петок, јануари 28, 2022
ПочетнаЕКОНОМИЈАОсвен за здравјето, граѓаните во „корона-периодот“ сериозно се грижеле и за ...

Освен за здравјето, граѓаните во „корона-периодот“ сериозно се грижеле и за автомобилите, становите и земјоделските посеви!

Во изминатиов речиси двегодишен „ковид период“ граѓаните се почесто се одлучуваат да го осигуруваат својот движен и недвижен имот. Податоците кои ги доби Денар од Агенцијата за супервизија на осигурувањето, покажуваат дека и во првите шест месеци од годинава забележан е раст кај каско осигурувањето на автомобили. Позитивен тренд е забележан и кај продадените осигурителни полиси на становите и деловните простории кои се осугурани од пожар, поплава, кражба и од слични ризици. Честите поплави или суши предизвикаа се поголема заинтересираност и кај земјоделците да продолжат да ги осигуруваат своите посеви. 

Во првите шест месеци годинава, каско осигурителното покритие го продавале сите 11 компании лиценцирани за осигурување неживот. Податоците на компаниите од овој сектор покажуваат дека вредноста на продадените полиси изнесува 430,8 милиони денари и во споредба со истиот период во 2020 година бележи зголемување за 6,5 отсто. Во истиот период, сите компании врз основа на каско автомобилските покритија исплатиле штети во вкупна вредност од 224 милиони денари. 

„Вложувањата во каско осигурувањето на моторни возила во периодот на корона кризата или во 2020 година изнесуваат 823,7 милиони денари и бележат многу мал пад во однос на 2019 година кога изнесувале 838,2 милиони денари. И во двете години се склучени нешто повеќе од 49.000 договори за каско осигурување. Кај исплатените штети состојбата е следна: во 2020 година износот на бруто исплатени штети е 542,7 милиони денари, а лани по овие покритија за ризици компаниите исплатиле штети во износ од 483,8 милиони денари. Во најголема мерка штетите покриени со каско полисите се случиле при учество во сообаќај на осигурените моторни возила.“

Од осигурителниот сектор за Денар, потенцираат дека осигурувањето имот е најголема класа на доброволното осигурување и според тоа најзначаен индикатор за утврдување на растот на осигурителниот пазар. Официјалните податоци на АСО укажуваат на континуиран раст на осигурувањето имот без разлика дали станува збор за правни или физички лица кои се јавуваат како осигуреници.  Најчесто осигурениците вложуваат во полиси кои покриваат ризик од пожар, а често се осигурува имот и од поплави, временски непогоди, кражби како и други ризици. Позначителен  раст на вложувањата во осигурувањето имот во првото полугодие од годинава има кај правните лица. Вредноста на осигурителните полиси купени од компаниите надмина една милијарда денари за шест месеци и во однос на истиот период 2020 година бележи раст од 29 отсто. Од Агенцијата за супервизија на осигурувањето велат дека како регулатор, многу значаен индикатор кој укажува дека пазарот се развива квалитативно е тоа што во првата половина годинава вложувањата во осигурување имот, изразени во апсолутен износ, растат во иста мерка со вложувањата во задолжителното осигурување од автомобилска одговорност.

„Продажбата на полиси за осигурување или стручно кажано бруто полисираната премија во периодот од 2019 година до сега, односно до првата половина на 2021 година, бележи континуиран раст. Значајна квалитивна вредност на осигурителниот пазар е таа што осигурувањето имот бележи раст и во 2020 година во која заради корона кризата многу економски дејности бележаат драстични падови или стагнација. Во 2019 година вложувањата во осигурување имот изнесуваат 1,772 милијарди денари, а бројот на склучени договори изнесува 202.037. Во 2020 година вредноста на продажбата на осигурителни полиси за осигурување имот се зголемува на 1,860 милијарди денари, а бројот на договори за осигурување се зголемува за 6 отсто и изнесува 214.337. Во првите шест месеци годинава достигна вредност од 1,4 милијарди денари и тоа е за 210,3 милиони евра повеќе во споредба со истиот период лани.“ 

Доколку сликата кај земјоделското осигурување се гледа вкупно, податоците ќе покажат дека има континуирана тенденција на раст на вложувањата во осигурување односно за  купување осигурителни полиси. Но за надлежните уште е поважно што овој тренд го следи постојан раст на исплата на штети за периодот од 2019 година до сега – првата половина на 2021 година. И ваквиот позитивен тренд во земјоделскиот сектор трае веќе пет години по ред. Ако пред две години вложувањата во осигурителни полиси за земјоделство изнесуваа 386,6 милиони денари, година подоцна или 2020та која важи за исклучително лоша на повеќе економски полиња, осигурувањето на земјоделски посеви, плодови и добиток достигна 482,5 милиони денари, што е за 25 отсто подобро од 2019 година. Во првата половина од годинава продажбата на осигурителни полиси изнесува речиси 400 милиони денари, што според Агенцијата за супервизија на осигурувањето остава простор реално да се очекува раст на продажбата годинава во споредба со 2020 година. Целта на Агенцијата за супервизија на осигурувањето велат дека е да се изработи законско решение, конкретно во делот на земјоделството, а со тоа ќе се добие сериозна поддршка од државата и ќе се овозможи воспоставување на единствен и стандардизиран пристап во земјоделското осигурување, како во преземањето така и во управувањето со ризиците. Од Агенцијата додаваат дека со системското решение ќе се  овозможи активно учество на државата. Премиите што ќе се уплаќаат нема да се распределуваат на други намени освен за исплата на штети и надоместоци и управување со ризиците. Доколку нема штети, фондовите ќе инвестираат и оплодуваат, а со нив да управуваат стручни лица кои подлежат на неколку нивоа на контрола, со цел вредноста на овие фондови континуирано да расте, како би се овозможило во иднина уште поквалитетно покритие, за пониски цени. 

„За АСО како регулатор на осигутелниот пазар е многу значајно тоа што во исто време континуирано растат и штетите кои осигурителните друштва ги исплаќаат на земјоделците и на сточарите за пријавени настанати штети. Во 2019 година осигурителните друштва исплатиле штети врз посеви, плодови и добиток во износ од 202,5 милиони денари, лани исплатиле 317 милиони денари, а за првата половина од годинава износот на исплатени средства е 162 милиони денари. Генерално трендот покажува континуирано зголемување на земјоделското осигурување, но сепак нема простор за големо задоволство, затоа што капацитетот за раст е многу голем. Целта на АСО како регулатор на осигурителниот пазар е во соработка со Владата, Министерството за земјоделство и Министерството за финансии да установи и да воспостави системско решение со земјоделското осигурување. Клучната цел што треба да се постигне е државата да се вклучи во превенцијата на штети преку стимулирање на масовно или задолжително земјоделско осигурување во услови на изразени влијанија од актуелните климатски промени. За жал досега, наследената пракса беше да се настапува пост фестум, односно државата да се вклучи со обештетување на неосигурани земјоделски штети откако тие ќе настанат. Тој пристап е правичен, но ги дестимулира земјоделците и фармерите да се осигуруваат.“ 

Надлежните велат дека еден од најзначајните параметри за следење на состојбите на осигурителниот пазар е тоа што износот на исплатени штети расте и го следи трендот на раст на вложувања во осигурувањето. Во првите шест месеци годинава 11 осигурителни друштва од сегментот осигурување неживот врз основа на штети покриени со осигурување имот исплатиле 292 милиони денари, што е за 18,5 отсто повеќе од истиот период лани. Вкупно во 2020 година, износот на исплатени штети изнесува 630,2 милиони денари. А тоа е за 30 отсто повеќе од 2019 година во која за штети врз основ на осигурен имот биле исплатени 483,4 милиони денари.  Инаку, Агенцијата за супервизија на осигурување, Народната банка, Министерството за финансии, Комисијата за хартии од вредност, и Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, усвоија Кодекс на добри практики за финансиска едукација, кој ќе обезбеди ефективни, едукативни програми кои според нив ќе бидат во интерес на населението.

И.П.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП