25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТутунарите со старите маки и оваа година!

Тутунарите со старите маки и оваа година!

Продолжуваат проблемите на тутунарите и оваа година. Неисплатени субвенции, зголемени цени на репроматеријали, штети на родот, нереално ниска откупна цена на тутунот и серија други потешкотии во борбата да се опстане во овојаа дејност наведоа за Денар тутунопроизводителите. Од Министерството за земјоделство велат дека субвенциите се исплатени, а пак од Стопанската комора напоменуваат дека лани квалитетот на тутун бил многу лош. Од комората потенцираа дека за побрзо надминување на проблемите и производителите но и откупувачите мора да го почитуваат актуелниот закон.

Тутунарите обвинуваат дека се уште  дел од тутунопроизводителите не ги добиле  парите за субвенции за произведен и предаден тутун за 2019 и 2020 година. Во разговор за Денар, тутунарот Васко Јосифовски тврди дека дел од тутунарите не ги добиле парите од државата за тутун кои им следуваат како субвенции. Првичната причина според информациите кои ги добил од ресорното министерство за земјоделство биле дека тие тутунари кои имаат долгови кон институциите ќе ги добијат субвенциите 14 дена по уплатата на парите, и расчистувањето на долговите. Но Јосифовски вели дека тој лично имал долгови и сите уредно ги платил на втори јуни и до денска нема добиено ниту еден денар. Во однос на откупната цена, тутунарите се жалат дека како што било ланската година никогаш немало полоша цена за откуп на тутунот. Тутунарите се жалат и на големите штети од сушата и погодени земјоделски површини од најразлични временски непогоди. Драстично велат и дека им се зголемени цените на конци и најлони кои им се потребни во целиот процес.

„Лично испратив маил до Владата во кое наведов дека е  време да се стави крај на селективното исплаќање на субвенциите за тутунот. Само на мене во последниот месец ми се имаат јавено околу 200 тутунари кои ми се пожалија дека се уште не ги добиле парите од субвенциите. Во неформален раговор од Владата ми рекоа дека прво треба да помине ребалансот па ќе имаме пари, но колку јас што знам тие пари се резервирани со носењето на буџетот за оваа година.“ вели Васко Јосифовски од Здружрението Тутунска надеж од Прилеп.

Денар побара став и од Министерството за земјоделство од каде ни соопштија дека субвенциите за тутунопроизводителите од реколтата 2019 и 2020 се исплатени. Тие тврдат дека на 28. мај оваа година, се исплатени субвенциите за  произведен и предаден тутун, од реколтата 2020 година,  во износ од близу 1,7 милјарди денари. Од ресорното министерство се на став дека согласно Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи откупната цена по класи задолжително се содржи во договорот за производство и откуп на тутун.

„Откупувачот на тутун е должен содржината на договорот јавно да ја објави најдоцна до 28 февруари во тековната година на огласна табла во седиштето на откупувачот на тутун и на локалната веб страната на откупувачот доколку истата постои. Откупувачот на тутун е должен содржината на договорот да ја достави до највисоката асоцијација на тутунопроизводители кои ја објавуваат на својата огласна табла и на својата веб страна доколку истата постои. Пред склучувањето на договорот, откупувачот на тутун е должен да побара писмено мислење за содржината на договорот од највисоката асоцијација на тутунопроизводителите, најдоцна до 20 февруари во тековната година. Според податоците внесени во електронскиот систем за евиденција на тутунот, од страна на откупните претпријатија од реколта 2020 година откупени се вкупно 26.953 тони суров тутун во лист, со просечна откупна цена на редовниот откуп од 165 ден/кгр.“ велат од Министерството за земјоделство.

Од Стопанската комора пак за Денар велат дека согласно официјалните податоци, лани откупени беа 26.953 тони суров тутун со просечна цена од 158 ден/кг. Притоа, од типот Јака се откупени 280 тони или само 1%  со просечна цена од 169 ден/кг, додека од типот Прилеп 26.673 тони  или 9%  по цена од 158 ден/кг. На крајот на откупот цената паднала  на дури 48 ден/кг. Нивните информации велат дека имало откупни компании кои не го откупувале договорениот тутун а инспекторатот тврдат дека тоа не го санкционирал. За ова велат дека ги информирале од Сојузот на здруженија на тутунопроизводители.

„За последниот откуп имаше регистрирано десет откупни компании, но во меѓувреме една од нив беше затворена и не ги откупи договорените количини. Вишокот производство беше откупено од Сокотаб (повеќе од 1000 тони) ТКП-1052 тони, Алајнс Уан Македонија-852 тони. Сокотаб откупи 32,10% од овогодинешната реколта, Алајанс Уан Македонија 25,93%, Секе 14,2%, ТКП 13,60% а преостанатиот дел беше откупен од помалите откупни компании. Ако Закон за тутун и тутунски производи постои, сите треба да го почитуваат. Производителите истиот треба да го почитуваат за да нема вишоци и ситуации како годинава. Порано имаше Стокови резерви каде се откупуваше вишокот на тутун, но сега такво нешто нема, со што се отежнува решабањето на вишок производство. Имаше 4000 тони вишок, што беше воедно проблем и за откупните фирми, но не остана неоткупен тутун што е добро за тутунопроизводството. Оваа реколта треба да биде поука за сите, за да не се повтори ситуацијата и со реколта 2021 година, односно да се преслика проблемот и во новата реколта. Немаше некој квалитет годинава, но имаше вишок производство.“ велат од Стопанската комора на Македонија.

Доброупатените во оваа дејност велат дека мора да постои баланс помеѓу производителите и откупувачите, компаниите се ограничени согласно потребите на светски пазар и ги обврзуваат одредени законски прописи. Оптимално производство согласно  побарувачна е од 20-25.000 тони годишно. Се под тие количини, или пак над нив ќе биде проблем за откупувачите и производителите. Мора во земјава да имаме производство според стандарди кои се бараат од откупните компании, ако истите не се почитуваат секако дека тоа производство нема да се откпупува. Потребна е конкурентна продукција и со висок квалитет. Експертите велат дека најважен фактор за квалитетен производ се временските прилики, но истите беа неповолни оваа година. Тутунот во минатото беше добро пакуван  но со влегување на повеќе откупни компании на пазарот, правилата за откуп се нарушија.

За реколта 2021 година тутун е засаден на 11.784 хектари  и се очекува производство од 22.137тони суров тутун во лист. Склучени се 27.670 договории и регистрирани 18.752 тутунопроизводители. За реколта 2021 година има намалени количини договорено производство.

Инаку, целиот македонски тутун е наменет за извоз, и тоа за најголемите светски компании кои произведуваат цигари. За 2020 беше остварен девизен прилив од 136 милиони долари. Цената пак ја диктира побарувачката на светскиот пазар како и квалитетот на тутунот.

И.П.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП