23 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНето надворешниот долг забележа квартално намалување за 95 милиони евра

Нето надворешниот долг забележа квартално намалување за 95 милиони евра

Според податоците кои ги објави Народната банка, на крајот на првиот квартал од 2021 година, нето надворешниот долг изнесува 3.297 милиони евра и забележа квартално намалување за 95 милиони евра. Притоа, намалувањето на нето надворешниот долг во првиот квартал произлегува од намалувањето на приватниот нето-долг за 91 милион евра, како и од намалувањето на јавниот нето-долг за 4 милиони евра. Кварталната промена на нето надворешниот долг е одраз на поголемото квартално зголемување на побарувањата во однос на зголемувањето на обврските. Имено, бруто надворешниот долг на крајот на првото тримесечје изнесува 9.833 милиони евра и забележа квартално зголемување од 1.203 милиони евра, додека бруто надворешните побарувања забележаа зголемување од 1.298 милиони евра и изнесуваат 6.537 милиони евра.

Негативната нето меѓународна инвестициска позиција, на крајот на март 2021 година, изнесува 6.985 милиони евра, или 60,2% од проектираниот БДП за 2021 година. Од овој износ, најголемиот дел, или 83%, се нето-обврски врз основа на директни инвестиции, од кои 77% се врз основа на сопственички капитал.

На крајот на март од 2021 година, бруто надворешниот долг изнесува 9.833 милиони евра (или 84,8% од проектираниот БДП) и бележи квартално зголемување од 1.203 милиони евра (или за 13,9%). Доколку од долгот се исклучи ефектот од специфичните активности за управување со девизните резерви на централната банка, бруто-долгот бележи квартално зголемување од 900 милиони евра. Оваа квартална промена е резултат на зголемениот јавен и приватен долг (за 599 и 302 милиони евра, соодветно). Растот на јавниот долг се должи на зголемените обврски на секторот „држава” за 600 милиони евра, со оглед на издавањето нова евро обврзница, додека пак обврските на јавните банки и јавни претпријатија се намалија за 3 милиони евра. Кварталното зголемување на приватниот долг се должи на зголемениот долг на капитално поврзаните субјекти (за 145 милиони евра), небанкарскиот приватен сектор (за 130 милиони евра) и на приватните банки (за 27 милиони евра).

Бруто надворешните побарувања, на крајот на првиот квартал од 2021 година изнесуваат 6.537 милиони евра (или 56,4% од проектираниот БДП) и остварија квартално зголемување од 1.298 милиони евра (или за 24,8%). Доколку се исклучи ефектот од специфичните активности на централната банка поврзани со управувањето со девизните резерви, бруто надворешните побарувања се зголемени за 995 милиони евра. Оваа квартална промена е резултат на зголемените јавни побарувања за 602 милиона евра и на приватните побарувања за 393 милиони евра. Растот на јавните побарувања е резултат на зголемените побарувања на централната банка, додека растот на приватните побарувања произлегува од зголемените побарувања на капитално поврзаните субјекти и небанкарскиот приватен сектор, при намалени побарувања на приватните банки.

На 31.3.2021 година, нето надворешниот долг изнесува 3.297 милиони евра (или 28,4% од проектираниот БДП). Нето надворешниот долг на земјата во првиот квартал од 2021 година е намален за 95 милиони евра, или за 2,8%. Од аспект на структурата, и понатаму поголемо учество во вкупниот нето-долг има приватниот нето-долг со 61%.

Во текот на првиот квартал од 2021 година негативната нето меѓународна инвестициска позиција (МИП) е намалена за 35 милиони евра и изнесува 6.985 милиони евра, што претставува 60,2% од проектираниот БДП за 2021 година. Кварталното намалување на негативната нето МИП произлегува од поинтензивното зголемување на средствата (за 1.367 милиони евра) во однос на зголемените обврски (за 1.332 милиони евра). Гледано по инструменти, нето-обврските врз основа на должнички инструменти бележат намалување за 95 милиони евра, додека нето-обврските врз основа на сопственички инструменти се зголемени за 60 милиони евра.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП