28 март, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАПорастот на цените на домовите во Европа носи страв од нов „балон“

Порастот на цените на домовите во Европа носи страв од нов „балон“

Доколку шведската влада ја постигне својата цел, аеродромот Брома на западниот крај на Стокхолм ќе биде затворен и ќе се користи за изградба на околу 30.000 нови домови, што ќе помогне во ублажување на недостигот што доведе до зголемување на цените во главниот град.

Шведска не е единствена во изнаоѓање на иновативни начини за зголемување на понудата на станови и на крајот намалување на акумулацијата на хипотекарен долг што и се заканува на економијата.

Во многу европски градови цените растат со децении, поткрепени со комбинација на ниски каматни стапки, недостиг на земјиште и градежништво кои не можат да ја задоволат побарувачката, пренесува „Reuters“.

На поранешниот аеродром во Берлин, Тегел, кој беше затворен во ноември минатата година, градските власти планираат да изградат повеќе од 5.000 станови. Политичарите размислуваат и за изградба на социјални станови на поранешниот аеродром Темпелхоф, кој се наоѓа во срцето на градот.

„На среден рок, потребни ни се околу 200.000 дополнителни станови“, рече сенаторот за домување во Берлин, Себастијан Шејл, додавајќи дека половина од тие станови треба да бидат изградени од јавниот сектор и субвенционирани според правилата за социјално домување.

И покрај силните ефекти на пандемијата врз европските економии, што доведе до споредби со финансиската криза од 2008-ма година, растот на цената на имотот се забрза во текот на изминатата година.

Побарувачката од домашните работници очајни за канцелариски простор придонесе за зголемувањето на цените, а невидените фискални и парични стимулации чија цел е одржување на економијата во живот, додадоа масло на огнот.

Британскиот министер за финансии Риши Сунак го продолжи привременото намалување на данокот на имот и најави нова шема што ќе им помогне на купувачите на домови за прв пат да обезбедат депозит. Во април, цените на куќите во Велика Британија го забележаа најголемиот месечен пораст во повеќе од 17 години.

„Она што очекувавме да го видиме е скоро исто како и во 2008-ма година – дека цените ќе паднат“, рече Кејт Еверет-Ален, шеф на меѓународно истражување за домување во консултантската фирма „Knight Frank“. „Немавме идеја до кој степен владите ќе го поддржат пазарот“, додаде таа.

Во Берлин, цените скокнаа за 11% во минатата година, според „Global Property Guide“.

А зголемувањето на закупнините е голем проблем за градот, каде што само околу 17,4% од населението е сопственик на куќата или станот во кој живеат. Во Германија како целина, околу 50% од населението живее во изнајмено сместување и е изложено на зголемени кирии.

Како што се приближуваат изборите во Германија овој септември, политичарите се борат да им покажат на гласачите дека можат да се справат со кризата ветувајќи комбинација на нови социјални станови, повеќе градежно земјиште и построги федерални правила против прекумерно зголемување на закупнината. Но, тешко дека ќе се дојде до брзо решение.

Стокхолм, Луксембург, Москва и Братислава забележаа двоцифрен пораст во последните 13 месеци, а цените паднаа во мал број градови (како Мадрид).

Швајцарската банка „UBS“ нагласува дека Минхен, Франкфурт, Амстердам, Париз и Цирих се градовите во ризик од „балон“ на пазарот на домување. Во четири од 12-те европски градови во „Global Real Estate Bubble Index“ на „UBS“, домовите се прескапи, вклучително и Стокхолм, а само во Варшава, Милано и Мадрид цените се разумни.

„На краток рок, единственото решение (за луѓето) е … да земаат повеќе и повеќе заеми, и ова е грижа не само за поединци, туку и за општеството во целина“, рече гувернерот на шведската Централна банка, Стефан Ингвес.

Оваа недела, банката предупреди на нивото на долг на домаќинствата, повторувајќи ја загриженоста на шведската „Riksbank“ и многу други европски власти во врска со заканата по финансискиот систем.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП