28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПремиерот Заев официјално ја прогласи кризата за помината- експертите скептични

Премиерот Заев официјално ја прогласи кризата за помината- експертите скептични

За премиерот Заев и официјално кризата е завршена, а македонската економија заздравува. Податокот на Државниот завод за статистика дека БДП во втортиот квартал бележи раст од 13,1 процент и позитивните трендови и во другите области го дигнаа и оптимизмот кај владата. Но, експертите пак предупредуваат дека високиот раст на БДП се должи на ниската споредбена основа од истиот квартал лани кога БДП имаше историски пад од 12,7 проценти. Алармираат дека во тек е четвртиот бран од епидемијата кој ќе влијае на резултатот за БДП во третиот квартал. Премиерот Заев се обрати пред високи претставници на меѓународни финансиски институции и експерти кои на економскиот форум дебатираа за „Економското заздравување и раст по КОВИД 19“. Се пофали и со владиниот План за заздравување и финансирање забрзан раст по кризата.

„После 1 година според дешните официјални статистички податоци можеме и официјално да кажеме дека кризата и официјално одминува и економијата заздравува. Официјално пред неколку минути е објавено од ДЗС во вториот квартал од годината согласно статистика регистриран е позитивен раст на БДП во износ од 13,1 процент. Ова значи дека првото полугодие од оваа година постигавме раст на БДП од 5,6 проценти“, рече Заев.

За Институтот „Finance think“ високиот раст на БДП е резулат на ниската основа од истиот квартал лани. Но и како резултат на отпочнувањето на масовната имунизација и нормализацијата на економските текови.

„Високиот раст е остварен на ниска споредбена основа од вториот квартал од 2020, во кој пандемијата го изврши првиот и најсилен удар на економијата. Според дејности, ударот пред една година беше најсилен врз трговијата, сместувањето и послужувањето храна, и транспортот, како резултат на што и растот во К2-2021 е најголем во овие дејности, 46%. Растот кај останатите дејности е значајно помал, со исклучок на индустријата, која порасна за 11.4%. Овој раст може да се поврзе со растот на бруто инвестициите, извозот и увозот, 38.4%, 45% и 46.7%, соодветно, кој во голема мера е воден од интензивираните активности на извозните капацитети во ТИРЗ-овите, кои искусија огромни падови пред една година, но сега го реализираат потенцијалот за брз излез од кризата“, соопштија од „Finance think“.

Според нив олабавувањето на мерките за спречување на ширењето на вирусот во вториот квартал годинава, заедно со продолжените ефекти од владините мерки за поддршка на доходот на граѓаните, го објаснуваат растот на приватната потрошувачка, 12.9%. Велат растот пак на јавната потрошувачка, 2.9%, е генерално на патеката на консолидација по големата експанзија во 2020.

„Невработеноста во првиот квартал од 2021 понатамошно благо се намали, на 15.9% од претходните 16% (К1-2021). Падот на невработеноста е значајно забавен, како резултат на враќањето на пасивизираното население на пазарот на труд. Вработеноста забележа благо зголемување, од 47.1% на 47.3%, што упатува на понатамошна стабилизација на пазарот на труд. Сепак, во вториот квартал, евидентно е губењето работни места во преработувачката индустрија (околу 4,000 во однос на К1-2021), транспортот (3,500) и хотели и ресторани (1,000), што укажува дека растот на додадената вредност во најпогодените дејности не е проследен со креирање работни места“, велат од таму.

Од „Finance think“ предупредуваат дека неизвесноста во економијата повторно се зголеми во третиот квартал од 2021 со четвртиот бран од пандемијата.

„Иако се очекува дека мерките за спречување на ширењето на коронавирусот од август 2021 ќе имаат ограничен неповолен ефект врз економијата, сепак неизвесностите кај најпогодените дејности се сé уште нагласени. Finance Think ја задржува проекцијата за растот на БДП во 2021 на 4.1%.“, соопшти „Finance think“.

Државниот завод за статистика пак соопшти дека во вториот квартал од годинава пораст е забележан во секторите Трговија на големо и трговија на мало; поправка на моторни возила и мотоцикли; Транспорт и складирање; Објекти за сместување и сервисни дејности со храна од 46 %. Потоа Рударство и вадење на камен; Преработувачка индустрија; Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација; Снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината од 11,4 % и  Информации и комуникации од 5,7 %.

Според статистика Финалната потрошувачка на домаќинствата вклучувајќи ги непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, номинално се зголеми за 14,9 %, а нејзиното учество во структурата на бруто-домашниот производ изнесува 70,2 %. Извозот на стоки и на услуги номинално се зголемил за 62,2 %, а увозот на стоки и на услуги за 64,4 %.

А.С

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП