26 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГласен текстилец: Или недела неработен ден за сите, освен за неопходните дејности...

Гласен текстилец: Или недела неработен ден за сите, освен за неопходните дејности или протести

Или недела неработен ден за сите, освен за неопходните дејности или протести. Со вакви закани излезе токму иницијаторот на законското решение “Гласен текстилец“, со кој и работниците во земјава ќе треба да ја добијат неделата како неработен ден.

Острите реакции доаѓаат по изјавите на министрите од кои станува јасно дека тие имаат различни ставови за тоа кој треба да работи во недела. Откако на листата со 34 дејности кои беа изземени од списокот и тие ќе мораат да работат во недела првично беа изземени моловите, бутиците, продавниците, кафетериите, денеска министерот за економија Крешник Бектеши излезе со изјава дека тие влегуваат во надлежност на неговиот ресор и треба да работат во недела. Министерот потенцираше дека трговските центри мора да работат затоа што тоа е важно за туризмот.

Но од Гласен текстилец се децидни и бараат од владата да размислат добро дали сакаат да имаат нови протести.

„Воопшто несериозно е да се излегува во јавност и да се нема координираност меѓу владини претставници и огромни разлики во мислења и ставови. Министерството за труд и социјална политика е предлагач на Законот за работни односи, овде е измената. Не разбирам што овде министерот за економија има против. Нека донесе нова евиденција на работно време, ќе го повлечеме законот. До тогаш, вака. И нека се сети цела Влада и министерот за економија од кого се гласани, кого треба да застапуваат, закони за кого треба да носат. Со вакви погубни изјави, создаваат револт кај граѓаните и кај нас кој е оправдан, приватниот сектор го сочинуваат вработените, а не неколку бизнисмени. А токму работниците им дале легитимитет на избори на овие министри и цела Влада, така што, нека размислат добро дали сакаат да имаат нови протести и незадоволство или ќе донесат закон за еден ден да биде слободен за оние работници од кои зависи економијата во државава“, изјави за „Денар“ Кристина Ампева од „Гласен текстилец“.

Таа како правна застапничка на здружение кое го иницирало овој закон, но и активистка, вели дека цврсто стои на ставот дека недела треба да е неработен ден, освен за оние дејности кај кои не може да се прекине процесот на работа,  но и за нормално функционирање на државата.

„Бутици, трговски центри, маркети , продавници, фабрики, не е нужно да работат. Корона кризата ни покажа дека можеме се да набавиме од понеделник до сабота. И начелно законот е спремен согласно овие наши барања, засновани врз докази, истражувања, но и барања на вработените од приватниот сектор. Инаку, за да биде попрецизно, овој закон би бил непотребен доколку во 2017та некој не слушнеше и прочиташе наши истражувања дека неделата, празниците, прекувремената работа не е евидентирана и не е платена. Него сива економија и неплатен труд. На вработените од приватниот сектор им е потребен ден за одмор. Оттука и оправданоста на овој закон“, децидна е Ампева.

Страстите ги разгори министерот Бектеши. Според него законското решение за недела неработен ден не треба да важи за некои дејности, како што се трговските и туристичките центри.

„Имајќи го предвид трендот на изградба на трговски центри, инвестициите кои се прават во таа дејност и приливот на странски туристи во викендите во нашата држава, а посебно од соседните држави, мислам дека многу внимателно треба се разгледа ова прашање и трговските центри да работат и во недела“, рече Бектеши.

Министерката за труд Јагода  Шахпаска неодамна изјави дека трговијата не треба да работи.

„Навиките за пазарување треба да се променат и неважно е дали некој ќе пазарува во сабота или некој друг ден и неработната недела нема да ги загрози работните места“, изјави Шахпаска.

Таа последно изјави дека наместо 34 дејности сега во последното решение има 36, но детали не откри.

„Работниците ги интересира делот на надоместокот за работа во недела и кога тој слободен ден ќе се користи, дали веднаш во понеделник или претходно во сабота како што е искуството во другите земји. Сугестиите на коморите се во делот на дејностите кои што треба да бидат исклучоци и треба да работат во недела, од почетните 34 во моментов се некаде 36 дејности кои треба да работат во недела. Мислам дека сме при крај да го финализираме предлог – законот“, рече Шахпаска. Таа очекува законското решение наскоро да биде готовоо и да се најде пред пратениците.

На последниот Економско-социјален совет на кој покрај Владата учествуваа и работодавачите и синдикалците, беа утврдени 34 дејности како неопходни кои ќе мора да работат во недела. Па така се знаеше дека во недела ќе работат: аптеки, болници, транспорт, медиуми, бензински станици, хотели, ресторани, пожарникари, дејностите од јавниот ред и безбедност, погребални претпријатија, зоолошките, фармерите и други. А требаше да не работат големите трговски центри, освен аптеките и рестораните во нив, но и кафулињата и маркетите. Дали дејностите кои ги споменува министерот Бектеши се додадените две кои ги спомена министерката Шахпаска, за сега не се знае, освен дека списокот беше оставен отворен за дополнување на нови дејности кои ќе можат да работат во недела.

Единствено има договор од сите страни дека работна недела мора да се плати. Но, ова  прашање е уредено и со сегашниот закон за работни односи. Така работниците кои работат во недела треба да бидат платени со една и пол дневница.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП