26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНеделниот ручек и дружба со семејството остануваат само сон за работниците од...

Неделниот ручек и дружба со семејството остануваат само сон за работниците од над 50 дејности!?

Не стивнуваат реакциите на невладините и синдикатите за измените во Законот за работни односи по точката за недела неработен ден. Иницијаторот на оваа бенефиција за работниците „Гласен Текстилец“ излезе со нова реакција, и обвинува дека пратениците подготвуваат класична манипулација, наместо заштина на работничките права. Наместо намалување има проширувањето на листата на дејности кои и натаму ќе работат во неделите а тоа според активистите е договор помеѓу бизнисот и власта и сето тоа е на грбот на работникот. Синдикатите пак се гневни дека законското решение се носи зад затворени врати во собранието, а тие како претставници на работниците не добиле покана да ја следат расправата за можеби еден од најбитните закони поврзани со пазарот на трудот.

Ваквото законско решение не смее да биде донесено, децидна е Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“. Моменталното законско решение се носи зад затворени врати, без никаква јавна расправа и вклучување на стручната јавност која е неопходна при донесување за едно вакво важно законско решение, вели Ампева и додава дека Гласен Текстилец децидно бара недела да биде неработен ден за сите освен за дејности кои се од витален карактер, како здравство, полиција, одбрана. Бараат  трговските центри, рудниците и останатите дејности кој се наведени во самите законски измени да не работат бидејќи нивната дејност сама по себе не е неопходна за работа во недела.

„При донесување на првата нацрт-верзија на измените на Законот за работни односи беа опфатени 34 дејности кои ќе работат во недела,  а во поднесените последни измени пред Комисијата за труд и социјална политика,  се опфатени 50на дејности и сметаме дека се наведени дејности за кои не е неопходно работење во недела.  Во самите законски измени има празнина во делот на дејности кои имаат карактер на помошни или придружни дејности, а кои ќе се уредуваат со посебен правилник од страна на Министерот за труд и социјална политика во рок од 60 дена по донесување на законот. Во тој правилник повторно можат да бидат додадени дејности, по притисок од капиталот, кој очигледно ги крои законите во нашата држава. Намерно се оставаат правни празнини во законското решение кои би се прецизирале во правилник во кој не смее да се регулира материја која треба да се реши со закон, а не со подзаконски правен акт.“

Дополнително,  Гласен Текстилец бара работниците кои ќе работат во недела да имаат задолжително користење на слободен ден во неделата, бидејќи тоа е Уставно загарантирано право. Не се согласуваат со  пренесувањето на правото на користење на слободен ден во текот на наредната недела со образложение дека на тој начин се губи правото на неделен одмор во тековната недела. Ампева додава и дека предложените законски измени имаат низа на аномалии бидејќи за работа во недела е предложено работникот да добие додаток на работа од 50 %, за кое ние како Здружение сметаме дека треба да изнесува минимум 100%.

Во делот на прекршочната постапка, од здружението велат  дека при прекршување на законските одредби од страна на работодавачите за недела неработен ден, забраната за работа би требало да се однесува на целокупното работење на работодавачите, а не само во работниот простор или работна просторија каде е утврдена неправилноста.  Како здружение упатуваат загриженост од ова  уназадување на работничките права. Со децении наназад, тврдат  дека не се исплаќаат додатоци и надоместоци на плата на вработените, нивниот труд не се евидентира и не се исплаќа прекувремена работа, работа на празник, работа во ден на неделен одмор. Воедно во време на здравствено економска криза предизвикана од пандемијата, велат дека сите сме сведоци на злоупотреби на државни средства наменети за исплата на плати, а институциите според нив засега се неми и глуви на такви кривични дела и злоупотреба на народните пари.

„Сведоци сме и на постојани откази, на нови невработени лица, на не исплаќање на плати и придонеси од плати и работниците за време на здравствена криза се оставени без здравствено осигурување. Ова не доликува за една правна држава, држава која по Устав треба да е социјална и која претендира да биде членка на Европската Унија. Ова законско решение не претставува никакво подобрување на работнички права, туку уназадување на работнички права  на работниците. Апелираме дека работодавачите и капиталот не смеат да ги кројат законите во нашата држава, судбините на илјадници работници и нивните семејства, ниту пак имаат право да ги одземааат уставно загарантираните права на нашите работници и работнички.“ додава Ампева.

Со своја реакција излезе и Сојузот на синдикати на Македонија, кои се револтирани дека како претставници на рабогтниците не беа повикани на собраниската расправа по оваа точка. ССМ побара пратениците да го земат предвид и нивниот збор и укажаа дека зголемувањето на додатокот на плата за работа во недела треба да изнесува најмалку 100 проценти за секој час поминат на работа во недела. Синдикалците предлагаат, при прекршување на одредбите од член 134, за оние работодавачи кои ќе се осудат да работат во недела, а нема да бидат во исклучоците, забрана за вршење на работа да се донесува на целокупното работење, а не во работниот простор или работа просторија каде е утврдена неправилноста односно работата во недела.

„Нагласуваме дека казните треба да бидат сериозни за да се делува превентивно и се спречи прекршување на законот. Досега во пракса се покажа дека вака уреденото законско решение во делот на непријавени работници член 259 од ЗРО е проблематично од причини поради тоа што работодавачот продолжува да работи во други простории со оглед на тоа што забраната се однесува само за определени работни простории, а не за целокупното работење.“ Велат од ССМ.

И од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија остро реагира што што не се поканети на комисиските седници за измените на Законот за работни односи. За измените велат од неделата нема да направат неработен ден туку повторно им се излегува во пресрет на работодавците.

„Прво, реагираме на тоа што како најголем синдикат во државата не бевме поканети на таа седница, како што било пракса во многу претходни случаи. Второ, остро ја демантираме министерката Шахпаска дека сме се сложиле со ваквата верзија на измените на ЗРО за недела да биде неработен ден. Трето, бараме итна јавна дебата каде што јавно ќе ги искажеме нашите ставови зошто не се сложуваме со ваквиот предлог закон за недела неработен ден.“ Велат од КСС.

Загрижувачки е и тоа што владеачкото мнозинство го одбило барањето на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за јавна расправа по ова прашање. Власта смета дека нема потреба од јавни дебати со образложение дека над 90 отсто од вработените ќе одмараат во недела, но со ова не се сложуваат невладините, граѓанските здруженија и синдикатите. Ставот пак на работодавачите е дека работниците заслужуваат неделен одмор, но поради тоа стопанството ќе трпи загуби.

И.П.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП