19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАОсигурителниот бизнис остана имун на Ковид -19

Осигурителниот бизнис остана имун на Ковид -19

Еден од ретките сектори не само во Македонија, туку и глобално кој успеа да го издржи притисокот од пандемијата и финансиски да не потклекне е осигурителниот. Полисите за дополнително здравствено осигурување според податоците се најбарани од страна на граѓаните, но и земјоделците го продолжуваат континуитетот на раст на осигурување на нивните посеви. Поради затворените граници и стравот од патување очекувано беше драстично да се намали побарувачката на зелениот картон и полисите за патничко осигурување.

Последните информации од осигурителниот сектор се дека кај осигурувањето во делот на неживотно осигурување е забележан раст од пет проценти. Оваа информација според надлежните во оваа дејност е добар показател да се предвиди како ќе се движат работите во иднина. Кај животното осигурување податоците велат дека во однос на лани е речиси идентично или околу нулата, без посебни турбуленции во нагорна или пак надолна линија, но очекувањата се дека во следните два квартала и овој тип на осигурување ќе забележи посериозен раст во однос на лани. Во 2020 година, гледано по класи е забележан раст на сите осигурителни производи, единствено зелената карта и патничкото осигурување имаа тренд на намалување. Во првите три месеци од годинава повеќе од половина граѓани кои купиле полиси од осигурителните компании не биле задоволни од услугите.

„Ланската година 2020 кои многумина веќе ја викаат Ковид година ја поминавме многу квалитетно. Зборувам од аспект на осигурителен сектор, осигурителен пазар, затоа што гледано генерално регистриравме пад од 5% на бруто полисирана премија. Тоа што можам да го истакнам е дека во првиот квартал од 2021 година во однос на првиот квартал од 2020 година имаме раст од 5%, што е позитивен тренд и мислам дека се работи за резулатат на заедничкиот напор што го имаше Агенцијава за супервизија на осигурувањето заедно со осигурителните компании“, вели Крсте Шајноски претседател на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување.

А во време на пандемија осигурителните компании и граѓаните го најдоа заедничкиот јазик, односно едните да понудат, а другите да ја прифатат понудата за користење на дополнително здравствено осигурување. Станува збор за осигурување кое нуди или обезбедува дополнителни здравствени услуги во приватните здравствени институции. Според надлежните со тоа на некој начин се растеретува притисокот врз јавното здравство и врз Фондот за здравствено осигурување, при што не се намалува буџетот на фондот затоа што корисниците на дополнителното здравствено осигурување продолжуваат да плаќаат во државниот здравствен фонд. Во моментов во Македонија дополнително здравствено осигурување имаат 115 илјади граѓани, и е за пет пати повеќе во однос на 2019 година.

„Се работи за дополнителен здравствен издаток кој секој осигуреник поединечно избира дали и во кој здравствен пакет ќе ги уплати своите средства. Од една страна имаме зголемување на квалитетот на заштита, имаме зголемување и интерес за отворање на нови здравствени институции кои ќе нудат повисоко ниво на здравствени услуги и заштита, и од друга страна имаме растеретување на државното здравство кое ќе обезбеди поквалитени услуги за оние пациенти кои не можат да си дозволат користење на здравствените услуги во приватното здравство“, појаснува Шајноски.

Дополнително на оигурителниот пазар веќе може да се најде и полиса која заедно со патничкото осигурување покрива и лечење и последици од Ковид -19. Што се однесува конкретно до патничкото осигурување, тука е забележан голем пад од 75 отсто во 2020 во однос на 2019 година. Но, исто така треба да се напомене и дека е забележан и пад во исплатата на штетите, и во однос на компаниите тука се намалени нивните финансиски штети.

Инаку, податоците од првите три месеци од годинава велат дека за 56 отсто е зголемен бројот на претставки поднесени од осигуреници кои биле незадоволни од услугите на компаниите од кои купиле полиси за осигурување. Согласно Законот за супервизија на осигурување секој осигуреник има право да поднесе претставка со АСО доколку е незадоволен од работата на компанијата од која купил полиса за осигурување.

„За периодот јануари – март осигурениците поднеле вкупно 36 претставки против осигурителни друштва наспроти 23 претставки поднесени во истиот период лани. Од поднесените претставки АСО во четири случаи одлучил во корист на осигурениците кои биле подносители на претставки, за 17 предмети постапката е во тек, а за две претставки е утврдено дека се поднесени без основ за постапување. Во девет случаи причина за претставката била висината на понудениот надоместок за компензација на настанатата штета. Тие претставки не се процесирани затоа што АСО не одлучува за висината за понудениот надоместок за штета. Во корист на компаниите се решени три од сите поднесени претставки. Во првите три месеци претставки поднеле 30 физички лица и шест правни лица. Од аспект на видот на осигурување најмногу претставки – 13 се поднесени за штети од автоодговорност (задолжително осигурување). За оштетни побарувања покриени со осигурување од незгода биле поднесени 10 претставки, а пет се однесуваат на незадоволни осигуреници од осигурување имот. Три претставки се за осигурување живот, а по една за патничко осигурување, каско осигурување и земјоделско осигурување. Најмногу осигуреници вкупно 13 се жалеле на основот за исплата на штета. Деветмина на висината на понудениот надоместок, четворица реагирале на обработката на штетата, по една претставка има за рок на плаќање, одговор по приговор и висина на регрес. По останати основи се поднесени пет претставки.“

И покрај тоа што секоја година расте интересот за осигурување на своите посеви од страна на земјоделците, надлежните велат дека земјоделството е слабо покриено во делот на осигурителната дејност. Една од главните причини поради ова е што и натаму најголемиот дел од земјоделците очекуваат по секоја природна непогода да бидат обештетени од државата, што во најголем дел од случаите и така било. Бројките велат дека во 2020 во однос на 2019 година бруто полисираната премија изнесувала 7,8 милиони евра, а исплатената штета кај четири компании кои ги работат ова осигурување е некаде околу пет милиони евра, но податоците велат дека се работи за многу мал процент на осигурување на земјоделците и нивните посеви.         

Шајноски додава дека лани во март Агенцијата за супервизија на осигурувањето презела неколку чекори за стабилизирање односно амортизирање на ударите кои се појавија во првиот период од Ковид кризата. Информациите од Агенцијата велат дека се променети и одредени правилници кои на компаниите од овој сектор им обезбедија осигурување на осигурителните покритија со осигурениците на начин кој нема да дозволи директен удар од здравствено економската криза. Но од друга страна Шејноски вели дека се работело и за задржување на ликвидноста на осигурителните компании.

Во осигурителната дејност во Македонија има 16 компании, 11 осигурителни фирми работат неживотно осигурување, а останатите пет нудат полиси за животно осигурување. Во овој сектор работат околу две илјади лица.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП