20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМакедонците се помалку пазарат со кеш!

Македонците се помалку пазарат со кеш!

Најновите податоци поврзани со безготовинските платежни трансакции ги објави Народната банка. Новите информации се однесуваат заклучно до 30-ти март годинава. Новиот начин на живеење кој го предизвика пандемијата ги принуди граѓаните на побезбедни мерки и намалување на контактите. Освен зголемување на бројот на направени трансакции со платежни картички, регистрирана е и зголемена вредност на онлајт трговијата.

Податоците на Народната банка покажуваат дека бројот на реализирани трансакции во текот на првите три месеци од 2021 година, како и бројот и вредноста на реализирани онлајн нарачки и купувања во текот на анализираниот период покажува дека растот на е-трговијата продолжува и оваа година.

 „Во првиот квартал од 2021 година вредноста на онлајн трансакциите реализирани во земјата и во странство, изнесува 86,6 милиони евра, што во споредба со истиот период 2020 година кога се реализирале 49,6 милиони евра претставува пораст за 74,6%. Бројот на направените транскации во истиот период спрема минатата година забележува пораст од 65%, што значи дека вредноста на просечната трансакција е зголемена. Имено, во текот на првите три месеци од 2021 година реализирани се вкупно 3.228.182 онлајн трансакции во земјата и во странство, наспроти 1.954.957 онлајн трансакции во текот на првите три месеци од 2020 година“, наведува Народната банка.

Податоците покажуваат и дека Македонците потрошиле 65,3 милиони евра онлајн за само три месеци кон домашни онлајн продавници. Од Асоцијацијата за  е – трговија велат дека граѓаните од земјава од почетокот на годинава продолжуваат да ги користат придобивките од онлајн купувањето и да ја зголемуваат довербата која ја имаат кон домашните е-продавници. Имено, во текот на првите три месеци од 2021 година Македонците со домашни картички потрошиле 65,3 милиони евра онлајн, што претставува пораст од 125,8% или 35,9 милиони евра во однос на истиот период претходната година.

“Е-трговијата повеќе не е избор туку неопходност за компаниите да остварат раст и да стигнат до нови клиенти. Пандемијата уште повеќе го нагласи тоа и се повеќе домашните компании се адаптираат отварајќи нов канал за продажба – онлајн. Купувачите од друга страна стекнуваат дигитални вештини и ги менуваат навиките, што се рефлектира и преку трицифрениот раст од 126% во вредноста на реализирани трансакции со домашни картички кон домашни е-трговци. Растат дигиталните вештини, довербата во домашните е-продавници, е-трансакциите и домашната понуда. Се надевам дека овој тренд ќе продолжи и понатаму, како што и Асоцијацијата за е-трговија ги продолжува напорите, иницијативите и активностите со цел креирање поволна клима за забрзан раст на е-трговијата во земјава”, вели Претседателката на АЕТМ, д-р. Нина Ангеловска

Доколку се земе предвид вредноста на онлајн трансакциите реализирани со домашни платежни картички кон е-продавници во Македонија која достигнува 65,3 милиони евра, наспроти вкупната вредност на онлајн плаќања 86,6 милиони евра, може да се заклучи дека 75,4% од вкупната вредност на трансакциите се насочени кон домашните компании.

Согласно податоците за бројот на уредите на виртуелните места на продажба или попознати како веб страници за е-трговија, заклучно третиот квартал од годинава, во земјава активни се 1.552 продажни места. Станува збор за активно регистрирани виртуелни продажни места кои се пријавени од страна на петте банки кои во моментов нудат е-трговија како дел од своето портфолио на услуги. За период од три месеци во текот на 2021 година бројот на онлајн продавници се зголемил за 93 новоотворени.

Споредбено со 31.03.2020 година кога бројот на активни е-продавници изнесувал 1.029, може да се заклучи дека за една година отворени се вкупно 523 нови е-продавници што претставува пораст од 51%.

Дополнително, за сигурноста при купување на интернет, од Асоцијалијата за Е-Трговија  велат дека граѓаните треба да бидат внимателни кога купуваат од трговци на Фејсбук. Поголемиот дел од нив не се регистрирани како компанија, а со тоа купувачот не добива потврда за нарачката. Кај легалните плаќањето се одвива онлајн, или ако се плаќа во ќеш ќе мора однапред да побараат фискална сметка или готовинска фактура, која е опфатена со законот за Е-Трговија. Најнова работа која е пласирана е беџ за верификуван трговец кој на некој начин прави дистинкција помеѓу Е- трговците кои ги задоволуваат основните правни регулативи кои што се наметнати. Но сепак има и Е- трговци кои немаат, бидејќи за тој беџ треба прво да аплицираат трговците за да се направи проверка дали е се како што треба. Од Асоцијацијата велат дека не постојат разлики во обврските на онлајн компаните и оние – традиционалните кои продажбата и услугите ги нудат физички. Но доколку граѓаните не се задоволни од производот освен во Асоцијацијата за Е-Трговија, може да се пожалат во Организацијата на потрошувачи, и до Државниот пазарен инспекторат.

Дека е -трговијата е во сериозен пораст може да се потврди со компарација на податоците од 2018-та година кога Македонија беше  на претпоследното место од земјите во Европа со само 20 отсто онлајн купувачи од вкупниот број на население со интернет пристап. Без разлика што над 80 отсто од граѓаните имаат пристап до интернет, а платежни картички има издадено повеќе од што има жители во земјава. Пред повеќе од три години на граѓаните и натаму прва и најчеста опција им беше плаќање во ќеш, и пазарење на традиционален начин, во маркети и трговски центри, а не на интернет. Сега работите се сосема поинакви, што поради безбедносни причини, или пак поради следење на западно европските трендови.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП