26 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАМинималната плата ќе се зголеми само 200 денари, вработените во трговските центри...

Минималната плата ќе се зголеми само 200 денари, вработените во трговските центри во недела ќе добијат 100% повисока дневница!

Владата, работодавачите и синдикалците не се договорија за раст на минималната плата на Економско социјалниот совет. Властите и стопанствениците ги надгласаа работниците со осум наспроти четири гласа за висината на минималната плата. Освен за минималната плата на состанокот се разговарало и за недела како задолжителен слободен ден за работниците во приватниот сектор, за што исто така имало големо разногласие.

Од ССМ велат дека за прв пат за потребата од усогласување на минималецот од членовите на Економско социјалниот совет синдикалците се надгласани од страна на Владата и работодавачите во однос на преговорите за висината на износот на усогласување на минималната плата во согласност со Законот која велат се утврдува врз основа на три параметри. Односно минималецот треба да изнесува една третина од порастот на просечно исплатената плата во Македонија, една третина од растот на индексот на трошоците на живот, и една третина од реалниот пораст на бруто домашниот производ за претходната година, според официјалните податоци на Државниот завод за статистика. Во согласност со овие критериуми минималната нето плата ќе изнесува 15 194 денари.

„Претставниците на Владата и работодавачите сметаа дека реалниот пораст на бруто домашниот производ може да биде и во минус, односно, иако Законот за минимална плата укажува на користење на терминот пораст, за претставниците од МТСП, Министерството за економија, Министерство за финансии и работодавачите истиот како таков во минус мора да се земе во пресметката – иако тоа никаде не е напишано во Законот за минималната плата и со тоа на таков начин усогласнувањето на минималната плата по нивните пресметки ќе биде пониско за 211,00 денари и истата ќе изнесува околу 15 190денари. ССМ смета дека таквото​ усогласување на минималната плата на начин на кој и параметарот за реалниот пораст на БДП иако во законот не е предвидено се пресметува како минус и е спротивно на Закон и со тоа работниците ќе бидат оштетени за најмалку околу 2500 денари годишно“, велат од Сојузот на синдикати на Македонија.

На седницата на Економско социјалниот совет не било прифатено и барањето на синдикатот, минималната плата да се зголеми во висина од 60 отсто од просечната плата и истата да изнесува 16 976 денари. Едно од образложенијата на синдикалците за ваквото барање било дека трошоците на граѓани за лекување и превенција од Ковид 19  драстично се зголемиле, па нивните пресметки велат дека само за лекови и витамини потребни се најмалку 6000 денари месечно. Но, тие ги наведуваат и зголемените трошоци на прехранбените и оснатати основни производи кои ги користат граѓаните во секојдневието. Синдикатот потсетува дека минималната синдикална кошничка која е неопходна за едно четири члено семејство изнесува 33 702 денари. Синдикатот смета дека врз грбот на работниците е направена голема неправда, и сега правдата ќе ја бараат преку надлежните судски институции се со цел како што велат да се исправи оваа неправда.

Денар побара став од Ораганизацијата на работодавачи, зошто тие гласале против сумата која ССМ ја барале за зголемување на минималната плата на работниците. Ангел Димитров, прв човек на ова здружение вели дека синдикатите инсистирале во пресметката да не се зема во предвид 1/3 од падот на Бруто домашниот производ и да се земат само растот на платите и растот на трошоците за живот. Димитров додава дека во однос на ова од Министерството за труд и социјална политика дале мислење дека терминот реален раст треба да се користи и кога има опаѓање на БДП.

„Бидејки не се изнајде компромис по оваа точка се гласаше и преставниците на министерствата и на Организацијата на работодавачи гласаа ЗА, а синдикалните преставници ПРОТИВ. ЕСС е колективно советодавно тело на Владата и тој дава само совети и мислења до Владата, и не може никој член на ЕСС да блокира закони“, вели Ангел Димитров претседател на Организацијата на работодавачи.

Во согласност со ставот на ДЗС, дека терминот реален раст се користи кога станува збор за раст или опаѓање на БДП, односно кога стапката има позитивен или негативен знак, Владата мора да го земе предвид и третиот критериум при усогласувањето на минималната плата, вели ресорната министерка Шахпаска.

„Стапката на раст на БДП, како што дефинира и ДЗС, може да биде позитивен или негативен број, односно позитивна или негативна стапка на раст. Оттука Владата на Република Северна Македонија и Министерството за труд и социјална политика се должни целосно да го почитуваат и да постапуваат по Законот за минималната плата и при усогласувањето на минималната плата сме обврзани да ги земеме предвид трите законски наведени критериуми“, ова е ставот на министерката Јагода Шахпаска.

На седницата исто така се разговарало и за измени на Законот за трговија и Законот за работни односи. Според работодавачите констатирано било дека трговските центри кои ќе работат во неделите ќе мора да исплаќаат поголема дневница на вработените и тоа за 100 отсто но и да исплаќаат надомест во висина од 2 отсто од годишниот приход остварен со работа во недела и за време на празниците. Дополнително, во измените на Законот за работни односи предложено е дејностите каде поради технолошкиот процес ќе мора да се работи во неделите, работниците да добиваат зголемена дневница за 50 отсто и да имаат слободен ден во текот на следните седум дена. Во однос на овој закон синдикатите не дадоа зелено светло. ССМ изразиле незадоволство што по изминати шест месеци во преговори за деталите за неработен ден недела нема ништо конкретно, само идеи и предлози кои според нив се на штета на работниците.

„Министерството за труд и социјална политика и Министерката која е воедно и Претседателка на ЕСС, Јагода Шахпаска го промени концептот и предлага ова право покрај во Законот за работните односи да се уреди и со Законот за трговија. ССМ е на став дека ова право за сите работници треба да се уреди со Законот за работните односи како основен и фундаментален Закон од трудово правната област, а не истото право на различни начини да се уредува со посебните закони со што ќе се доведе до нееднаквост на правата на работниците и ќе предизвика правна несигурност. Сметеме дека треба да се уреди зголемување на додатокот на плата за работа во недела за најмалку 100% за секој час поминат на работа на плата за сите работници од дејностите во кои не може да се прекине работниот процес исто како што е утврдено во предлог измените на Законот за трговија од страна на МТСП и Министерството за економија, за одредена категорија на работници како исклучоци кои можат да работат во недела, но притоа се залагаме сите работници да добијат ден за неделен одмор во денот пред односно во денот по недела во која би работеле“, велат од ССМ.

Од Владата посочија дека забелешките на синдикалците кои се во делот на примената на законските решенија дека ќе бидат сериозно разгледани. Дури потоа со заеднички аргументи ќе се дефинираат сите предлог- законски решенија.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП