25 април, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАКОВИД КРИЗА ВО МАКЕДОНИЈА: Слаба државна помош, откази, раст на нееднаквоста

КОВИД КРИЗА ВО МАКЕДОНИЈА: Слаба државна помош, откази, раст на нееднаквоста

Нееднаквост во време на корона – Ефекти од пандемијата на Ковид-19 врз македонската економија е името на студијата која ја изработи невладиниот сектор и се состои од четири дела. Фондација за демократија на Вестминстер стои позади овој проект кој ги анализира, ефектите врз макроекономијата, распределбата на државната помош за фирмите, ударот на здравствено-економската криза врз стандардот на граѓаните и очекувањата за евентуално опоравување годинава и можно нормализирање на состојбата во 2022 година.

Падот на Бруто домашниот производ од 14,9 отсто во вториот квартал од 2020 година на годишно ниво е пад каков што никогаш не е забележан во кварталните податоци во земјава. Според проекциите кои се наведени во студијата, очекувањата се дека БДП во 2020 година ќе падне за 5,6 отсто, а веќе годинава и идната година да порасне и да го достигне нивото од пред кризата. Но тоа што е сериозно е дека падот во вториот квартал лани е меѓу највисоките во Европа. Податоците велат дека од 38 економии, девет имаат повисок пад на БДП од Македонија, а 28 држави помал. Состојбите на пазарот на трудот, исто така се влошија за време на пандемијата. Во вториот и третиот квартал заедно, бројот на вработени лица според Анкетата за работна сила е намален за 25.545, односно за 3,1% од вкупниот број вработени. Од друга страна, просечната плата не бележи намалување за време на пандемијата, односно, таа во третиот квартал е повисока за 1,2% отколку во првиот.

„Влошувањето кај пазарот на труд во РСМ е поизразено отколку во другите европски земји. Од земјите за кои има расположливи податоци за вториот и третиот квартал на 2020 г. само две имаат поголем пад на вработеноста. Што се однесува до платите, шест европски земји имаат помал раст на платата од РСМ, а десет повисок. Ова укажува дека владините мерки сепак не биле доволно добро дизајнирани и насочени. Како одговор на економската криза предизвикана од пандемијата на КОВИД-19, Владата на РСМ во текот на 2020 година усвои четири пакета мерки за поддршка на економијата. Мерките во суштина беа слични со мерките во развиените европски држави, но сепак постоеја одредени разлики. Вкупната големина на мерките изнесуваше околу 3,5% од БДП, со што е трета најмала во Европа. Од тоа, мерките со буџетски импликации изнесуваа 2% од БДП, додека мерките без директни буџетски импликации 1,5%“, стои во анализата.

Пандемијата доведе и до значајно намалување на странските директни инвестиции и дознаките од странство. Приливите по основ на СДИ во вториот квартал на 2020 г. беа дури и негативни и изнесуваа -28 милиони евра, што укажува на повлекување на капиталот од страна на странските компании. Во третиот квартал, странските инвестиции се вратија во позитива, но беа минимални, само 30 милиони евра. За споредба, во првиот квартал на годината, странските инвестиции изнесуваа 233 милиони евра, а во 2019 година 488 милиони.

Во однос на државната помош за компаниите, во студијата на невладиниот сектор стои дека  трговијата на мало, производството на облека и угостителството се трите дејности кои имаат добиено најголема поддршка во апсолутна вредност. Податоците велат дека објектите за сместување, туристичките агенции и производството на кокс и нафтени деривати се дејностите кои имаат покриеност од над 60 отсто од вкупниот број на работни места. Текстилната индустрија (облека, текстил, кожа) добила вкупно 14% од вкупната поддршка со првите три пакета. Релативниот процент на поддржани работни места во однос на вкупниот број работни места во дејноста покажува дека фирмите коишто се занимаваат со обложување и игри на среќа имаат добиено најголема поддршка гледано на овој начин, односно поддршката која ја добиле покрива 87% од вкупниот број работни места во таа дејност.

 „Вкупната доделена поддршка на микро компаниите изнесува 1,9 милијарди денари, што претставува 37% од вкупно доделената поддршка. Од аспект на ефективна поддршка на компаниите според нивната големина, може да се констатира дека 44% од сите регистрирани мали претпријатија ја искористиле поддршката, односно 2.187 од 5.007 компании. Средните претпријатија се следни со 41% од вкупно регистрираните компании, односно 362 од 887 компании. 36% од микро претпријатијата, 24.876 од 69.785 компании и 31% од големите претпријатија, 55 од 176 компании ја искористиле владината програма. Близу 50% од работните места во големите компании биле опфатени со финансиската поддршка, додека процентот на поддржани работни места во микро, малите и средните компании е помал и се движи од 29% до 32%“, стои во анализата.

За време на анализираниот период нееднаквоста во распределбата на доходот мерена преку Џини индексот е зголемена значајно, околу 30 отсто во февруари до 35 отсто во јуни.

„Може да се забележи дека, за целиот период, доходот во секоја доходовна група се намалил, при што најголем пад, во износ од 8%, има во вториот децил каде се наоѓаат поединци кои имаат примања во вредност околу минималната плата (од 14.500 до 15.000 денари). Најмал пад има во првиот децил, каде припаѓаат лица со примања помали од минималната плата (-3,5%), како што се лицата со скратено работно време, кои веројатно биле принудени да работат повеќе од вообичаено за време на кризата“, стои во студијата на невладините.

За 2021 година се очекува раст помеѓу 1,1% и 4,9%, зависно од тоа како ќе се развива пандемијата во европските земји, дали ќе има влошување на здравствената состојба кај нас и колкава ќе биде владината фискална поддршка. Освен краткорочните економски мерки за надминување на тековните проблеми со пандемијата, ќе биде потребно да се преземат и мерки за надминување на среднорочните проблеми кои пандемијата ги предизвика, односно зголеми, како што е растот на нееднаквоста. Нееднаквоста ја поткопува социјалната кохезија и претставува сериозна пречка за економскиот раст и развој на среден рок. За нејзино намалување, потребни се редистрибутивни политики и во наредниот период, создавачите на политиките треба да почнат да размислуваат и во оваа насока.

И.П

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП