18 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПарно, струја или дрва, што најдобро ќе не стопли зимава, а што...

Парно, струја или дрва, што најдобро ќе не стопли зимава, а што ќе биде најскапо?

На неколку недели до почетокот на грејната сезона повторно во јавноста се отвора прашањето како најевтино, но и најефикасно да се затопли домот. Парно, дрва, струја или некој друг алтернативен начин како печки на пелети или слични други енергенси кои се почесто ги набавуваат граѓаните. 

За да се направи точна пресметка сепак и не е така лесно со оглед на фактот што за да се дојде до некаква проценка на ефикасност на различните видови на греење, освен цената на енергенсот треба да се земе во предвид и цената на самата опрема за греење и тоа на кој степен е енергетско ефикасен објектот. Генерално како поефикасни и еколошки прифатливи начини на греење се системите со топлинска пумпа, централно греење со ефикасни топлификациони системи и природен гас.

Според информациите на Регулаторната комисија за енергетика нешто над 60 илјади домаќинства во Скопје се поврзани на системите за топлинска енергија. Најголем дел од нив или 55 762 приклучоци има кај Балкан Енерџи Груп, потоа со 3 817 корисници е ЕСМ Енергетика и само 501 корисник има Топлана Скопје Север. Информациите на регулаторот покажуваат дека расте интересот за враќање на исклучени граѓани кај топлотната мрежа ЕСМ Енергетика и кај Скопје Север. Според информациите сметките за парно греење изнесуваат околу две илјади денари месечно, но мора да се напомене дека таа сума се плаќа во текот на целата година, а не само во грејната сезона, за граѓаните да немаат нагло зголемување на режиските трошоци во зимските месеци од годината.

„Секој потрошувач кој се исклучил од системите за топлинска енергија во одреден период, може повторно да се приклучи со поднесување на барање за приклучување до ЕСМ Енергетика, Снабдување со топлина Балкан Енерџи Груп и Скопје Север. Најдоцна во рок од две недели снабдувачите  вршат приклучување на потрошувачите повторно на системот со топлинска енергија. Процедурите се едноставни и се со цел да се задоволат барањата на потрошувачите“, велат од Регулаторната комисија за енергетика.

Оние граѓани пак кои домот го загреваат со грејни тела кои работат на електрична енергија според проценките плаќаат повеќе од оние кои имаат дома парно. За стан од 50 – 60 квадрати потребни се најмалку 6-7 илјади денари за сметки за струја, во зависност од потрошувачката на грејните тела. Најголема мака според искуствата на граѓаните имаат домаќинствата кои се грејат само на струја. Секоја година поради преоптовареност на системот за електрична енергија добар дел од граѓаните со часови, а некогаш и со денови остануваат освен во темнина и во студени простории. Од ЕВН Македонија велат дека најголема вина за падот на системите во зимските месеци имаат граѓаните со нелегални приклучоци или народски кажано оние кои крадат струја. Од компанијата посочуваат дека секогаш ги планираат своите капацитети на потрошувачка според бројот на корисници кои легално со соодветни барања и документација за користење на електрична енергија се приклучени во дистрибутивната мрежа, со дополнително усогласување и со планот за сезонската потрошувачка.

„Доколку сите корисници се легално приклучени во дистрибутивната мрежа, нема да постои преоптоварување на истата. Преоптоварувањето се случува тогаш кога граѓаните нелегално се приклучуваат. Секако, дивото приклучување предизвикува дефекти кои тешко и долго време се санираат, материјална штета и загрозување на животот и здравјето на граѓаните. ЕВН во изминатите години инвестирала над 452 милиони евра во подобрување на севкупниот квалитет на дистрибуцијата и снабдувањето со електрична енергија, како и корисничките услуги. Дефектите во мрежата на ЕВН Македонија може да се случуваат од надворешни фактори (оштетувања) или преоптоварување на дистрибутивната мрежа“, велат за Денар од ЕВН.

Денар побара и став од државните електрани. Дали се подготвени за претстојната грејна сезона и колку струја ќе треба да се увезува за да се задоволат сите корисници. Информациите кои ги добивме велат дека условите за производство на електрична енергија се тешки во сите капацитети, како во термоелектраните, така и во хидроелектраните. Хидрологијата е неповолна и оваа година, така што не може да се произведува електрична енергија од вода во оптимални количини или количини предвидени со годишнот план за производство. Исто така се наидува на тешкотии во термоелектраните во однос на количините на јаглен во рудниците, особено со недостигот на јаглен во РЕК Осломеј.

„Со менаџирање на производниот процес од сите капацитети и комбиниран систем на производство (термоелектрани, хидроелектрани, гасна електрана и ветерна електрана) се вложуваат напори и се постигнува да се обезбеди во целост потребата на ЕВН Хоум од електрична енергија. Со домашаната електрична енергија обезбедуваме заштита на потрошувачите од ценовен шок. Во овој момент цените на електричната енергија на регионалните берзи се за три пати зголемени, и од 56 е/MWh пред неколку месеци, сега цените се движат меѓу 140 и 160 е/MWh“, Велат од Електрани на Македонија.

Од АД ЕСМ како производител на електрична енергија со апел до граѓаните, во претстојниот период на грејна сезона да ја трошат електричната енергија рационално, одговорно и плански, бидејќи струјата засега останува главен ресурс кој им е потребен и на домаќинствата и на стопанството, а нејзиното производство и кај нас и во светот станува се потешко и поскапо.

Во последниве неколку години властите и екологистите излегуваат со се погласни и поагресивни  кампањи за промена на огревното дрво со друг енергенс. Но навиката, грејните тела, и стравот од менување на традиционалните практики придонесуваат добар дел од домаќиствата и натаму да ги користат дрвата како прва одција за загревање на домот. Освен на државните складишта каде граѓаните најпрво треба да резервираат одредена количина на дрва, и тоа да го сторат најмалку шест месеци претходно, огревно дрво може да се набави и од приватните складишта. Но се почесто на интернет страните наменети за продажба на најразлични производи и услуги се нудат дрва за огрев. Цената на дабот и буката се речиси идентични и се движат од 3000 до 3500 денари за еден кубен метар. Според проценките за да се помине една зима потребни се најмалку 7-8 кубици, но тоа е доколку температурите не се сериозно ниски. Во спротивно оние кои го користат огревното дрво како главен енергенс за затоплување на куќата велат дека без десет метри кубни не може да стоплат две соби, а не пак цела куќа. Дел од граѓаните печките и шпоретите на дрва веќе ги заменуваат со печки на пелети или останати алтернативни енергенси за загревање на домовите, но процентот на граѓани кои се решиле за ваква промена е засега многу мала.

Грејната сезона официјално започнува на 15 октомври, но затоплувањето на домовите може да стартува и порано доколку има  нагло заладување и просечните дневни температури се  пониски од 12 степени.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП