19 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАБизнисмени со иновативен дух инспирирани од новото „нормално“

Бизнисмени со иновативен дух инспирирани од новото „нормално“

Фондот за иновации и технолошки развој досега има поддржано вкупно 559 компании. Оваа државна институција дава сериозна поддршка на компаниите од приватниот сектор, особено на ново отворени бизниси од страна на млади луѓе кои имаат претприемачки дух и решиле да се пробаат во светот на бизнисот. Освен поголеми иновативни изуми и технолошки решенија, податоците кои се јавно достапни покажуваат дека Фондот поддржува проекти за модернизација на производствена дејност, обнова на софтверски решенија, образовни програми и многу други алатки и проекти кои стопанствениците решиле да го понудат на пазарот. Добар дел од поддржаните иновативни проекти се инспирирани од моменталните потреби кои ги донесе пандемијата.

Од Фондот за иновации и технолошки развој за Денар велат дека за само три години нивното портфолио бележи раст за над 1500 проценти.  Податоците кои ги добивме од Фондот велат дека вкупниот обем на инвестиции надминува 76 милиони евра од кои близу 43 милиони евра како што велат влог на Фондот за иновации, а околу 33 милиони се удел на компаниите кои аплицирале за финансиска помош.

„Успех, ако се знае дека во 2015 наследивме буџет од 9 милиони евра, од кои беа контрактирани само 9% односно (1 милион евра) и поддржани само 35 компании.  За 43 пати е зголемен буџетот наменет за различни инструменти на ФИТР кој е вложен во компаниите. Ги „разбудивме“ компаниите и ги поттикнавме и самите да вложат свои средства во развој и напредок – на 1 евро од државата, 1 евро вложуваат компаните. Ова значи дека вкупните инвестиции во приватниот сектор од 2017 до денес, преку програмите на Фондот, се зголемени за над 3.800 проценти, а обемот на финансиска поддршка за овие компании е зголемен за близу 2.800 проценти во однос на периодот пред 2017 година“, велат од ФИТР.

Во однос на поддшката на млади претприемачи и нивните бизниси податоците велат дека повеќе од 50 отсто од потфолиото на Фондот се стартап компании претжно основани од млади лица, односно има 305 стартап компании со вкупно кофинасирање од Фондот во висина од нешто над 17 милиони евра. Анализите на Фондот покажуваат дека кај компаниите финансирани од Фондот за иновации и технолошки развој има раст од 71 отсто на добивката во 2019 година во однос на претходните години. Дополнително кај тие компании е забележан раст на приходите за 11 отсто и плус го зголемиле бројот на вработени за шест отсто во анализираниот период.

„Овие компании уплатиле 3,5 милиони евра повеќе во јавните фондови за 2019 отколку ФИТР што исплатил кон економијата во истата година. Со други зборови три и пол милиони повеќе во буџетот – повеќе пари за училишта, болници, пензии, социјална заштита и други реални потреби на граѓаните. Создаваме услови и мерки за поддршка на иновации – доказ за успешност, скок од 27 места на Глобалниот индекс за иновации во 2020 година во однос на 2018 – од 84 сега сме на 57. (особено беше значителен скокот лани од 25 места, а растот годинава е за 2 места) Ова во значајна мера се должи на на вложувањата во микро, мали и средни претпријатија од страна на Владата и Фондот за иновации и технолошки развој во изминатите три години.“

Новото „нормално“ ги принуди бизнисмените не само да работат по нови онлајн методи, туку и да размислуваат за бизниси кои ќе бидат во тек со моменталната состојба предизвикана од пандемијата со Ковид – 19. Туристичкиот сектор е еден од најпогодените не само во земјава туку насекаде во светот. Тоа за компанијата Турин Македонија било  доволна причина да се препознае тежината и долгорочните последици од нарушувањата на пазарот, и поради тоа компанијата разви одржлива стратегија за прилагодување на бизнис моделот и ја адресира потребата од надворешен капитал за имплементација на истата. Според податоците од компанијата пред пандемијата тие се занимавале со продажба на групни патување во Европската унија, таргетирајќи ги туристичките агенции. Сега нивниот новитет е онлајн платформата која треба да биде клучен технолошки развој кој ќе овозможи нов модел на компанијата, и  клиентите ќе ги однесе директно до крајните купувачи, до самите туристи. Промената на маркетинг стратегијата на Туринг Македонија од бизнис кон бизнис во бизнис кон клиентите е директен одговор на новите потреби на туристите,  да патуваат безбедно, да уживаат во активности во природа и да откриваат атракции кои сеуште не се комерцијализирани, велат за Денар од компанијата. Инаку овој проект вреди 1.961.000 денари, од кои 588.500 денари е сопствено кофинансирање, а останатиот дел од 1.372 .500 е поддржан од Фондот за иновации.

„Онлајн платформата TRAVEL MADE EASY- for friends and family ќе стане новото продажно место на компанијата Туринг Македонија. Интернет-продавницата ќе понуди до 10 патувања исполнети со автентични локални искуства, во С.Македонија и на Балканот притоа овозможувајќи им на туристите лесно и онлајн да си го кастомизираат патувањето според нивните лични преференци. Производите на Туринг Македонија кои ќе се нудат на онлајн платформата поседуваат клучни предности пред конкуренцијата: Прво, слободата на патувањето во затворени приватни групи до 8 лица (семејства или пријатели) како исклучителна предност во однос на патувањата во големи групи заради рестриктивните мерки од Ковид -19 и промената на желбата за заедничко патување со непознати луѓе. Второ, уникатноста на локалните искуствата, и фактот што истите не можат да ги организираат самите туристи, реализирани во места со недопрена природна убавина, скриени автентични села, пејсажни споменици; Трето, патувањата се водени од Менаџер на патувањето (водич) на нивниот мајчин јазик (англиски, германски, француски и шпански)”, вели за Денар Емилиа Ѓероска – основач и директор на Туринг Македонија.

Следната иновација која е поддржана од државата е проектот Smart School. Станува збор за е-проект којшто настана како одговор на пандемијата и потребата за учење од далечина, преку нова форма на иновација во рамките на неформалното образование. Всушност, се работи за дигитализација на најпопуларните курсеви од полето на дизајнот коишто ќе бидат поставени како онлајн-видео лекции. Од Институтот за дизајн и технологија кои се креатори на овој проет велат дека се обработуваат 3 модули, со фокус на дизајн-процес, односно – фотографија, постпродукција на фотографија и дигитална илустрација. Во овие 3 модули, студентот ќе има можност, преку методолошки развој, да научи и реализира дизајн-продукт – од идеја, преку скица, до конечно дизајн-решение, велат од институтот. Овој проект чини 1.011.000 денари, од кои 303.300 денари се кофинасирање на сопствениците, а останатите 707.700 денари се поддршка  од Фондот.

„Неспорен факт е дека пандемијата, но и самиот интернет со новите дигитални медиуми ги променија навиките во нашето однесување. Можностите да работиме од далечина, да одржуваме состаноци преку најразлични дигитални платформи, да ги организираме нашите проекти и комуницираме со повеќе тимови преку различни дигитални алатки, да купуваме од е-продавници, да учиме и читаме од е-книги, видеа, туторијали и онлајн-курсеви е нашето денешно секојдневие. Токму затоа, не се двоумевме дали овој начин на учење ќе биде прифатен, туку повеќе за тоа каква општествена вредност истиот ќе донесе. Во нашиот случај, преку овој проект на целосна дигитализација на дел од наставните програми, ние им овозможуваме на самите корисници да имаат целосен пристап до материјалот за учење во било кое време, а на младите лица до 30 години им нуди и можност за промена на кариера, доколку во услови на кризата, истите го изгубиле своето работно место. Токму за овие лица, програмите ќе бидат бесплатни“, вели Бинаса Дрндар – Проектен координатор на Smart School.

Инаку во тек е јавен повик кој предвидува ко-финансирани грантови на микро, малите и средни компании за технолошки развој и за забрзан економски раст. На располагање се шест милиони евра.

и.п

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП