20 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНовите трендови носат негативни камати за штедачите во банките

Новите трендови носат негативни камати за штедачите во банките

Како по правило, лимитот е поставен на 100.000 евра, но веќе се слуша дека некои банки сакаат да го намалат тој лимит на само 25.000 евра. Но, сепак: каде да го потрошите она што сте го заработиле?

Одредбите во Германија се јасни – барем малкумина можат да ги разберат: иницијално минатата пролет, а сега од пред Божиќ, само продавници за храна, аптеки и киосци имаат право да работат. Имаше многу проблеми што на фризерите им беше дозволено да работат од пред неколку недели, но сите други трговци треба да излезат со трикови како да ја продаваат својата роба: на пример, со „купување“ преку Интернет и доставување на стоката пред влезот на продавницата.

Интернет-продавниците како Амазон можеби ќе подигнат споменик на Пандемијата од коронавирусот поради неочекуваната рекордна добивка, но Германците – се на се – едноставно беа уморни од тоа да се мачат да купат нешто воопшто. Институтот за германска економија (IW) во Келн пресметал дека потрошувачите во оваа земја трошат во просек најмалку 1.250 евра помалку за роба од широка потрошувачка, пишува Дојче Веле.

Подобро автомобил отколку чевли

На крајот на краиштата, тоа е огромна дупка во износот на пари што циркулира во оваа земја: 116 милијарди евра. Тоа е за 6,1% помала потрошувачка на граѓаните отколку во 2019 година и ова е најголем пад во последните 70 години. Звучи апсурдно што набавката на потрајни предмети – како што се мебел или автомобили – во втората половина на годината дури се зголемила за 5% во споредба со истиот период претходната година, а економистите на Институтот го толкуваат ова како привремена мерка за намалување на данокот на додадена вредност.

Но, причината изгледа можеби поедноставна: луѓето не знаеја каде на друго место да одат со парите. Кога веќе цело време седат дома, можат да си дозволат нов мебел, а да не спомнуваме и убаво биро, затоа што мораат да работат во домашната канцеларија. А останаа пари и за автомобил кога се виде дека навистина нема каде да се потроши заработеното.

Особено е засегната трговијата со производи за широка потрошувачка како што се облека и обувки. Отпрвин, сè уште се купуваше преку Интернет, но дома и онака е сеедно како изгледате. Но, вистинска катастрофа го погоди услужниот сектор: „Државното утврденото затворање на услуги каде што има близок контакт, како што се ресторани, хотели, дискотеки и настани, направи многу желби за потрошувачка да бидат невозможни“, вели економистот од IW Хубертус Бард. Само во овие сегменти, трошењето опадна за дури 78 милијарди евра – или 2% од германскиот БДП.

Потрошувачката во Германија навистина доби бизарни форми во контекст на овие државни трговски забрани: ланците на супермаркети како REWE известуваат за рекорден промет, но признаваат дека огромен дел од тој раст доаѓа од т.н. сектор НФИ – непрехранбени производи. Бидејќи сите супермаркети, а особено дисконтите како „Лидл“ или „Алди“, редовно имаат понуда за сè и сешто, од алати и додатоци за домаќинството до спортски предмети – и се чини дека тие станаа главен извор за купување нешто за куќата.

Верижна реакција на лоши вести

Сето ова всушност значи катастрофа: првенствено за малите и семејни специјализирани продавници за чевли, облека, капи. Прво мораа да се борат против големите стоковни куќи, а потоа и на Интернет, но короната беше премногу за нив. Многу од нив веќе долго време немаат пари да плаќаат кирија за просторот, а на нивните места во центарот на градот ќе останат дупки од излози и продавници за евтини дрангулии.

Ова е проблем и за центрите на градот: во ерата на затворени продавници, таму се шират претежно бездомници во потрага по заштита од дожд, и не само тоа, туку нема ништо привлечно за да се шета низ градот.

Но, најголемиот проблем е финансискиот: за време на кризата во 2008/2009 година, економистите предвидоа и многу посериозен економски пад на Германија, но тие беа изненадени. Од сите страни се слушаа црни предвидувања, но Германците продолжија да купуваат. Оваа нација во никој случај не може да се класифицира како расипничка, но токму овие трошења и помогнаа на целата германска економија да ја надмине кризата.

Заштедите на Германците достигнуваат рекордни износи и 43% од испитаниците во анкетата на овој Институт велат дека ќе продолжат да штедат – во нормални околности тоа е околу 30%. Дури и за омилените трошења на Германците – празникот – не постојат планови. Едвај 30% од нив велат дека тргаат некое евро за летување, инаку ги има околу 50%, пишува Дојче веле.

И ова е проблем и за банките: некои штедилници веќе започнаа да ја ограничуваат сумата што на граѓаните им е дозволено да ја чуваат, во спротивно тие треба да плаќаат казнени камати. Како по правило, лимитот е поставен на 100.000 евра, но веќе се слуша дека некои банки сакаат да го намалат тој лимит на само 25.000 евра. Но, сепак: каде да го потрошите она што сте го заработиле?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП