23 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНад 10 илјади лица со високо образование се невработени - економисти и...

Над 10 илјади лица со високо образование се невработени – економисти и правници го преплавија пазарот на трудот

Над 10 илјади лица со високо образование се невработени, економисти и правници го преплавија пазарот на трудот. Експертите со препорака – дел од факултетите да се стават во мирување.

Според анализите на Агенцијата за вработување, над 10 илјади лица кои се со високо образование се невработените. Од агенциите за посредување на работа велат дека најчесто тоа се економисти, правници, односно кадар за кои работодавачите во последно време намаат потреба.

-Работодавачите немаат потреба од правници, економисти и од другите општествени науки како од филозовски факултет, историчари на уметност, книжевност. Недостасува стручен кадар, од техничките дејности пред се , средно стручен кадар. Образованието е во расчекор со побарувачката на пазарот,  особено поради немање или минимална практична настава. Затоа при креирање на паралелките во средните училишта или смеровите на факултетите, треба да се следи потребата на пазарот на трудот односно на стопанството, вели за “Денар” Раде Ненадиќ од агенција за привремени вработувања.

Ненадиќ смета дека поради вишокот на кадар од општествени науки, потребно е одреден период економскиот, правниот и другите факултети за општествени науки да се стават во мирување и да се генерира потребен кадар, затоа што вака се соочуваме со нарушување на пазарот на трудот бидејќи има доста економисти кои на пример  не можат да најдат работа за тоа шти учеле и работат сосема нешто друго.

Уште еден проблем вели Ненадиќ се и платите кои се нудат. Никој  веќе не излегува да работи за плата под 20 илјади денари како порано.

-Огласи има, а имаше и минатата година но повторно станува збор за расчекор помеѓу понудата и побарувачката, но сериозно влијаат и ниските плати кои во принцип се во висина на минималната плата која изнесува 15 илјади денари. Од наше искуство никој од невработените не прифаќа плата под 20 или 22 илјади денари за основна работа или дневница помала од 1.200 до 1.500 денари. Веќе со години не важи поговорката – “Бадијала работи , бадијала не седи” , додава Ненадиќ.

Ненадиќ смета дека важна улога игра и здравственото осигурување кое е најголем проблем за младите да се нафатат за работа на определено време што е најважна можност да стекнат некое исксуство.

Во однос на медицинскиот кадар кој се покажа како дефицитарен, особено сега во услови на пандемија Ненадиќ тврди дека за овие лица платите се исто така мали во земјава, работата без дефиниран работен однос , неплатени и со долги специјализации и слично. Па така, секој кој може, заминува во странство  и работи за многу повисока плата од она што ќе му биде дадено тука. 

Според податоците на Агенција за вработување од 10.413 лица со високо образование повеќе од половина или 6.744 се жени. Невработени се и речиси 800-тини магистри и околу 30-тина доктори на науки.  Во моментов во АВРМ има и над 8. 000 слободни работни места. Најголем дел од огласите се продавачи, магационери, сметководители,  шанкери, но се бараат и лица со занает- електричари, бравари.

Во меѓувреме ССМ со сите засегнати страни работи на измени на законот за работни односи, каде синдикатите бараат договорите на определено,  да бидат пократки  од  една година , но работодавачите сметаат дека треба да бидат три години. Исто така синдикатите бараат и породилното одсуство да трае 12 месеци.

Државата  пак преку дуалното образование треба да го намали јазот меѓу понудата и побарувачката на кадар. Овој тип на образование значи дека дел од наставата учениците треба да ја поминат во училница, а дел од времето на пракса во компаниите.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП