25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАГраѓаните штедат на храна - паѓа прометот во трговијата со основните прехрамбени...

Граѓаните штедат на храна – паѓа прометот во трговијата со основните прехрамбени продукти

Граѓаните штедат и на храна, се помалку купуваат основни прехрамбени продукти. Пандемијата го стегна паричникот и приходите на населението кое се повеќе ги чувствува последиците од најголемата светска криза. И податоците на Државниот завод за статистика го покажуваат тоа. Во декември лани паднал прометот во тргоијата на мало, во споредба со последниот месец од 2019 година. Пад има во сите групи, а тој во трговијата на мало со храна, пијалаци, тутун, реално е помал за 10 проценти. А граѓаните реално штеделе и на се друго.

„Во трговијата на мало, во декември 2020 година, во споредба со декември 2019 година, гледано по групи и класи, намалување на прометот е забележано во групите: Трговија на мало со храна, пијалаци и тутун (номинално за 6.6 %, а реално за 10.0 %), Трговија на мало со непрехранбени продукти, освен гориво (номинално за 15.8 %, а реално за 16.0 %), Трговија на мало, освен трговија со горива (номинално за 11.5 %, а реално за 13.2 %) и Трговија на мало со автомобилски горива (номинално за 25.8 %, а реално за 16.2 %).“- соопшти Државниот завод статистика.

Според експертите, ковид-кризата и намалените семејни буџети на граѓаните, допринеле тие да се воздржат од набавки. Професорот Илија Ацески во изјава за „Денар“ вели дека земјава е една од најсиромашните земји во Европа и нашите граѓани веќе нема од што да штедат, па се приморани да внимаваат и при набавките на храна.

„Од криза во која било форма, димензија и сфера во било кое општество, најпогодени се секогаш најсиромашните. Македонија е една од најсиромашните земји во Европа, некаде 20-25 проценти од населението се под линијата на сиромаштија – кои не успеваат да ги задоволат елементарните егзистенцијални потреби. Значи тие постојано се опседнати со помислата како ќе го поминат денот. А реално нема ниту од што друго да штедат, туку од храна. Сите оние кои се во зоната на сива економија, речиси една година се без приходи или со намалени приходи и тие влегоа во таа ризична зона. А дополнителен ризик за нив е и неизвесноста, непредвидливоста која дополнително ги притиска“, изјави професорот Илија Ацески за „Денар“.

А друг проблем е и тоа што храната на светскиот пазар е се поскапа. За земја како нашата, која е зависна од увозат, која не ги задоволува со домашно производство потребите од храна на населението, тоа е дополнителен ризик токму по најсиромашните.

Агенцијата за храна на Обединетите нации (FAO) објави дека цените на храната на светските берзи пораснаа осми пат по ред во јануари и го достигнаа највисокото ниво од јули 2014 година, а на врвот на листата се најдоа житариците, шеќерот и растителните масла.

На официјалната веб-страница на оваа организација, чие седиште е во Рим, се наведува дека индексот на FAO на цената на кошницата на основните прехранбени производи се зголемил во јануари годинава за 4,3 проценти во споредба со ревидираната вредност во декември минатата година, на просечни 113,3 поени, што е највисока вредност од јули 2014 година.

Така цените на житните култури пораснаа за 7,1 проценти на годишно ниво на почетокот на годината, а пченката беше предводник со 11,2% повисоки цени, потпомогнати од зголемените кинески набавки и проценките за неочекувано слабо производство и залихи во Соединетите Американски Држави, со привремен прекин на регистриран извоз во Аргентина.

Пченицата се зголеми за 6,8 проценти во јануари како резултат на зголемената глобална побарувачка и очекувањата за намален извоз од Русија. Во споредба со јануари 2020 година, цените на житарките се зголемени за дури 42,3 проценти, според FAO. Додека пак цените на шеќерот се зголемија за 8,1 процент во јануари, додека индексот на цените на растителното масло се зголеми за 5,8 проценти, што е најмногу од мај 2012 година, покажуваат податоците на Агенцијата за храна на Обединетите нации.

Главен апел пак на домашните експерти, со години и пред корона-кризата беа дека земјава мора да го поттикне домашното производство за да ги намали трошоците за увоз на храна од странство.

С.А

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП