26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАТурција се соочува со уште поголема економска опасност

Турција се соочува со уште поголема економска опасност

Инфлацијата во Турција повторно зема замав. Во април, потрошувачките цени се зголемија за 1,68% во споредба со претходниот месец, соопшти турскиот завод за статистика. И за една година цените скокнаа за 17,14 проценти. Така, нивото на инфлација се повеќе се оддалечува од поставената цел за ниво од пет проценти. Според податоците на статистичката служба, порастот за последен пат беше релативно близу до оваа цел во април 2016-та година – за 6,57 проценти, пишува во својата анализа „Deutsche Welle“.

Пред само неколку дена, новоназначениот шеф на Централната банка од страна на претседателот Реџеп Таип Ердоган, Шахап Кавјоглу ја зголеми прогнозата за инфлација до крајот на годината од 9,4 на 12,2 проценти. И тој предвиде дека инфлацијата ќе достигне пик во април. Претходникот на Кавјоглу, Наџи Агбал, ја зголеми основната каматна стапка од 17 на 19 проценти. Ова е нивото во моментов. Новиот гувернер неодамна објави дека ќе ги остави каматните стапки повисоки од инфлацијата.

Ердоган е отворен противник на високите каматни стапки како средство за борба против инфлацијата и одбива нивно покачување. Преовладувачкото мислење на економистите е дека скапите пари можат да ја намалат побарувачката за кредити, што би довело до пониска инфлација. Недостаток е што ова ја задушува ситуацијата.

„Де факто забраната на Ердоган за одржување на постојана висока каматна стапка ја поткопа довербата во монетарната политика“, рече експертот од „Commerzbank“, Тата Гозе. За две години, турскиот претседател смени тројца шефови на Централната банка.

Од последната промена на врвот на Централната банка, локалната валута, лирата, се намали за точно 13%, што е една од причините за зголемувањето на инфлацијата. Падот на лирата доведе до значително зголемување на трошоците за увоз, а Турција е во голема мера зависна од снабдувањето со суровини од странство.

Поради наметнатата кадровска промена во Централната банка, експертите предвидоа нов пораст на инфлацијата. Заедно со високата инфлација и слабата лира, а Турција има проблем со невработеноста кај младите, која во моментов е скоро 27 проценти.

Неодамнешната блокада во Турција може дополнително да ја влоши економската состојба, барем на краток рок. Сепак, Ердоган сака драстично да го намали бројот на новозаболени со Ковид-19 пред почетокот на годинешната туристичка сезона за да го поддржи овој сектор, кој е толку важен за турската економија.

„Краткорочното големо оптеретување на економијата има за цел да обезбеди подобар развој на среден рок“, рече економистот на „Commerzbank“, Улрих Лојхтман. „Така, Турција продолжува да го фаворизира туристичкиот сектор, но сепак успехот е неизвесен“, додаде тој.

Според експертите, блокадата може да има позитивен ефект и врз турската лира. Покрај тоа, потребите за увоз и, следствено, за валутата потребна за оваа намена привремено ќе се намалат, а туризмот потоа може да доведе до зголемување на девизната заработка. Но, дури и ова во никој случај не е сигурно, бидејќи најсериозен проблем на турската валута останува монетарната политика, рече Лојхтман.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП