6 мај, 2024
ПочетнаЕКОНОМИЈАНајтешка криза од Големата депресија: Огромни загуби на пазарот на трудот

Најтешка криза од Големата депресија: Огромни загуби на пазарот на трудот

Пандемијата го намали бројот на работни часови во светот за 8,8 проценти во 2020 година, а приходите од работа за 3.700 милијарди долари, објави Меѓународната организација на трудот (МОТ).

8,8 проценти од изгубеното работно време, во споредба со четвртиот квартал од 2019 година, се еднакви на 255 милиони работни места со полно работно време, утврди МОТ.

Бројката вклучува 144 милиони луѓе кои останаа без работа и работници со скратено работно време поради ограничувања против пандемијата, што е бројка без преседан, се вели во соопштението.

„Огромната загуба резултираше со пад на глобалниот доход на труд од 8,3 проценти (без мерки за поддршка), или 3,7 трилиони долари односно 4,4 проценти од глобалниот бруто домашен производ (БДП)“, објасни МОТ.

„Ова е најтешката криза на пазарот на трудот од Големата депресија во 30-тите години на минатиот век. Нејзините последици се многу поголеми од последиците од глобалната финансиска криза во 2009 година“.

Генералниот директор на МОТ, Гај Рајдер, сепак укажува на првите знаци на закрепнување. „Ги забележуваме првите слаби знаци на опоравување, кревки и несигурни, со крајно нееднакви изгледи“, додаде Рајдер.

„Иако сè уште се обележани со висок степен на несигурност, последните проценки за 2021 година покажуваат дека повеќето земји ќе забележат релативно силно закрепнување во втората половина на годината, откако програмите за вакцинација почнаа да даваат резултати“, рече тој.

Тој е загрижен, сепак, дека дури 71 процент од изгубените работни места се однесуваат на 81 милиони луѓе кои ја напуштиле категоријата работна популација.

„Овие луѓе едноставно го напуштија пазарот на трудот. Или тие не се во можност да работат, можеби поради антипандемиски ограничувања или социјални обврски, или се откажале од барање работа“, додаде тој.

Пад на бројот на работни часови се очекува и оваа година, а можеби и следната година. Се проценува дека ниту 2021 година, ниту следната година нема да значат крај на финансиските и социјалните проблеми за милиони луѓе“, рече Рајдер.

Податоците на МОТ покажуваат дека кризата најмногу ги погодува жените и помладите работници, претежно во секторите сместување, храна, малопродажба и производство. Секторот за финансиска и информатичка технологија, всушност, забележа раст во 2020 година, посочува лидерот на МОТ.

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ХОРОСКОП