25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАИдентично намалување на увозот но и на извозот за 10% од Македонија!

Идентично намалување на увозот но и на извозот за 10% од Македонија!

Трговската размена на Македонија со странство бележи сериозен удар. Во текот на ланската година Државниот завод за статистика пресметал намалување на увозот и на извозот во однос на податоците за 2019 година. Податоците од извештајот покажуваат дека извозот најчесто го сочинувале производите од компаниите сместени во индустриските зони, претежно од автомобилскиот сектор но и од металната индустрија, а пак стоките кои се увезувале во земјава во најголем дел биле метали, нафта и нафтени деривати. Превозниците беа оние кои се најдоа први на удар од пандемијата, и сега бараат посебни брзи ленти на граничните премини за побрз проток на стоките кои ги дистрибуираат низ државте. Бизнис заедницата очекува полека да се нормализира состојбата, и да се врати во полна пареа производствениот ритам.

Трговијата на земјава во периодот од јануари до декември лани надмина 13 милијарди евра, покажуваат податоците на државната статистика. Податоците велат дека извозот е речиси шест милијарди евра, а пак увезената стока во земјава достигнува вредност од нешто над седум и пол милијарди евра. Трговскиот дефицит на Македонија достигнува речиси две милијарди евра. Покриеноста на увозот со извозот изнесува 76 отсто. Овие бројки покажуваат дека во однос на 2019 година извозот од Македонија бележи намалување за 9,8 отсто, додека пак увозот е намален за 9,7 отсто,

Водечката европска економија Германија и натаму е најдобриот бизнис партнер на земјава, потоа следуваат Велика Британија, Србија, Кина и Грција.

„Трговската размена по производи покажува дека во извозот е најголемо учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и фероникелот. Во увозот се најмногу застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), плоснатоваланите производи од железо или нелегиран челик, неплатинирани или необложени и другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав“, стои во извештајот на ДЗС.

Од асоцијата на превозници Макамтранс за Денар велат дека транспортниот сектор на почетокот на пандемијата доживеа вистинки удар, поради блокадите и задолжителните тестирања на граничните премини. Освен финансиски потешкотии транспортерите работеа со огромен ризик бидејќи секојдневно биле и се во опасност од контакт со опасниот вирус. Сега, кога следи период на вакцинација и сигнали за нормализирање на ситуацијата од Макамтранс испраќаат предлог до Царинската управа со кој бараат Протокол за постапување на граничната полиција кај која треба да стасува унифицирана апликација со потребни информации за возилото и стоката која се превезува или да се направи мобилна алатка за мобилните телефони на која јасно ќе се покаже код или друга информација дека апликацијата е прифатена и тоа возило може да се движи по зелена лента. Според транспортерите, на секој граничен премин треба да има поставено Табли со јасни инструкции на која лента треба да поминуваат возилата, односно која е зелена лента, со што навреме ќе се издвојуваат од колоната возила и ќе се упатуваат на тие ленти.

„Потребно е веднаш да се пристапи и кон договори за изградба на дополнителни ленти на граничните премини затоа што постојат долги години преговори и најава за изградба на истите (Србија, Хрватска и Унгарија), а за сите останати да се даде напатствија за преземање соодветни мерки за проширување на граничните премини и воспоставување на „one stop shop“ систем со што ќе се намали за сите возила периодот на чекања поради дуплите контроли кои постојат. Најбитно од се е во секоја држава да се одреди контролен орган кој ќе го следи исполнувањето на пропишаните протоколи за користење на зелена лента“, велат од Макамтранс.

Информациите од терен велат дека превозот на стока на територија на Европа се одвива согласно воспоставената размена на стоки меѓу државите и постепеното заживување на целото стопанство во услови на пандемија  прогласена поради Ковид – 19. Бројот на превозници се зголемува и тоа во континуитет, и сега условите за работа на превозниците се многу подобрени во однос на првите три месеци од ланската година.

Бизнис конфедерацијата на Македонија потврдува дека пандемијата удрила врз побаравачката и понудата не само на домашниот туку и на меѓународниот пазар, велат тоа е неизбежно. Загубите сметаат бизнисмените дека се на ниво на 2008 а во некои производствени сектори и поголеми.

 „Она што загрижува е дека скоро десет отсто ни е намален извозот и доколку кризата продолжи тогаш ќе имаме проблем со продолжување и продлабочување на извозната криза, така ќе ја наречам, бидејќи производите кои ги имаме ние можеби нема да им бидат толку потребни на партнерите. Ќе мораме да се поврзуваме на домашниот пазар, на домашните потрошувачи и на домашните производствени капацитети. Иако ова е само како идеја и како теза, меѓутоа за реализација, државата, банките и менаџерите мора да знаат дека ќе треба да се обезбедат средства и полесни начини, кои не мора да значи дека треба да бидат субвенционирани, туку поддржани и концептуално, и теоретски и практично со пари“, велат од Бизнис конфедерацијата на Македонија.

Тоа што претставува позитивен податок е дека во време на пандемија извозот од земјава лани е зголемен за четири отсто во однос на 2018 година. Но трговската размена не е проблем само за Македонија, намалувањето на нарачките и производството лани беше глобален тренд поради здравствено економската криза. Очекувањата во светот се дека кон крајот на оваа година светот ќе се врати на старата патека, а бизнисот полека ќе закрепнува и веќе од следната година ќе престои периот на враќање во старата нормалност.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП