосно го подржуваат концептот за пристојна работа или достоинствена работа. Од оваа организација велат дека трудот е извор на човековото достоинство, стабилност на фамилијата, мирот во заедницата и економскиот раст, кој дава можности за отварање на нови продуктивни работни места и развој на претпријатијата. Работодавачите се свесни дека унапредувањето на можностите за жените и мажите да добијат пристојна и продуктивна работа, во услови на слобода, еднаквост, сигурност и човечко достоинство од идеен концепт прерасна до примарна цел на меѓународно ниво.

 „ За успешно спроведување на концептот на пристојна работа неопходно е да се потпре на меѓународните стандарди на трудот и целокупната активност на МОТ и Одединетите нации. Концептот на пристојна работа потребно е да прерасне во експанзивна, начелна потреба на работниот човек денес. За остварување на таа цел, неопходно е да се креираат инструменти за мерење на пристојната работа, како стандарден дел од нашиот статистички систем и редовното истражување на работната сила. На тој начин ќе обезбедиме суштински да се разбере пристојната работа, да ги уочиме недостатоците и да можеме да се споредуваме со другите земји во регионот и светот. Од една страна, силно се залагаме за почитување на правото на здружување, се бориме против  дискриминацијата, мобингот, безбедни работни места, на друга страна, имаме непочитување на основните права од работен однос-неплатена прекувремена работа, нарушување на правото на дневен, неделен и годишен одмор, исплата на плата во плик и голем процент на неформално вработени работници“, велат од Организацијата на работодавачи.

За подобрување на правата на работниците од Владата велат дека континуирано преку законски решенија ги елиминираат проблемите со кои се соочуваат работниците. Од Министерството за труд и социјална политика за Денар велат дека следна бенефиција која ќе ја имаат работниците се придобивките од новиот Закон за работни односи. Според властите, изработката на измените на зоконот произлезе од потребите предизвикани од новите навики, темпото на живот, потребите и општото секојдневие.

 „После 16 години добиваме нов Закон за работни односи кој ќе кореспондира со технолошкиот развој, односно со потребите на работниците и на работодавачите. Меѓу придобивките за работниците се: прецизирањето на договорите на определено време, регулирањето на сезонската работа, породилното отсуство ќе биде подолго од сега предвидените девет месеци,  таткото ќе има право за отсуство од работа. Во насока на зголемување на работничките права е и Законот за недела неработен ден, со кој ќе се овозможи на 92 проценти од работниците во државата, недела да им биде ден за неделен одмор. Оние кои ќе работат во недела, ќе добиваат за минимум 50% повисока дневница, а вработените во трговските центри ќе работат од 10 до 18 часот, и дневницата ќе им биде повисока за 100%“, велат од Министерството за труд ки социјална политика.

Борбата против сивата економија, непочитувањето на работничката права и корупцијата е важна како за работниците така и за работодавачите, додаваат од Организацијата на работодавачи. Дополнително велат дека  работодавачите кои не ги почитуваат законите преставуваат нелегална конкуренција за компаниите кои работат согласно законските прописи.Во однос на минималната плата, од Владата велат дека, согласно својата програма за работа, ја изедначиле минималната плата на вработените од текстилната индустрија со минималната плата која се однесува на сите вработени. Покрај изедначувањето, нивната пресметка е дека, минималната плата во континуитет расте и од тогаш па досега е зголемена за 64%, односно од 8.980 денари. Денес таа изнесува 15.194 денари. Синдикалците пак сметаат дека поради се по евидентното зголемувањето на цените, очигледно е дека треба зголемување на платите со кои не треба вработените да се грижат за егзистенцијата и  ќе можат да си ги овозможат најмалку трошоците во висина на една синдикална потрошувачка кошница.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП