26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАЌе удри ли тапан на свадба годинава? Организаторите на свадби денес на...

Ќе удри ли тапан на свадба годинава? Организаторите на свадби денес на протест пред Влада!

Втора недела како угостителите или поточно сопствениците на локали специјализирани за организирање на свадбени прослави и слични семејни манифестации револтот од нефункционирањето го изразуваат на улица, со протести бидејќи не им е дозволено да си ја работат својата работа. Два пати досега, по три часа протестот се одвиваше на раскрсницата во скопската населба Автокоманда. Сообраќајот комплетно прекинат во двата правци а гужвите во главниот град не изостанаа бидејќи собирот се случува од 14 до 17 часот. Си ги бараат сопстевните права, односно да им биде дозволено да работат по строги протоколи кои ќе ги донесе Комисијата за заразни болести.

Но не само угостители, протестите се поддржани и од сопственици и вработени во ноќните клубови, уметници, музичари, фотографи, претставници на студија за декорации, од цвеќарници, исто така шминкери, модни дизајнери и луѓе со други слични професии и дејности кои се поврзани со свадбените или останати прослави. Тие испратија апел до Владата дека се незадоволни што во петтиот пакет мерки се целосно заборавени и оставени на милост и немилост.  

„Имено како и за помошта која претходеше досега, така и во 5 тиот пакет економски мерки, ние сме ставени во иста категорија на економски субјекти со оние кои имаат пад на ланскиот промет. За разлика од нив, ние сме целосно спречени да работиме, бидејќи имаме забрана за вршење на нашата дејност, со одлука на Владата. Како такви, сметаме дека кон нас треба да имаат посебен приод при доделување на економските мерки. Ние 5 месеци од сопствени средства пуштаме плати за нашите вработени ( државата ни помогна 6 месеци ) со условена помош. 11 месеци од сопствени средства плаќаме камати на кредити, кирии, комунални трошоци, осигурување, обезбедување и останати режиски трошоци. Делумната помош во плати и еднократниот грант со максимален износ од 10.000 евра не е  ни приближно доволен за сервисирање на тековните комунални трошоци за нашите големи објекти како и за кириите и кредитите за истите. Таа изнесува 2-4%, за разлика од нашите соседни држави каде изнесува 20% од вкупно остварениот промет во 2019. Попрецизно, таа сума, не е доволна да покрие режиски трошоци ниту за 2 месеци.“ велат организаторите на свадби.

Организаторите на свдбените прослави само бараат протоколи за работа, и да почнат да функционираат. Велат дека за искористување на било каква кредитна линија, па дури и бескаматна, од суштинско значење им е да имаат барем приближен период кога би отпочнале со работа, за да се осмелат да ги искористат понудените кредити и да ја ублажат ако може така да се каже  моменталната неликвидност. Поради тоа, од Владата итно бараат  да ја укине уредбата со која се забранува организирање на секаков вид на настани свадби, родендени и други фамилијарни настани во отворен и затворен дел од објектот. Имено, во првата фаза, тие бараат да работат под веќе усвоените протоколи, според кои функционираат и останатите A la carte ресторани, за потоа да се донесе фазен протокол со постепено олабавување на мерките, во зависност од епидемиолошката состојба во државата. Велат дека станува збор за категоризирани објекти за организирање настани, и располагаат со големи капацитети и не гледат никаква причина поради која не би можеле да отпочнат со работа во овој момент.

„Постојат многу начини според кои надлежните би можеле да се осигураат во почитувањето на овие протоколи. Лице задолжено за заштита и безбедност, камери за инспекциски надзор, дополнително обезбедување, високи стандарди за вентилација, филтрација, ограничување во бројот на гости по квадратен метар, санкции за прекршителите. Досега во минатата година имавме 3 состаноци со Комисијата за заразни болести, каде што понудивме најригорозни протоколи за нашето функционирање, но не наидовме на слух од нивна страна. Апелираме до Владата, да не ги држи во неизвесност илјадниците младоженци и оваа сезона, како и претходната. Да спречиме да ни се повтори минатогодишниот пропуст, каде што младоженците беа принудени своите свадбени церемонии да ги прават во сопствените дворови и изнајмени викендици, без притоа да имаат можност да се примени соодветен протокол со дистанца и без потребните хигиенско- санитарни услови.“ велат организаторите на свадби.

За Денар уште еднаш велат дека стравуваат дека доколку во најбрз можен рок не отпочнат со работа, на оваа индустрија и се заканува целосен пад. А со тоа тврдат дека и ќе се одрази со губење работни места, стечајни постапки, извршители, а негативно ќе се одрази и на сите соработници и доверители, како и на банките. Според претставниците на оваа индустрија, законска можност постои, односно треба да се укине членот 14 од Уредбата излезана во Службен весник на 23. 06.2020 година со која се забранува секаков вид на настани како свадби, крштевки, родендени, во отворен или затворен дел од објектите. Остануваат на ставот дека тие се единствените субјекти на кои  им е забранета примарната дејност од првиот ден на пандемијата. Во споредба со регионот само во Македонија нема протокол за организирани настани во текот на цела година. А според информациите поддршката за субвенционирање на плати и придонеси како и еднократниот грант е убедливо најниска директна помош во секторот во споредба со земјите од опкружувањето.

Од Министерството за економија, институција која е надлежна за угостителскиот сектор во земјава се прогласија за ненадлежни, со образложение дека тие не ги носат протоколите за работа. Посочија дека протоколите треба да се бараат од  Комисијата за заразни болести.  

„Како економски тим секојдневно сме во контакт со стопанските комори, а претходната недела имавме состаноци и со синдикатите со цел да ги дизајнираме економските мерки од петтиот пакет во кој се вклучени и угостителите во делот за исплата на плати за два месеца и во бескаматните кредити со грант компоненета ако покажат позитивни резултати. Мерките се поддржан од сите стопански комори и од синдикатите и стоиме зад нив за да ги реализираме што побрзо и од тоа да имаат придобивка сите дејности.“ велат од ресорното министерство.

А од Комисијата за заразни болести велат дека ја следат епидемиолошката состојба и врз основа на истата ќе дадат препораки за измена на протоколи.

„Во моментов важат последните донесени протоколи, се додека не увиди потреба за промена на истите. За сите нови измени во протоколите, јавноста е навремено информирана.“ велат од Комисијата за заразни болести. Денеска во 15 часот претставниците на свадбената индустрија се на протест пред владата. Доколку не им биде дозволено да работат како што велат по строги кретериуми најавуваат протести во повеќе градови низ државата. 

И.П.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП